По две години од промовирањето на идејата, во галерија Акантус во Скопје, од 13 март до 22 април, е планирано да биде поставена биеналната изложба „Париски сигнатури 2“.
Станува збор за поставка што ја крепи и воздигнува потребата да ги претстави дел од македонските уметници што престојувале во ателјето на Cité Internationale des Arts, „живееле во Париз и го впиле шармот, ја почувствувале неговата слободоумност и елеганција, уживале во неговата дрскост и бунтовност и со сето тоа се воспитувале низ другоста што ја нуди Градот на светлината.
А, на ова второ издание на „Париски сигнатури“ ќе биде достапна селекцијата на дела на Тања Балаќ, Атанас Ботев, Шќипе Мехмети, Наташа Милованчев, Кристијан Санев, Марија Светиева и Маријета Сидовски, избор што во случајов како куратор го потпишува Дијана Томиќ Радевска.
Во пресрет на изложбата таа пишува: Визуелниот уметник ја бара својата совршена форма на мислата, никогаш верувајќи ѝ тотално на довербата која делото ја загатнува. Барајќи ја содржината уметникот трага по бесконечноста на знаењето и сознанието. Новите мисли по кои уметникот трага не се само форми, објекти, туку хармонијата на единството, лиризмот кој созрева од сржта на своето значење. Тогаш нема значење во повторувањето на перцепциите туку перцепциите се самиот готов резултат.
Појаснува дека „мобилноста на еден создавач, визуелен уметник, кој трага по состојките на својот интерес, суштествено може да го измени чувството на припадност или на неприпадност како слобода по која бескрајно се трага“.
Со начинот на кој амбиентот ќе го формира уметникот или ќе го обликува со оглед на неговата вештина, тој создава возбудлив, сублимиран, во и вон каноните „убав“ свет. Така станува креатор на она што е или, пак, што може да биде, забележува Томиќ Радевска.
И, кога сме веќе тука, она исклучително битното. Согласно владините препораки за не одржување на јавни настани, заради состојбата со корона вирусот, свечено отворање на изложбата НЕ е планирано, а љубителите на уметноста ( оние, како што на шега забележуваат од Акантус, „храбрите“ и „здравите“) ќе можат да ја проследат само индивидуално.
„Ова е едно чудно време. И светските музеи бележат пад на интересот во културата. Дури тие го поврзуваат и со економските последици коишто може да ги остави ова затворање на културните настани за широката публика. Разбирливо некои од нив глобално ги затворија и вратите воопшто за било какви посетители, а за нас исто така ќе биде еден период кога стравот, сериозноста на проблемот можат да донесат некакви последици што се однесува до активностите. Сепак ние во Акантус сме тука, ќе работиме редовно меѓутоа само за поединечни посетители“, истакнува Дијана Томиќ Радевска, ликовен уметник и куратор на „Париски сигнатури 2“.
Инаку, чисто како за потсетување „Париски сигнатури“, како проект инициран од Галеријата и поддржан од Францускиот институт во Скопје, првично беше претставен на 16 март 2018 година, кога публиката на едно место можеше да ги види делата на македонските уметници Борко Лазески, Миле Корубин, Боро Митриќески, Глигор Чемерски, Газанфер Бајрам, Илија Пенушлиски, Рубенс Корубин, Никола Иванов – Балтон, Росица Лазеска, Марина Лешкова, Дијана Томиќ Радевска, Симонида Филиповска Китановска, Пандора Апостолоска Саздовска и Сашо Саздовски, а тогашниот избор го направи нивната колешка, уметничката Марина Лешкова.