По минатонеделното отварање на 15-то издание на Фестивалот за современи уметности со муралот што во Битола го направија членовите на колективот КУРС од Белград, соседна Србија, АКТО продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.
Овојпат, под мотото „Солидарноста е темел на иднината“, изработен е мурал на фасадата на Домот на култура во населбата Ченто во Скопје. Автор на делото е младиот уметник Владимир Милиќ, и е во продукција на ФР~У во партнерство со организацијата Културно Ехо, Општина Гази Баба и Град Скопје.
Роден 1985 година во Скопје, Владимир Милиќ е апсолвент на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, смер графика, а работи како дизајнер, илустратор и муралист. Член е на колективот ЕБСФ.
Владимир Милиќ
Во соопштението за оваа акција се вели дека идејата за муралот во населбата Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на домот на култура во населбата. Муралот, пак, е развиен како неколку месечен процес на работа на уметникот Милиќ со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста особено во овој дел од населбата.
Иницијативата за овој мурал се однесува на две линии на значења: едното е обновување и повторно ставање во функција на бетонскиот културен дом во Ченто и со тоа реобмислување на модернистичкото незаштитено културно наследство на Скопје, а вториот е потенцирањето на важноста на солидарноста на заедницата за време на поплавите на подрачје на општина Гази Баба кои се случија пред четири години, наведуват од АКТО.
Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција - мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно.
- Во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните. АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметницте и културните работници, великураторот Филип Јовановски.
Филип Јовановски и Ивана Васева
Инаку, овој мурал во скопската населба Ченто е дел од серијата на мурали кои деновиве се изработуваат во уште пет други градови во земјава и тоа во Штип, Прилеп, Велес, Кочани и Гевгелија, а веќе се заврши муралот во Битола кој за жал беше нагрден со пораки на говор на омраза само неколку часа подоцна . Автори на останатите муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски и Давор Кешкец, а се реализираат во соработка со Гласен текстилец, Штип; БОШ Фестивал, Гевгелија; Културно ехо, Скопје; Центар за современи ликовни уметности ЦСЛУ-Прилеп и Јавен Простор – Прилеп; Народен Театар Битола; Дом на Култура Ченто; Општина Гази баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на Култура Бели Мугри – Кочани.
Овој зафат, кој се протега на површина од околу 600 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е со концепт, кураторство и во организација на Филип Јовановски. Извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Денис Ампев, Александар Јовановски и Ивана Васева.