Достапни линкови

Годинашните Оскари „медени“ за македонската кинематографија


Во Лос Анџелес викендов се одржува годинашното 92-ро доделување на Оскари. Македонскиот кандидат, „Медена земја“ е номиниран во две категории.

Документарниот филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е номиниран во категориите најдобар документарец и најдобар странски филм.

„Пред сѐ, би сакале да им се заблагодариме на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна - алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат“, напиша по номинациите на официјалната страница на Фејсбук тимот кој стои зад „Медена земја“.

„Медена земја“ е животна школа за Котевска
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:35 0:00

Филмот е приказна за Атиџе и пчелите и досега доби голем број награди на повеќе светски фестивали. На оскаровиот црвен тепих заедно со филмскиот тим ќе присуствува и Атиџе. Доказ дека филмот е меѓу фаворитите на публиката е и објавата на „Гугл Трендс“ неделава во која вели дека Северна Македонија е најпребарувана локација поврзана со доделувањето на Оскарите.

На годинашните Оскари најмногу номинации има филмот „Џокер“ на Тод Филипс во вкупно 11 категории. Покрај „Џокер”, уште осум филмови се во трката за најдобро филмско остварување за 2019 година. Како најсериозен противкандидат на „Џокер” се спомнува „1917″ – филм на британскиот режисер Сем Мендез, што има вкупно 10 номинации. Оваа воена драма на овогодишното доделување на БАФТА наградите го освои признанието за најдобар филм и шест други одличија. Меѓу главните фаворити за најпрестижното признание, е и носталгичната ода на Квентин Тарантино за последните денови на стариот Холивуд – „Беше еднаш во Холивуд”, со 10 номинации.

Во категоријата за најдобар странски филм, покрај „Медена земја“ номинирани се „Корпус Кристи“ во режија на Јан Комаса, „Клетници“ во режија на Лаџ Лу, „Болка и слава“ во режија на Педро Алмодовар и „Паразит“ во режија на Бонг Џун Хо.

Додека за најдобар документарен филм, „Медена земја“ е номинирана заедно со „Американска фабрика“ во режија на Џулија Раичерт и Стивен Богнар, „Пештерата“ во режија на Ферас Фајарт, „На работ на демократијата“ во режија на Петра Коста и „За Сама“ во режија на Вад Ал - Катив, и Евард Ватс.

Македонија испраќа кандидати за Оскар од 1994 година. Досега има испратено 14 филмови, но само „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1994 година успеа да биде номиниран.

Инфографика
Инфографика

XS
SM
MD
LG