Достапни линкови

Вести

update

Чамец со кинески државјани се превртел во северозападна Србија

илустрација
илустрација

Во близина на Бачка Паланка, на северозапад од Србија, се превртел чамец во кој, според неофицијални информации, имало 10 кинески државјани и еден српски државјанин, објави Српската радиотелевизија на 7 октомври.

Несреќата се случила ноќта помеѓу 5 и 6 октомври, а според сè уште неофицијални информации, има жртви, објави РТС.

Неколку лица завршиле во водата по превртувањето.

Спасувачите сè уште бараат неколку исчезнати лица, додека екипи на брза помош, полиција и пожарникари се на терен.

Специјализирани екипи за спасување на вода од Србија и Хрватска биле ангажирани и на местото на несреќата.

Како што објавува Хрватската радиотелевизија (ХРТ), несреќата се случила во текот на ноќта на Дунав помеѓу Сотин во Хрватска и две села во општина Бач на српска страна - Бачки Нови Село и Плавна, кога - според сегашните претпоставки поради преоптоварување - се превртел чамецот на Дунав, а неколку лица завршиле во водата.

Спасувачите сè уште бараат неколку исчезнати лица, а екипи на брза помош, полиција и пожарникари се на терен.

Во потрагата по други лица биле вклучени сонари и беспилотни летала, термовизиски камери и службени кучиња на Полициската управа Вуковар-Срем и Пристанишната управа, Државната интервентна единица за цивилна заштита и HGSS, објави Хрватската телевизија.

Министерството за внатрешни работи на Србија сè уште не даде соопштение за овој настан.

Од 2017 година, Србија и Кина имаат безвизен режим, што значи дека граѓаните на двете земји можат да престојуваат или транзитираат низ териториите на Кина и Србија до 30 дена по влезот.

Напад на Украина врз руски Белгород, илјадници луѓе останаа без електричната енергија

илустрација
илустрација

Украинско гранатирање на рускиот регион Белгород ја оштети енергетската инфраструктура, прекинувајќи го снабдувањето со електрична енергија на илјадници корисници, изјави во понеделник(6 октомври)гувернерот на регионот, кој се граничи со Украина.

„Иако инженерите и службите за итни случаи го вратија снабдувањето со електрична енергија на речиси 34000 корисници до понеделник наутро, околу 5400 во 24 општини сè уште беа без електрична енергија“, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков во апликацијата Телеграм.

Белгород и другите области што граничат со Украина се соочуваат со постојано прекугранично гранатирање и напади со беспилотни летала, бидејќи војната што ја започна Москва против Киев во 2022 година се прелеа на руска територија, нарушувајќи го цивилниот живот и оштетувајќи ја клучната инфраструктура.

Украина не го коментираше веднаш нападот.

Двете страни тврдат дека со своите напади на територијата на противникот, тие имаат за цел да уништат инфраструктура што е клучна за воените напори.

Русија во понеделник соопшти дека нејзините единици за воздушна одбрана уништиле 251 украински дрон преку ноќ, претежно над југозападниот дел од земјата, вклучувајќи 61 над водите на Црното Море и еден насочен кон Москва.

Руското Министерство за одбрана ги објави овие информации на апликацијата Телеграм, но немаше официјални информации за евентуална штета. Министерството само го наведува бројот на соборени дронови, а не колку биле лансирани од Украина.

Украинските новински канали на Телеграм објавија дека избувнал голем пожар откако бил погоден складиште за нафта во Феодосија, на кримскиот брег покрај Црното Море.

Медиумската куќа РБК-Украина објави дека како резултат на нападот експлодирал резервоар за гориво во складиштето.

Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите за инцидентот во Феодосија.

Еден ден претходно, на 6 октомври, Полска и сојузниците на НАТО мобилизираа борбени авиони и ги ставија копнените сили во состојба на висока готовност, откако Киев објави дека Русија започнала нов бран воздушни напади низ Украина, вклучително и во регионот Лавов, во близина на границата со Полска.

Овој потег доаѓа речиси еден месец откако рој руски дронови влегоа во полскиот воздушен простор, поттикнувајќи ги авионите на НАТО да пресретнат и соборат некои од уредите.

Инцидентот од 10 септември беше првата директна средба меѓу НАТО и Русија откако Кремљ започна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Според податоците на Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите Нации за човекови права (ОХЦР), на 31 август 2025 година, во Украина имало приближно 50597 цивилни жртви - 14116 убиени и 36481 повредени.

Рубио: Војната во Газа сè уште не е завршена, приоритет се заложниците

Марко Рубио, државен секретар на САД.
Марко Рубио, државен секретар на САД.

Војната во Газа „сè уште не е завршена“, порача државниот секретар на САД, Марко Рубио, во неделата посочувајќи го ослободувањето на заложниците што ги држи Хамас како прва фаза од процесот. Деталите за тоа што ќе се случува потоа, според неговата изјава, сè уште треба да се разработат.

Тој рече дека Хамас „во основа“ се согласил со предлогот и рамката на претседателот Доналд Трамп за ослободување на заложниците, додека во тек се состаноци за координирање на логистиката за спроведување на планот.

„Тие исто така се согласија, во принцип и генерално, дека ќе ја разгледаат идејата за тоа што ќе се случува потоа“, рече Рубио, пренесува Ројтерс.

„Многу од деталите ќе треба да се разработат таму“, додаде тој, посочувајќи дека Вашингтон ќе знае „многу брзо“ дали Хамас, кого САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација, е сериозен или не за време на тековните технички разговори околу ослободувањето на заложниците.

„Приоритет број еден, оној што мислиме дека можеме да го постигнеме многу брзо, се надеваме, е ослободувањето на сите заложници во замена за враќање на Израел на жолтата линија – таму каде што Израел беше во Газа на средината на август“, објасни државниот секретар на САД.

Тој ја опиша втората фаза од долгорочната иднина на Газа како „уште потешка“.

„Што ќе се случува откако Израел ќе се повлече на жолтата линија, а потенцијално и надвор од неа? Како се развива оваа ситуација? Како да се создаде палестинско технократско водство кое не е Хамас? Како да се разоружат сите терористички групи што ќе градат тунели и ќе вршат напади врз Израел? Како да се натераат да се демобилизираат? Целата таа работа, ќе биде тешка, но е клучна бидејќи без тоа, ќе нема траен мир“, рече тој.

Портпаролката на израелскиот премиер во неделата изјави дека израелските преговарачи ќе отпатуваат во Египет подоцна во денот за во понеделник да одржат разговори со палестинското движење Хамас за ослободување на израелските заложници.

„Тимот ќе замине вечерва со план за започнување преговори утре“, изјави Шош Бедросијан на прес-конференција за случувањата во Газа.

Таа прецизираше дека ова ќе бидат „технички преговори“, пренесува АФП.

Хамас во петокот соопшти дека е подготвен да ги ослободи сите заложници како дел од планот на американскиот претседател, објавен на 29 септември, и веднаш да започне преговори за финализирање на деталите.

Невреме во северозападна Европа предизвика прекини на струја и летови

Невремето во Холандија откажа околу 150 летови (фотогалерија).
Невремето во Холандија откажа околу 150 летови (фотогалерија).

Силно невреме денеска, 5 октомври, погоди делови од северозападна Европа што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија, откажување на летови, соборени дрвја и блокада на некои сообраќајници, јавува агенцијата ДПА.

Во белгискиот главен град Брисел, противпожарната служба одговорила на околу 90 повици, претежно за паднати дрвја или скршени гранки. Бројни повици и материјална штета се пријавени и во други делови од земјата.

Во Германија, според ДПА, невремето предизвикало штети во неколку покраини, а повредени се две лица кои се превезувале во минибус врз кој паднало дрво. Повеќе патишта се затворени поради паднати дрвја, а германската метеоролошка служба соопшти дека и во попладневните часови се очекува ветер до 100 километри на час.

Во Шкотска и Норвешка, некои домаќинства останаа без струја поради оштетени далноводи.

Според норвешкиот радиодифузер НРК, десетици илјади домаќинства во јужните и централните делови на скандинавската земја немаат електрична енергија.

Во Шкотска има прекини во железничкиот сообраќај, во Холандија се откажани околу 150 летови, а некои патишта се блокирани поради паднати дрвја.

Папата се надева дека планот за Газа ќе ги постигне „посакуваните резултати“

Папата Лав 14. (фотоархива)
Папата Лав 14. (фотоархива)

Папата Лав се надева дека планот за завршување на војната во Газа наскоро ќе ги постигне „посакуваните резултати“, рече тој во неделата откако посочи дека се направени значајни чекори во преговорите за завршување на конфликтот меѓу Израел и Хамас.

Зборувајќи за време на неделната молитва, папата ги замоли сите релевантни страни да се посветат на мировниот процес, нагласувајќи ја итната потреба од завршување на конфликтот и воспоставување „праведен и траен мир“.

„Во последните часови, во услови на драматична ситуација на Блискиот Исток, беа преземени некои значајни чекори напред во мировните преговори, за кои се надевам дека наскоро ќе ги постигнат посакуваните резултати“, им рече папата на верниците собрани на плоштадот „Свети Петар“.

Тој, исто така, ги обнови повиците за траен прекин на огнот во речиси двегодишниот конфликт и ослободување на заложниците држени во Газа.

Папата Лав, првиот американски папа, беше избран од светските кардинали во мај за да го замени починатиот папа Франциск и досега беше повнимателен во зборувањето против конфликтот во Газа од неговиот претходник.

Сепак, неговата реторика во застапувањето на мирот во Газа стана поостра откако Израел ја нападна единствената католичка црква на територијата во јули.

Претходно во вторникот, папата го пофали планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа и изрази надеж дека палестинската милитантна група Хамас, кој е прогласена за терористичка од САД и ЕУ, ќе го поддржи.

Полска мобилизира авиони за да го заштити воздушниот простор

Авиони на американски и полски воздухополовни сили (фотоархива).
Авиони на американски и полски воздухополовни сили (фотоархива).

Полска и сојузниците на НАТО мобилизираа борбени авиони и ги ставија копнените сили во состојба на висока готовност рано наутро на 5 октомври, откако Киев соопшти дека Русија започнала нов бран воздушни напади низ Украина, вклучително и врз регионот Лавов, во близина на полската граница, при што загинаа најмалку пет лица.

„Полските и сојузничките авиони оперираат во нашиот воздушен простор, додека копнените системи за воздушна одбрана и радарско извидување се ставени на највисоко ниво на готовност“, соопшти оперативната команда на Полска во објава на социјалните мрежи.

Полска ги опиша мерките како „превентивни“ и насочени кон „обезбедување на воздушниот простор и заштита на граѓаните, особено во областите во непосредна близина на загрозениот регион“.

Овој потег доаѓа речиси еден месец откако повеќе руски беспилотни летала влегоа во воздушниот простор на Полска, принудувајќи ги авионите на НАТО да полетаат за да пресретнат и соборат некои од дронови.

Инцидентот од 10 септември беше првата „директна средба“ меѓу НАТО и Русија откако Кремљ ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.

25 години од падот на Слободан Милошевиќ

Протести пред српскиот парламент, 5 октомври 2000 година.
Протести пред српскиот парламент, 5 октомври 2000 година.

Денеска се навршуваат точно 25 години од големите демонстрации во Белград со кои се стави крај на владеењето на претседателот на Сојузна Република Југославија (СРЈ) Слободан Милошевиќ на 5 октомври 2000 година.

Пред четврт век, на денешен ден во Белград се одржаа големи демонстрации бидејќи Милошевиќ одби да ги признае резултатите од претседателските избори, на кои на 24 септември тој загуби од кандидатот на Демократската опозиција на Србија (ДОС) и лидер на Демократската партија на Србија, Воислав Коштуница.

На 5 октомври, демонстранти од цела Србија во колони автомобили, автобуси и камиони пристигнаа на платото пред тогашното Сојузно собрание. На некои локации дури се користеа и булдожери за да се пробијат полициските блокади.

Утрото, полицијата употреби и солзавец за да ги спречи демонстрантите да влезат во парламентот, но без успех. Зградата на Сојузното собрание беше демолирана и запалена, како и зградата на Радио телевизија на Србија (РТС).

Полицијата набрзо престана да пружа отпор и најголем дел од полицајците им се придружија на граѓаните.

Вечерта, новиот претседател на СРЈ, Воислав Коштуница, им се обрати на граѓаните од терасата на Белградското собрание, а следниот ден, 6 октомври, Милошевиќ го призна својот изборен пораз и му честиташе на Коштуница.

Јасмина Јовановиќ од Милошевац кај Велика Плана загина во демонстрациите, откако падна под тркалата на камион. Момчило Стакиќ од Крупањ почина од срцев удар. 65 лица беа повредени.

По 25 години, ДОС веќе одамна не постои, Коштуница е во политичка пензија, а поранешните учесници во владата на Слободан Милошевиќ повторно ги заземаат најважните позиции во земјата.

Вториот лидер на ДОС, Зоран Ѓинѓиќ, кој беше премиер на Србија, беше убиен на 12 март 2003 година пред зградата на владата.

Слободан Милошевиќ почина во 2006 година во затвор во Хаг, каде што му се судеше за воени злосторства, а неговата сопруга и поранешна претседателка на Југословенската левица (ЈУЛ), Мирјана Марковиќ, почина во Русија.

Нови руски напади врз Украина, загинаа пет лица

Последици од руското гранатирање во Лавов, 5 октомври.
Последици од руското гранатирање во Лавов, 5 октомври.

Пет лица загинаа во руски напади во украинските региони на Запорожје и Лавов во текот на ноќта и неделата наутро. Сериозно е оштетена и енергетската инфраструктура што предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија за десетици илјади лица.

„Оваа недела вечерта, Русија започна уште еден напад со ракети и беспилотни летала против народот на Украина, насочен кон регионите Лавов, Запорожје, Чернигов, Виница, Ивано-Франкивск, Херсон, Харкив и Одеса“, рече премиерката на Украина, Јулија Свириденко.

Лавов е областа што руската војска ја таргетира помалку во текот на својата офанзива во Украина бидејќи е далеку од линијата на фронтот.

Според украинските власти, во Лавов загинале четири лица, а исто толку биле повредени. Петата жртва е во Запорожје, каде има и 10-тина повредени.

Иван Федоров, раководител на регионот Запорожје, претходно изјави дека 16-годишно девојче е меѓу оние што добиле „потребна помош“ од медицински персонал по нападот.

Во градот дојде и до големи прекини на електричната енергија бидејќи беше оштетена енергетската опрема, соопшти давателот на услуги. Градоначалникот посочи дека без оваа услуга останале околу 73.000 потрошувачи.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека во нападите во текот на ноќта биле лансирани над 50 ракети и околу 500 дронови кон неговата земја.

„Русите повторно ја таргетираа нашата инфраструктура – сè што обезбедува нормален живот за нашите луѓе. Ни треба поголема заштита и побрзо спроведување на сите одбранбени договори, особено за воздушна одбрана“, порача Зеленски во недела.

Низ цела Украина, од 4:09 часот наутро беше воведена национална тревога од воздушен напад.

Во меѓувреме, вооружените сили на Полска преку мрежата Икс соопштија дека мобилизирале авиони и ја ставиле копнената одбрана во состојба на висока готовност за да го обезбедат воздушниот простор на земјата, особено во областите блиску до Украина.

Градоначалникот на Лавов, град во западниот дел на Украина во близина на границата со Полска, изјави дека јавните транспортни линии не работат поради „масовен непријателски напад“. Тој рече и дека дел од градот е без струја.

Во уште еден западен град, Ивано-Франковск, градоначалникот соопшти дека јавниот превоз ќе „започне да работи подоцна од вообичаеното“.

Мала, а голема промена: Украина го укинува копекот, „симбол на московската окупација“

Киев, 2019 г.
Киев, 2019 г.

Улиците се преименувани. Статуите на Ленин отстранети. Сега, додека крајот на руската инвазија не е на повидок, Украина се подготвува да се ослободи од уште еден симбол на поранешната доминација на Москва: монетата копек.

Украинскиот парламент, Врховната рада, ќе разгледува закон со кој ќе се укине копекот. Наместо тоа, најмалата номинална вредност на националната валута би бил шахот, име на валута што значи „чекор“ и датира од 16 век – долго пред поголемиот дел од Украина да стане дел од Руската империја.

Националната банка на Украина, која ја иницираше промената минатата година, вели дека целта е да се „промовира дерусификација“ во услови кога војната на Москва против Украина се приближува до почетокот на петта година од инвазијата започната во февруари 2022.

„Копекот е дел од Москва што остана во нашите џебови, на нашите ценовници и, најважно, во нашите глави“, рече гувернерот на Националната банка, Андриј Пишни, во август.

Копекот е стотинка од гривната, која е националната валута на Украина од 1996 година, пет години откако земјата доби независност и се распадна Советскиот Сојуз.

Предложената промена е дел од поширокиот напор за замена на термините, симболите и институциите што го одразуваат руското влијание или советското наследство, како и напорот за зајакнување на јазичниот и културниот идентитет на Украина.

Предлогот веројатно ќе помине во парламентот, бидејќи меѓу предлагачите е и претседателот на Врховната рада, Руслан Стефанчук, кој е од партијата „Слуга на народот“ на претседателот Володимир Зеленски.

Во образложението на законот, објавено на 1 октомври, се наведува дека „дури и 34 години по прогласувањето на независноста, постои име кое сè уште ја поврзува нашата земја со Русија – името на монетата во оптек - копек“.

Во текстот на законот се наведува дека меѓу 15-те поранешни советски републики, верзија на терминот копек сè уште се користи само во Украина, Русија и Белорусија, како и во отцепениот молдавски регион Транснистрија.

„Во контекст на руската агресија од големи размери, замената на копекот со шах е важен и неопходен чекор“, се вели во предлогот.

„Откако ја проучивме историјата на монетарната циркулација во Украина, дојдовме до неоспорен заклучок дека името на монетата во оптек, како што е ’копек‘, всушност е симбол на окупација од Москва“, рече гувернерот на Народната банка Пишни во септември 2024 година, кога беше предложена промената.

„Денес, украинскиот народ враќа сè што му беше неправедно, одземено и искривено од наративите на Кремљ. Имаме свој специфичен термин – шах – уникатен украински збор што се однесува на монети со мали апоени“, рече тој.

Откако стекна независност во 1991 година, Украина ги преименуваше улиците, градовите, местата и другите географски локации што беа именувани по советски и руски личности или историски настани и датуми. Бројни статуи на болшевичкиот лидер Владимир Ленин и други советски и руски личности беа отстранети.

Општата инвазија што ја започна рускиот претседател Владимир Путин во обид да ја покори Украина ги поттикна патриотските чувства и го зајакна чувството за единство и национален идентитет кај Украинците.

Преминот од копек на шах нема да ја промени вредноста на монетарната единица. Еден евроцент моментално вреди околу 48 копека, а малите монети Украинците ретко ги користат во секојдневниот живот.

Промената би се спроведувала постепено, при што извесно време копекот и шахот ќе циркулираат во оптек паралелно.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG