Во најавата за „Тој и Таа“ ќе биде забележано дека станува збор за пионерскиот проект кој е производ на културата во време на физичка изолација,единствен од својот вид, настанат преку вмрежување на интернет платформите и перформативноста.
Дека овој уникатен зафат на Театарот „Јодан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес е уметнички одговор на кризата, производ на културата во вирусна состојба чија цел е преку максимално користење на комуникацијата која ја овозможува интернетот да се истражува изведбеноста во нестандардни облици.
Предвидени се дванаесет епизоди кои театарот еднаш седмично, во ист термин, почнувајќи од оваа сабота, на 9 мај во 20:00 часот ќе ги поставува на својата официјална веб страница www.teatarveles.mk.
Режијата ја потпишува Деан Дамјановски, драматургијата Сашо Димоски, а видеодизајнот и монтажата Филип Коруновски. Играат актерите: Благојчо Стојанов, Талија Настова, Васил Зафирчев, Славица Манаскова, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Зорица П. Панчиќ, Симона Димковска, Слободанка Чичевска, Жарко Спасовски, Исидор Јованоски и Кети Борисовска.
Во пресрет на официјалниот почеток на проектот Дамјановски појаснува дека се работи за текст од еден современ француски автор, Жан Пјер Мартинез, кој требало да го работат оваа година во сопствена продукција. Вели дека кога започна пандемијата имало еден вакуум период „во кој никој ништо не правел и не знаел што ќе прави“ и практично овој проект се родил од веќе постојниот, замислен за на сцена во комбинација со ситуацијата во која што се наоѓаме. Дополнува дека самиот текст говори за односот помеѓу еден маж и една жена низ различни фази на животот. И тука доаѓа моментот на реализација. Се договориле да го направат бидејќи сите инволвирани уметници и институцијата сметале дека тоа е навистина добар потег за Театарот.
- Единствено што можам да тврдам дека е ова наш одговор на една ситуација, на една состојба во која што се наоѓаме и која може да биде повторлива. Да остане таква или да се смени онаа наша реалност од претходно. И ова може да се толкува како некој наш првичен рефлекс. Рефлекс на луѓе коишто се занимаваат со драма и со театар. Процесот на реализација беше и сеуште е она што беше интересното. Се договоривме, што е многу важно за овој проект, да ги користиме само капацитетите, односно да не излегуваме надвор од состојбата во која се наоѓаме и да ги користиме техничките и технолошки капацитети онакви какви што ги имаме,вели режисерот.
Појаснува дека комуникацијата, пробите, снимањата се одвивале поединечно. Секој сам дома. И потоа снимените материјали биле ставани на платформите.
Дамјановски истакнува дека тоа е слично како со катите во каратето. Таа борба со замислен противник. Притоа, како што вели, „ја имаш истата енергија како во битка, но го немаш противникот спроти себе“. Или „како актерите коишто играат во филмови каде што партнерот е анимиран лик или компјутерски генерирана слика“.
- Главниот предизвик беше да се искористи потенцијалот. Тоа беше и концептуалната задача. Значи што нуди оваа ситуација. Знаеме што одзема. Ни ја одзема близината, присуството и т.н. ... Но прашањето беше што нуди поинаку. Не знам јас дали производот е театар. Дали е интернет театар. Дали е перформанс. Кај може да биде ставен. Единствено што ми беше важно како човек кој се занимава со ова, па и како некој еве да речеме истражувач во областа на театарот и изведувачките уметности беше да видиме што нуди ситуацијата. Што нуди контекстот и како ние со нашите пред знаења, искуства, вештини ...можеме да одговориме на тоа. А, дали тоа е некаква иднина и во која насока би се развивало не би знаел, смета Деан Дамјановски.
Деан Дамјановски
Режисерот потсетува и дека имајќи ги во предвид историјата на театарот и историјата на изведувачките уметности, театарот многу се менувал. Од некакви примитивни ритуали, преку театарот во античко доба кој се играл пред 3.000 – 10.000 посетители ...па до театри во кои се игра за 10 -15 луѓе ...
- Практично не знаеме која би била таа некоја нова сетилност која би се развила и која би ја сменила нашата перцепција за тоа што значи близина, таква интеракција ...Има една максима која деновиве доста се врти. Ја зборуваат многу теоретичари – дека единственото нешто што го држи театарот е физичкото присуство на едно место, во еден простор...дали тој е поделен или не, независно...на тој што игра и тој што гледа. Таа позната на Питер Брук. За да имало театар треба да има простор, еден што игра и еден што гледа. Но, во време кога се редефинираат еден куп други работи, кога поимите добиваат нови значења ... не знам дали театарот може да го задржи тоа. Единствено. Концептуално и свое. Можеби и тоа некако ќе се редефинира. Во секој случај ова што го правиме е интересно за нас што го правиме, не знам за оние што ќе го гледаат како ќе биде...но знам дека откриваме некои нови работи. Еве, од епизода во епизода, користејќи го телевизискиот жаргон, претпоставувам дека ќе откриваме нови работи и можно е тоа да си го задржиме и во иднина, кога ќе почнеме да работиме жив театар, како една линија од театарот којашто ќе се занимава со ваков тип на истражување, продукција ... Да одделуваме малку енергија и средства ете малку на еден ваков тип уметност. На една ваква секција, дивизија во театарот во која би се занимавале со тоа ете што би било кога би било, заклучува Дамјановски.