Муралот „Еднакви, заедно посилни“, преку варијација на приказната за џиновската репка, зборува за солидарноста, но и за еднаквоста. Џиновската репка не може од земја да ја извлече еден човек, туку здружените сили на сите помагачи. А онаму каде имаме солидарен труд, нужно е да зборуваме за сите чинители и нивната еднаква заслуга. Ако семејството почива на принципите на солидарност, тогаш тоа мора да се преслика и пошироко во општеството, и особено мора да се подаде рака кон сите индивидуи и групи кои се на маргините. Човек на човека мора да му е семејство, без оглед на меѓусебните разлики. Оттаму, силуетите се изведени со црна боја, како би се занемариле сите индивидуални специфики. Сета различност е пресликана во шаренилото на небесниот свод. Наративниот дел на муралот се протега во должина на 24 метри во вкупна површина од околу 80 м2.
Ова ќе биде нагласено во информацијата за последниот од серијата на мурали со кои започна програмата на годинашното 15-то јубилејно издание на Фестивалот за современи уметности АКТО. Авторка на „Еднакви, заедно посилни“ е ликовната уметница и професорка Јана Јакимовска, а во изведбата учествуваа и нејзините колеги Симона Манчева и Ненад Тонкин. Изработката на муралот е во продукција на ФРШУ во партнерство со Општина Кавадарци и К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО од Кавадарци, а делото ќе ја краси и својата порака ќе ја шири од фасадата на салата „Партизан“ во овој град – галерија како што знаат да го именуваат тамошните творци. Родена 1981година во Скопје, Јана Јакимовска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во класата на професор Вело Ташовски, а магистрирала на истата високообразовна установа во класата на професор Антони Мазневски.
Освен со сликање таа се занимава и со фотографија, интервенции во јавен простор, графички дизајн, илустрација, а од поскоро време и со перформанс. Во голем дел од актуелното творештво уметничката се занимава со прашањата на телото, сепството, сексуалноста, позицијата на жената во општеството.
Ликовната уметница и професорка Јана Јакимовска
Од друга страна нејзиниот авторски поглед е фокусиран и на јавните простори, на градот и на урбаните политики. Заедно со Ненад Тонкин се автори на проектот „Визија Скопје“. Уметничката зад себе има 17 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово и Штип, а учествувала и на преку 80 групни поставки во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во родната Македонија.
Во моментов е вонреден професор на Ликовната академија на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде е ангажирана пред се* на студиската програма по Класично сликарство. Инаку, муралот „Еднакви, заедно посилни“ на Јана Јакимовска е дел од серијата на мурали кои изминативе месеци се изработија во уште шест други градови во земјава и тоа во Битола, Прилеп, Велес, Кочани, Гевгелија и во Скопје. Автори се уметниците Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираа во соработка со БОШ Фестивал од Гевгелија; Културно ехо - Скопје; Центар за современи ликовни уметности и Јавен Простор од Прилеп; Народен Театар Битола, Дом на Култура „Ченто“ во Општина Гази Баба; Општина Велес, Општина Кочани, Општина Кавадарци, К.С.П. ПОДИУМ-ЈАДРО и Дом на Култура „Бели Мугри“ од Кочани.
Овој зафат, кој се протега на површина од околу 700 метри квадратни и тоа паралелно во седум градови е со концепт, кураторство и во организација на Филип Јовановски, извршен продуцент е Ненад Тонкин, а во продукцијата се вклучени и Марија Стојанова, Кристијан Караџовски, Александар Јовановски и Ивана Васева.
- Иницијативата за исцртување на мурали на јавни простори има за цел на креативен начин да зборува за одредени теми кои покренуваат и мобилизираат не само поединци туку цели групи и заедници кон активирање и работење на заедништвото и заедничкото во градење на едно праведно општество. А токму заедништвото и заедничкото, како и културата на солидарноста, се покажаа како најургентни прашања кон кои треба сите да се фоскурираме во време на пандемијата со корона вирусот. Покрај тоа, оваа програма критички ги адресира, преиспитува и истражува прашањата поврзани со модерното визуелно и архитектонско наследство, нејзината естетика како и нивните последици во денешниот свет. Таа се манифестира преку креативни формати на акција - мурали, произведени преку активен дијалог и соработка помеѓу културните работници и организации во секоја локална заедница поединечно, ќе забележи кураторот Филип Јовановски.
„Еднакви, заедно посилни“ на ликовната уметница и професорка Јана Јакимовска
Тој во својата експликација истакнува дека „во општество каде ксенофобијата, национализмот и дискриминацијата по сите основи е се уште присутна, се поставува прашањето како и на кој начин културата треба да ги активира граѓаните да зборуваат гласно наспроти овие теми? Од таму, смета дека АКТО во време на пандемијата на корона го окупира јавниот простор и адресира пораки кои треба да мобилизираат и еманципираат во насока која ќе пркоси на националистичките и авторитарни тенденции кои сеуште постојат во јавниот дискурс и кои го спречуваат развојот на општеството, ги загрозуваат правата и слободите на граѓаните.
Затоа, како што вели, АКТО зборува за солидарноста која културата треба да ја иницира и поттикне во локалните заедници со цел создавање на праведно општество. Дека, АКТО зборува за важноста на културата и уметноста и за правата на уметниците и културните работници!