Коле Ангеловски, актер и режисер, и Зорка Тодорова – Младеновиќ се годинешните добитници на наградата „Златен објектив“ што Кинотеката ја доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Роден 1943 година во Скопје, Никола Ангеловски – Коле е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги имал уште како дете, во детската радио-драма и детскиот куклен театар, но на филм дебитирал во 1962 година во „Саша“ на Раденко Остојиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 година па се до пензионирањето бил вработен во Драмски театар во Скопје.
Коле Ангеловски добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги на филмот и во театарот и покрај великаните Петре Прличко и Илија Џувалековски, се смета за еден од македонските актери кој остварил најголем број на улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската.
Бележити се неговите остварувања во „Битката на Неретва“ на режисерот Вељко Булајиќ, еден од најамбициозните и најскапите проекти во југословенската продукција каде играле и ѕвезди како Јул Бринер, Сергеј Бондарчук, Орсон Велс, Франко Неро, Олег Видов, Силва Кошчина...а автор на плакатот бил Пикасо, потем „Жед“ работен по сценарио на Живко Чинго и во режија на Димитрие Османли, „Лито виловито“ на Обрад Глушчевиќ со Љубиша Самарџиќ, Десанка Беба Лончар, Милена Дравиќ и Борис Дворник како носители на главните улоги и така со ред. Не помалку значајно била неговата игра во дела како „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крва свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“ и други филмови каде Ангеловски оставал бисери од својот несомнено голем грлумечки потенцијал.
Во 1973 година Коле Ангеловски го режирал својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах љубов моја“ кои одлично поминале кај широката публика.
Зорка Тодорова-Младеновиќ (1943), пак, е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 година, по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за тв-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски, Битолски театар, Театар на националности, Театар „Пралипе“, итн.). Во 1977 година Тодорова-Младеновиќ специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз, и почнува поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција. Подоцна била предавач на Историја на облека и Модно креирање како доцент на ФЛУ и вонреден професор на ТМФ, кадешто се пензионира.
Зорка Тодорова – Младеновиќ како автор е потписник на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на повеќе од 200 историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и во Археолошкиот музеј во Скопје.
„Златниот објектив“ на Коле Ангеловски и на Зорка Тодорова-Младеновиќ свечено ќе им биде врачен кога ќе се создадат поповолни услови за манифестации од ваков вид и за организирање културни настани и собирања.
Инаку, досегашни добитници на ова значајно признание кое Кинотека го доделува на 29 април и е врзано со датумот на нејзиното основање како институција од посебен општествен интерес во Републиката која има задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење, се режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмскиот критичар Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографот Елена Дончева.