Водечката европска мрежа на универзитети за културни политики и менаџмент во култура ENCATC, која делува меѓународно, на 27-от Конгрес со тематски наслов „Разновидност и одржливост при работа. Политики и практики од културата и образованието“, одржан на 3 октомври во Дижон, Франција, ја прогласи д-р Биљана Тануровска Ќулавковски за добитник на Наградата за истражување во полето на културна политика и културен менаџмент за нејзината докторска теза „Теорија на институции и културни политики за современи изведувачки практики“, работена при Универзитетот за уметности во Белград, на Факултетот за драмски уметности во Србија.
Зад ваквата одлука застанало Меѓународното жири во кое биле авторитети како Франческа Империале од Италија, Хаиме Алберто Руиз Гутиерез од Колумбија, Елоди Бордо Шавин од Франција, Анита Кангас од Финска, Џери Цу Ли од Тајван и американците Ричард Малони и Ален Салзенстин.
Тие нејзиното истражување го оцениле како „најиновативно, но и од огромно значење за едукацијата во полето на културна политика и културен менаџмент, а истото ќе може да се спроведува низ универзитетите ширум светот, но и во кураторските и управувачките практики во уметноста и културата“.
На церемонијата на свеченото доделување публиката од сите страни на светот и составена од водечки академици и реномирани истражувачи, креатори на политики, културни оператори и уметници им се придружиле и претставници од УНЕСКО и од француското Министерство за култура.
Инаку,основана во 2014 година, наградата ENCATC постои со цел стимулирање на академски истражувања од областа на културната политика и менаџментот, за да се истражуваат современите теми и евентуално да се предвидат нови ориентации за културни политики преку компаративно и меѓу културно истражување. Покрај тоа, таа придонесува во процесот на создавање инфраструктура, мрежа на истражувачи кои прават компаративни истражувачки проекти во областа на културната политика и менаџментот. Конечно, оваа значајна награда има и поддршка од програмата Креативна Европа на Европската унија.
На само неколку дена од ваквото убаво признание за својата научна работа, прашана колку нејзиниот теориски труд може да најде практична примена воопшто и во дадениве услови на практицирање на културните политики и културниот менаџмент, д-р Биљана Тануровска Ќулавковски истакнува дека студијата е применлива и дека теоријата е апликативна.
Она што јас го нудам, илустрирано со примерот на Кино Култура, е дека може на некој начин да се проследува тој процес. Но, мислам дека и пошироко таа теориска рамка може да се имплементира. За тоа секако треба рамка на културна политика којашто исто така ја предлагам, а исто така пред се треба политичка волја и секако финансиски средства и можности и отвореност да сакаме да ги реформираме нашите институции за култура, вели Тануровска Ќулавковски.
Таа и со дополна дека кај нас на универзитетите има додипломски студии, односно основни студии за продукција при Факултетот за драмски уметности, но дека нема на пример постдипломски или магистерски студии на кои студентите би можеле да го прошират своето знаење во полето на менаџментот во културата и културните политики.
„Она што имаше беа моите два предмета на додипломски студии при Факултетот за музичка уметност каде предавав 10 години како надворешен предавач, но, наместо да ме унапредат, и заедно да ги унапредиме студиите, за жал минатата година ми одземаа еден предмет без никаква консултација, а оваа немам назнака за понатамошен ангажман. Многу ми е жал што тоа се случува, затоа што катедрата кадешто предавав имаше навистина одличен почеток и имаше потенцијал за развој. Сепак, се надевам дека во рамките на некој друг факултет со прогресивни идеи ќе може да развиеме заедно студии, односно да направиме можност да ги следиме светските текови во полето на културата и уметноста“, смета д-р Биљана Тануровска Ќулавковски.