Достапни линкови

Јанкуловски чествуван со наградата „Лоренцо ил Мањифико“ во Фиренца


На македонскиот уметник Мице Јанкуловски на штотуку завршеното 12-то Меѓународно биенале на современа уметност што се одржа во Фиренца му беше врачена високата награда за животно остварување за сликарство „Лоренцо ил Мањифико“.

Ако среќата за еден творец е спознанието дека светот го препознава неговото дело, тогаш македонскиот уметник Мице Јанкуловски има и зошто да и се радува на реалноста.

Нему на штотуку завршеното 12-то Меѓународно биенале на современа уметност што се одржа во Фиренца му беше врачена високата награда за животно остварување и посветеност на визуелните уметности „Лоренцо ил Мањифико“. Во атмосфера каква и што доликува на голема и престижна интернационална манифестација и опкружен со вниманието што го заслужил.

Од таму, нималку не чуди што Д-р Мелани Зеферино, куратор на Фиренца Биенале 2019 во текстот во кој ја појаснува мотивацијата токму на Јанкуловски да му се додели високото признание пишува: Преку мајсторски направените цртежи и слики со апстрактни геометриски форми и бои, тој ја изразува својата визија за светот како обземен со космичка енергија, што се чини дека ги анимира неговите дводимензионални уметнички дела што покажуваат уникатна аура.

Во дополна ќе забележи и тоа дека тој на Биеналето „изложил четири, од единаесетте големи монохроматски апстрактни слики инспирирани од студијата на Леонардо да Винчи за течењето на водата (1510-13 во Лондон, Кралска колекција, RCIN 912660), каде со белешки објаснува зошто повеќеслојните вртлози на вода создаваат концентрични кругови кои се шират едни кон други без да се измешаат.

Во светлината на тие зборови, можеме да ги толкуваме водените текстурирани кругови со сребрени рефлексии во црната, воздушна позадина на серијата „Круговите на Леонардо“ од Мице Јанкуловски, пишува Зеферино.

На чинот на врачување на наградата Мати Грунберг од Израел им кажал на посетителите дека неодамна со Јанкуловски работејќи на уметнички дела поминал две седмици во Свети Наум, во Охрид, во Македонија и дека го гледал уметникот како твори. Притоа нагласил дека „видел голема страст“.

„Тој е уметник со голема страст. Страст кон сликањето, страст за работата и неговиот метод е сликање со црна боја. Црното е многу тежок субјект за сликање. Обично, црната боја е ќорсокак во сликањето. Но, мислам дека Мице во ова патување успешно се пробива и открива многу посебна визија меѓу методите на систем и логика. Системот и логиката, ако не функционираат заедно, создаваат хаос. Но, некако, тој успева да го избегне хаосот и сега тој е овде, во Фиренца, со извонредна серија слики. Овде е изложен само сегмент од неговото грандиозно дело, 500 кругови во спомен и оддавање почит на Леонардо да Винчи,... одлична замисла! Наоми и јас дојдовме од Израел посебно во поддршка на делото на Мице Јанкуловски, затоа што тој е голем уметник и ја прима оваа награда со голема визија за сите нас“, изјавил Грунберг.

Проф. Манос Стефанидис, куратор, уметнички критичар и публицист од соседна Грција, отишол уште подалеку. Тој истакнал дека во композициите на Јанкуловски под површината има тајна геометрија и логика, но и чувство на универзален ритам.

„Имате чувство дека целиот тој материјал, сите елементи се повторуваат и повторуваат, но истовремено ја проверуваат позицијата меѓу геометријата и емоциите, поезијата и контемплацијата. Овој тип на дело се обидува да зборува за херојството на уметноста и херојството на уметниците во ера во која кризата на постмодернизмот заборава да го слави достоинството и самотијата на уметникот и уметничкото дело.“

Јанкуловски го следи образецот на Малевич, „Црн квадрат на бело“ и „Црн квадрат на црно“ и „Бел квадрат на бело“… но неговото творешто не е само црно, туку тоа е цела симфонија и здив од бронза и сребро, појаснил Стефанидис.

Искрено радосен од ваквиот след на настаните Мице Јанкуловски, во пресрет на промоцијата на неговата монографија за „црното творештво“ и отворањето на изложбата „Форми во црно“ во галеријата „Фебо и Дафне“ покрај реката По во Торино која тамошната публика ќе има можност да ја види од 2 до 30 ноември, вели дека е среќен од препознавањето но и замислен пред она „награда за животно остварување“.

„Кога ќе добиеш награда за животно остварување чувството е двојно: од една страна си среќен за наградата, за препознавањето на она што си го правел во животот и за признанието, а од друга страна се замислуваш над значењето на тоа „животно остварување“ во број на години и се запрашуваш кога поминале...Јас наградата „Лоренцо ил Мањифико” за животно остварување ја доживувам како еден вид заокружување на моето 50 годишно творештво. Како награда за пристигање од точка А (јас во 1969 г. како момче од 15 години во куси пантолони кое не знае сеуште што е уметност, но тукушто ја насликало својата прва слика) до точка Б (јас во 2019 г. како добитник на наградата “Лоренцо ил Мањифико” за животно остварување во сликарството и посветеност на уметноста). Среќен сум дека на тој мој животен пат од точка А до точка Б сум создал творештво кое го препозна професионалната меѓународна јавност“, вели Мице Јанкуловски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG