Тужба за државата за дискриминација на земјоделките – немаат ни платено породилно, ни боледување

Илустрација

Државата ги дискриминира земјоделките – заклучи Комисијата за заштита од дискриминација, која заедно со Хелсиншкиот комитет ги тужи Владата и Министерството за здравство. Над 14.000 жени регистрирани како индивидуален земјоделец се без право на платено породилно отсуство, но и боледување.

„Два пати имав патолошка бременост, но поради работата не можев да одмарам доволно. Ми се случувало и да не ми е воопшто добро, некогаш дури и поради умор, но мораш да се погрижиш и за овошјето и за зеленчукот. Плаќам придонеси, но немам право на платено боледување, ниту пак имав на платено породилно отсуство“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), 33-годишната Лилјана Стоилковска.

Родум од Струмица, но мажена во беровското село Митрашинци, работното време на младата земјоделка, често почнува и пред зори. Таа и сопругот одгледуваат цреши во Струмица, а сливи во беровско, каде се занимаваат и со садење компир.

Семејството Стоилковски исто така, има и мала фарма со свињи.

Лилјана е регистрирана како Индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување, па секој месец плаќа износ од околу 3000 денари како придонеси кон државата.

Лилјана Стоилковска и нејзините деца

Таа е една од вкупно 14.733 жени кои, според податоците што Фондот за здравство ги достави до РСЕ, имаат ваков статус.

Тие во законите од областа на работните односи не се препознаени како лица во работен однос. Впрочем, тоа е и причината поради која немаат ниту платено породилно отсуство, ниту боледување.

Соговорничката на РСЕ, Стоилковска е мајка на две деца – десетгодишната Ели и седумгодишниот Стефан. Вели додека биле бебиња, се враќала од нива дома за да ги дои, па се враќала пак назад, додека нив ги чувала нејзината баба.

Ели и Стефан често одат со своите родители на нива, а како што вели нивната мајка, кога биле помали знаеле таму и да заспијат потпрени на вреќа со компири.

Чести предвремени породувања кај жените земјоделки

За време на првата бременост, напорната работа си го „зела данокот“. Лилјана се породила предвреме.

„Ели ми е прематурче. Не мирував многу, се породив во осмиот месец од бременоста. Животот на село е предизвикувачки, има слаба инфраструктура. Имаме една градинка, но таа работи само од осум часот наутро до пладне, а тоа не е доволно“, додава таа.

Видете и ова: Трипуновски: Преку земјоделски задруги до спас од високите цени во маркетите

А предвремените породувања се чести кај жените кои се занимаваат со земјоделие – покажало истражувањето на Рурална коалиција.

Извршната директорка на оваа невладина организација, Лилјана Јоноски вели дека дел од жените предвреме го прекинуваат и доењето на децата бидејќи ако им трпи работата, значително ќе се намалат приходите на семејството.

„Земјоделските култури не чекаат да помине топлотниот бран за нештото да се сработи. Тоа ја отежнува положбата на жената во руралните средини бидејќи на нивен товар не се само обврските за децата, туку и за повозрасните членови на семејството. Дополнително на ова, ако е во состојба на бременост, може да замислите на што сѐ треба да биде подготвена жената за успешно да го помине тој период заедно со останатите обврски“, посочува Јоноски.

Две законски регулативи за регистрација како Индивидуален земјоделец

Во изјава за РСЕ, таа потенцира дека македонската легислатива нуди две опции за да се стекне статусот на „индивидуален земјоделец“.

Видете и ова: Во потрошувачката кошничка ќе бидат вклучени сите овошја и зеленчуци што се произведуват дома

Едната е земјоделците да се регистрираат преку Законот за вршење на земјоделска дејност, а втората преку Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Првите, како фирми плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување во полн износ како и сите останати осигуреници. Јоноски вели дека токму поради повисоките трошоци, овие форми на регистрација се помалку застапени.

„Тие имаат платено боледување, но и платено породилно отсуство бидејќи се водат како посебни правни лица, па имаат и свое сметководство“, вели извршната директорка на Рурална коалиција.

Оваа организација е дел од неколкуте кои претходно поднесоа претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Според нив, проблемите се јавуваат кај жените кои имаат статус на „индивидуален земјоделец“ согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Таму се дава можност за плаќање на минимален, паушален износ за придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Сумите се движат од две до шест илјади денари месечно и оние кои се регистрирани на ваков начин, се исклучени од користењето на платено породилно отсуство и боледување“, објаснува Јоноски.

Прва тужба од јавен интерес

По претставката што ја поднесоа од невладиниот сектор, Комисијата утврди „индиректна интерсекциска продолжена дискриминација кон жените земјоделки“ врз основа на пол, род, личен статус и припадност на маргинализирана група во однос на пристап до платено породилно отсуство и платено боледување.

Откако не успеа да го реши ваквиот системски проблем преку советодавно мислење, Комисијата за првпат реши да ја искористи можноста да поднесе тужба од јавен интерес.

Видете и ова: Земјоделците се жалат на државата, граѓаните - на цените на овошјето и зеленчукот

Тужбата е поднесена против Владата и Министерството за здравство.

Преку неа, Комисијата бара судот да им наложи на властите да го изменат Законот за здравствено осигурување и во него да се додадат жените земјоделки како осигуренички, коишто би остварувале право на платено породилно отсуство и платено боледување.

Претседателот на ова тело, Игор Јадровски за Радио Слободна Европа нагласува дека ова е прв пат да иницираат судска постапка од јавен интерес, за која сепак, Законот за спречување и заштита од дискриминација не утврдува никакви рокови.

„Земјоделките не се препознаени како работнички во Законот за работни односи, но тие имаат приход и оттука, плаќаат придонеси. Сепак, кога се наоѓаат во состојба на болест, повреда, бременост, мајчинство или раѓање, исто како и другите работници не се способни да го извршуваат својот труд и не може да остварат приход“, вели Јадровски.

Тој објаснува дека тие се наоѓаат во многу слична положба со повеќе категории на лица коишто се самовработени. Тие пак, иако не се опфатени со Законот за работни односи, сепак уживаат право на надомест на плата во случај на привремена спреченост од работа поради раѓање или боледување.

„На пример, такви се адвокатите. И тие не се препознаени во Законот за работни односи, тие се самовработени лица, меѓутоа имаат платено породилно отсуство“, истакнува Јадровски.

Надоместок за мајчинство наместо платено породилно

Во отсуство на можност за платено породилно, државата во моментот, на земјоделките им нуди опција за финансиски надоместок за мајчинство. Оваа парична поддршка е овозможена преку Програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност.

Видете и ова: Законски измени за енергетска транзиција или закана за земјоделството?

Таа за првпат беше донесена во 2023 година.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), за Радио Слободна Европа информираат дека за оваа Програма за 2025 година е предвиден вкупен износ од 3.000.000,00 денари (околу 48.780 евра).

Овие средства ќе се користат за финансиска поддршка во износ од 100.000 денари за деветмесечен надоместок за мајчинство на жените кои имаат статус на осигуреник-индивидуален земјоделец стекнат согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување, додаваат од ресорното Министерство.

Нема гаранција дека ќе има Програма догодина

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација согледала неколку проблеми во однос на ваквата Програма.

Првиот човек на Комисијата, Јадровски вели дека како 'подзаконски правен акт', таа секогаш ќе зависи од волјата на министерот.

„Нема гаранција дека следната година ќе има таква програма, ниту пак, има гаранција дека Министерството за финансии ќе дозволи финансиски импликации“, додава Јадровски.

Тој забележува дека „нема ниту гаранција оти ќе се обезбедат дополнителни средства“, доколку се истроши сумата од три милиони денари која е предвидена за тековната година.

Видете и ова: Големо намалување на бројот на земјоделци во земјава

Според него, Програмата е обременета со услови кои треба да ги исполнат земјоделките што сакаат да аплицираат за надоместокот за мајчинство. Јадровски вели дека на останатите осигуренички не им се бараат никакви услови за да добијат платено породилно отсуство.

„Буџетот којшто го нуди оваа програма секогаш ќе биде ограничен. Секоја земјоделка која ќе го оствари правото, добива сто илјади денари за деветмесечен период. Тоа е приближно по 11.000 денари месечно. Сега видете колку е тоа пониско од износот што го добиваат другите здравствени осигуренички како платено породилно отсуство“, потенцира Јадровски.

Тој вели дека оваа Програма, не е трајно и одржливо решение, бидејќи не води кон еднаков третман на жените.

Само две жени досега зеле надоместок за мајчинство

Според него, таа е и нефункционална бидејќи надоместокот досега им бил одобрен само на две жени.

Овој податок, во писмен одговор до Радио Слободна Европа, го потврдија и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Во 2023 година поднесени се шест апликации, од кои пет се одбиени поради неисполнување на услови – велат од институцијата. Ланската година биле поднесени четири апликации, од кои три се одбиени поради неисполнети услови.

Апликациите за ваквиот надоместок, се поднесуваат до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Видете и ова: Борба за наталитет - повеќе пари за раѓање деца, ама не сега

Од почетокот на оваа година, таму не пристигнала ниту една апликација по овој основ.

-Доколку пристигнат апликации во кои се побарани повеќе средства од предвидените во Програмата и истите исполнуваат услови за одобрување на финансиска поддршка, Агенцијата поднесува Известување до Министерството, за предвидување на дополнителни средства за целосна реализација на програмата - ни одговорија од МЗШВ.

РСЕ достави прашање и до Владата, за тоа како планира да ги унапреди правата на жените земјоделки, но од службата за односи со јавност не одговорија. Оттаму, нема ни коментар во однос на тужбата која ја поднесе Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Менувањето на законот би било неосновано, велат од Здравство

Наспроти ваквиот молк, од Министерството за здравство сметаат дека нема дискриминација меѓу „граѓаните кои се во работен однос и граѓаните кои вршат земјоделска дејност“.

-Во првиот случај работникот/работничката за извршената работа и постигнатите резултати од работодавецот добива плата, а во случај вршителот на земјоделската дејност остварува приход од вршењето на дејноста – наведуваат од Министерството во писмениот одговор до РСЕ.

Според министерството, менувањето на Законот за здравственото осигурување би било неосновано.

-Неточна е претпоставката дека земјоделките се ставаат во понеповолна положба од останатите работнички. Нагласуваме дека Законот за здравственото осигурување не исклучува одредени категории осигуреници од користење на правото на надоместок на плата. – истакнуваат од Министерството за здравство.

Оттаму порачуваат дека „правото на надоместок на плата е пред сѐ право од социјален карактер и не претставува здравствена услуга, ниту има карактер на здравствена заштита“.

Видете и ова: Од Ново Село „исчезнаа“ повеќе од половина од основците

Измените кои ги бараат Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Хелсиншкиот комитет, беа поднесени како предлог во Собранието од пратениците на Левица. Во април 2023 година, или два месеца по донесувањето на Програмата за надоместокот за мајчинство, тие предложија измени за да им се овозможи платено породилно отсуство на жените земјоделки.

Законот ја помина првата собраниска фаза, но остана блокиран во надлежната собраниска комисија.

Додека земјоделките се заглавени во бирократските лавиринти, нашата соговорничка од Митрашинци, Лилјана Стоилковска вели дека и покрај предизвиците, животот на село не би го менувала.

„Децата си трчкаат слободно без да ги мислиме, јадеме здрава храна, а и воздухот е чист. Има соживот меѓу луѓето, но недостаток ни е иселувањето“, вели Лилјана.

Миграцијата е голема, а бројот на деца опаѓа – додава таа, загрижена дека поради тоа, би можело да се затвори и основното училиште во селото во кое таа и сопругот ги растат Ели и Стефан.