Потрес во сеизмолошката мрежа - ќе остане без опрема за мерење земјотреси

Илустрација

Сеизмолошката опсерваторија може да остане без 13 станици за мерење земјотреси бидејќи завршува меѓународен проект. Таа е единствена која е овластена да ја одржува сеизмолошката мрежа во Северна Македонија. Што значи овој проблем за државата и што треба да стори власта?

Овде секој ден ни е различен, не знаеме што нѐ чека кога ќе дојдеме на работа – дали ќе има земјотрес или не, дали ќе ни се смени тоа што сме планирале да го работиме дента или не. Мерењето земјотрес е рутинско, но ништо друго не е. Да одредиш од каде потекнува, што се случило, што се поместило, дали влијаело на градбите или не.

Вака младиот истражувач, Љупчо Јованов за Радио Слободна Европа (РСЕ) ја опишува својата работа во Сеизмолошката лабораторија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје.

Кога во ковид-пандемијата со диплома по форензичка физика тој не можел да најде работа, ја искористил шансата и се преориентирал. Денес е магистер по физика и е еден од само тројцата млади истражувачи во Сеизмолошката опсерваторија. Покрај нив, таму работат уште тројца доктори на науки – сеизмолози.

Потребата од стручен кадар како овие млади научници и искусни сеизмолози, е предизвик со години, но сега во Сеизмолошката опсерваторија се вклучи уште еден аларм. На почетокот на 2026 година и овие што сега се вработени, можеби нема да може да мерат земјотреси затоа што без опрема ќе останат 13 сеизмолошки станици низ државата.

Видете и ова: Зошто земјотресот во Турција и Сирија беше толку катастрофален?

Оваа институција е единствената во Северна Македонија која е задолжена и овластена да ја одржува сеизмолошката мрежа, да ја набљудува и анализира сеизмичката активност, да ги проценува сеизмичките ризици, да ја ажурира картата на земјотресна реонизација, да врши меѓународна размена на податоците, потенцира нејзината раководителка, професорката Катерина Дрогрешка во разговор со РСЕ.

Покрај тоа, незавидна би била состојбата и од аспект на градбите и ризиците по безбедноста на граѓаните.

„Податоците од набљудуваната сеизмичка активност кои се добиваат од сеизмолошките станици и нивната обработка, понатаму се архивираат и проследуваат кон наредни институции со цел континуирано надградување на картите на хазард и ризик што се користат во градежништво итн.“, додава Дрогрешка.

Зошто државата може да остане без телеметриска мрежа?

На почетокот на 2026-та година во Северна Македонија завршува тригодишната меѓународна иницијатива за следење на движењето на Јадранската микроплоча – AdriaArray. Овој проект го спроведува организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), чија мисија е да ја промовира сеизмологијата во Европско-медитеранската област.

Во рамки на проектот, се опремени 13 сеизмолошки станици во Северна Македонија со кои се следат земјотресите односно сеизмичката активност во цела држава, во пограничните регион итн.

А, токму овие 13 станици во моментов ја сочинуваат телеметриската мрежа на Сеизмолошката опсерваторија, вели раководителката Дрогрешка.

Завршувањето на проектот, ќе значи и повлекување на опремата.

Видете и ова: Се гине од импровизации во градежништвото

Опремување на 10 станици колку една година патни трошоци за пратениците

За да се надмине оваа ситуација, на Сеизмолошката лабораторија ќе и биде потребна нова опрема.

„Да се нарача и инсталира една комплетна сеизмолошка станица, чини околу 30.000 евра. За целосна покриеност на Државата потребни се 10 сеизмолошки станици. Поддршка од Природно-математичкиот факултет имаме, но факултетот не може да ги обезбеди овие станици“, вели раководителката Дрогрешка.

Ваквите пресметки би значеле дека за да се опремат 10 сеизмолошки станици потреби се околу 300.000 евра. Толку, на пример, пари од државниот буџет се одлеаја за патни трошоци на пратениците во македонското Собрание од мај 2024 до јуни 2025 година.

За повисока сума – над 400.000 евра, актуелната Влада потпиша договор за изработка на софтвер за оценка и контрола на медиумското влијание, а над 380.000 евра пак потроши минатата власт за еднодневен саем „Храна и вино“ во 2022-та.

Но, во Сеизмолошката опсерваторија немало сериозни инвестиции со години, посочуваат упатените.

„Проблемот е што ние од времето на СФРЈ не сме успеале да инвестираме сериозно во оваа работа“, вели за РСЕ деканот на Природно-математичкиот факултет во Скопје, професорот Даворин Трпески.

Видете и ова: Над 300.000 евра за патни трошоци за пратеници за 13 месеци

ПМФ нема доволно пари, Владата најавува помош

И пресметките на Трпески се дека за десетина станици потребни се 300-400.000 евра. Нивното опремување, според Трпески, би значело дека проблемот би се решил за наредните 10-15 години, кога повторно би требало да се размислува за нови или за осовременување на постоечките станици.

„ПМФ ги нема тие пари. Сеизмолошката опсерваторија е од стратешки државен интерес и од тие причини и државата треба да помогне. Факултетот плаќа за одржување на станиците, на Опсерваторијата, на софтверот, покрива некои помали инвестиции. Но, ние немаме 400.000 евра за да финансираме опремување на станици“, вели Трпески.

Тој посочува дека со проблемот се запознаени и Министерството за образование и наука и други надлежните институции и вели од таа страна наишле на „некое разбирање“ и се „даваат некои надежи“ за обезбедување финансии.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претходно излезе со оптимистички очекувања дека Сеизмолошката опсерваторија ќе може да набави дел од опремата преку проект со кој аплицирала на повикот за научно-истражувачки проекти објавен од МОН, односно Владата.

„Според информациите кои ги добивам од комисијата, многу се големи изгледите тие [Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ] да го добијат овој проект, со што ќе се обезбедат дел од средствата за да се набават одреден број инструменти. Ако тоа биде така, малку од малку нешто ќе покриеме, а потоа продолжуваме да го решаваме проблемот за кој сметам дека е ургентен и многу значаен“, истакна Јаневска на 5 август.

Најсмртоносните земјотреси во светот од изминатите 25 години

Од Владата за РСЕ, пак, посочуваат дека доколку проектот не биде прифатен, заедно со Министерството ќе бараат средства за со цел да помогнат да се подобри состојбата.

„Секако, бидејќи се дел од Универзитетот ’Кирил и Методиј‘, Универзитетот исто така може и треба да даде свој придонес“, додаваат од Владата.

Проблемот со млад кадар ќе остане

А, и кога би се надминал и овој „ургентен проблем“ со опремата – како што го нарече Јаневска, стариот проблем со недостаток на кадар ќе остане.

Од Владата обвинувајќи ја претходната владејачка гарнитура за „девастација на институциите“, велат дека постојано комуницираат со универзитетите и ќе се заложат за кадровско екипирање и во однос на сеизмологијата.

Кадрите за оваа област се образуваат на студиските програми за физика, конкретно на геофизика и метеорологија. Меѓутоа, физиката воопшто со години не е атрактивна за младите.

Младиот истражувач Љупчо Јорданов, гледа повеќе причини – од комплексноста на науката до ангажманот што го бараат студиите до атрактивноста на програмите.

„Но, и сите сме свесни дека во нашата држава и немаме некој посебен избор за работни места со физика. Мислам дека тоа е главната причина“, вели Јорданов.

Деканот на ПМФ, пак, посочува дека неатрактивноста на физиката „не е само кај нас“.

„Колегите од Физика кажуваат дека не е карактеристика само за Македонија и Балканот, туку општо нема голем интерес и низ Европа каде многу побогати земји издвојуваат и дополнители финансии за да ги стимулираат студентите“, вели Талески.

Видете и ова: Одливот на мозоци чини стотици милиони евра, државата спие

На сите пет студиски програми за физика, како што посочува, лани се запишале само 14 студенти. Но, уште поголем проблем е што и тие што ги има заминуваат во странство и тоа најчесто се најдобрите студенти во генерацијата.

„Само јас сум сведок дека последните години си заминаа пет-шест одлични студенти кои би требало ние да ги задржиме кај нас, како асистенти, а потоа и како професори, да придонесат за Универзитетот и факултетот. Не ни требаат кампањски решенија, да речат еве пет работни места за физика. Дајте ни едно-две сега, другите следните години, етапно за да може да ги задржиме најдобрите“, посочува Талески.

За академската година 2025/2026 на вкупно шест програми за физика на Природно математичкиот факултет во Скопје има место за 90 нови студенти од кои за геофизика и метеорологија се 20. Има три уписни рока. Првиот е на 19 и 20 август. Но, на ПМФ, велат, уште сега знаат дека нема да се пополнат.