Ива Дамјановски: Имам што уште да кажам и се надевам дека тоа ќе се препознае

Ива Дамјановски, добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Двоумење“

Стихозбирката „Двоумење“ на младата Ива Дамјановски, издание на ПНВ Публикации од Скопје, е годинашен добитник на поетската награда „Браќа Миладиновци“, што Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобро поетско издание меѓу два фестивала.

„Ако изминатава година, во поетската продукција на македонски јазик има нешто што може да ја понесе толку употребуваната, дури и излитена синтагма „книжевен настан“, тогаш според мислењето на жири-комисијата за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“, тоа секако е книгата на младата Ива Дамјановски. Како хабитус на една нова генерација, а во исто време и сензибилност која е безвременска, како музикалност и интермедијалност која вибрира на рабовите на поетскиот израз којшто се повеќе се втурнува кон другите уметности, ова книга е доказ и показ дека македонскиот јазик е сочен, жив и квалитетен материјал од кој може да се изградат песни кои се стимулативни и за уво, и за срце, и за мисла“.

Ова ќе биде забележано во образложението за одлуката на Жири комисијата во состав Ангелина Бановиќ Марковска – претседател, Анастасија Ѓурчинова, Соња Стојменска Елзесер, Душко Крстевски и Никола Маџиров –членови, на младата Ива Дамјановски, за стихозбирката „Двоумење“, издание на ПНВ Публикации од Скопје, да и биде доделена наградата „Браќа Миладиновци“, што Струшките вечери на поезијата ја доделуваат за најдобро поетско издание меѓу дваа фестивала.

А, на нецели 24 часа по добивањето на големото признание, младата поетеса со нескриена радост, но доследна на себе и својата младост, за ваквиот след на настаните знае да каже дека „дека не мисли оти во уметноста натпреварувањето треба да е примарно, ниту пак дека е возможно да се оценува“. Таа истакнува дека и е огромна чест и задоволство што ја добила наградата и дека ова признание за неа има посебно значење.

Наградата „Браќа Миладиновци“ е голема одговорност за мене и едвај чекам да ја оправдам. Ова подразбира многу работа. Јас имам што уште да кажам, што уште да творам и се надевам дека тоа ќе се препознае. Дека е на истото ниво како досега, вели Ива Дамјановски.

Ова за неа е второ значајно признание кое доаѓа по нецели три години од добивањето на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис по што за книгоиздателството „Блесок“ беше објавена нејзината прва поетска книга насловена „Тие“. Сепак, и покрај признанијата, Ива не заборава да напомене дека таа во ниту еден момент не престанала да пишува. Дека и натаму сериозно работи на себе.

Лично мислам дека од ден на ден нивото на моето пишување е повисоко. Јас често го менувам стилот и барам нови начини за да се изразам. Посебно откако ќе го исцрпам она што претходно ми било главна преокупација. И тоа ми е забавно. Интересно. Еден вид на игра. Токму и затоа се надевам дека моето писмо ќе се менува и натаму, смета Дамјановски.

Инаку, во рецензијата за „Двоумење“, откако ќе констатира дека Ива е „еден од оние автори на кои им се радувате кога ги читате, се радувате што некој толку талентиран решил да пишува“, писателот и литературен критичар Ѓоко Здравески во однос на нејзината поезија подвлекува: Во песните се чувствува и разочарувањето од физичката стварност, од хаосот во светот, се чувствува и гневот во немоќта нешто да се смени во светот полн војни и очигледни неправди, но се чувствува и потребата да му се пркоси на тој хаос, ако со ништо друго, тогаш барем со уметност. Да му се каже на светот: тука сме и гледаме што се случува, гледаме што правите. И сето тоа да се зачини со суптилен хумор и со слатко-кисела иронија и насмевка скриена под мустаќ.“

Од друга страна, неговата колешка и уредничка во ПНВ Публикации Јулијана Величковска, за Дамјановска ќе забележи дека „нејзината поезија е филозофска, а, сепак, полна со емоции“. Од таму, на прашањето дали и натаму останува на овој терен, младата поетеса со појаснување дека тоа е убав простор за нови потраги затоа што тие прашања сеуште не се одговорени и најтешко се одговараат.

Најтешко се стига до одговор или до резолуција во филозофијата, а како терен за истражување најважно е да се има прашања. Така што, ако знаеме дека на филозофските прашања сеуште нема одговор уште од „Епот за Гилгамеш“, тогаш е сосема јасно дека тие и натаму ќе бидат исклучително плоден простор за истражување на сите нас кои допрва доаѓаме.

И, колку за потсетување родена 1996 година во Скопје, Ива Дамјановски по вокација и образование е музичар. Таа дипломирала пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а есенва треба да замине на пост дипломски студии по во Италија. Вели дека од таквите планови не се откажува и дека ќе продолжи со истата жестина да пишува бидејќи и музикологија како дисциплина подразбира пишување на трудови од дадената област.

Не планирам да престанам да пишувам во ниеден случај, ниту тој план го вклучува тоа. Напротив. Дури и се надевам дека патувањето и одењето во нова средина ќе имаат нови предизвици и дека тие предизвици ќе бидат инспиративни, истакнува Ива.

Таа и со информација дека она што во меѓувреме го пишувала догодина ќе се најде во третата поетска збирка, а дури потоа би сакала да го објави и првото прозно дело за кое знае да каже дека сега е во фаза „на шминка“. Станува збор за подолг расказ со наслов „Четвртиот ѕид“.

Сеуште ми е рано за роман. Мислам дека за тоа ми е потребна поголема зрелост и далеку поголемо искуство. За сега таквата идеја е во нацрт или скица во мојата глава. Ја има, ама ќе почекам некое време, децидна е поетесата Дамјановски.