Време е за нова пролет на нашата Република, враќање кон републиканските корени, порача македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова од крушевскиот Мечкин камен каде што се чествува 122 години од денот на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и 81 година од првото заседание на АСНОМ.
Таа во својот говор порача - македонските граѓани очекуваат правда и слобода и дека е дојдено време за искоренување на плевелот на корупцијата и криминалот во земјава.
„Длабинскиот поглед кон државата разоткрива во изминативе години и децении ендемска корупција и организиран криминал, слаби институции, силни партии и моќни поединци, вонинституционално одлучување, партократија како закана за парламентарната демократија, партизирана администрација. Несанкционираната одговорност и неказнивоста го руинираа судството, ја деградираа животната средина и ги нарушија меѓучовеките и меѓу етничките односи, продуцираа катастрофи и стимулираа неединство за прашањата од национален интерес за кои единството мора да биде императив“, изјави Давкова.
Дел од своето обраќање го посвети на критика кон Европската Унија( ЕУ) истакнувајќи дека во изминатиов период дозволиле билатеризација на процесот за проширување како и дека честопати ги менувале правилата според кои една земја кандидат треба да се исполнува услови за членство во неа. Таа ја обвини ЕУ дека има двојни аршини во пристапниот процес.
„ Легитимно е прашањето дали и колку денешната Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основачи. Чинам дека сеништата на старата одмината Европа како да не се далечно минато или како да осамануваат неочекувано. Се покажа дека ЕУ не е имуна на кризата на лидерството и демократскиот дефицит,“ рече Давкова.
Последиците од седумте пожари во Преспа
Пожарите и справувањето со нив, беа дел од говорот на Давкова.
„Републиката ни е во пламен“, посочи таа.
Според неа за помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку ефикасен институционален систем, вистински луѓе на важни позиции, вградена превентивна и волонтерска димензија, стимулативни мерки за пожарникарите, пожарникарството и за волонтерите. Дел од овие мерки се во тек, изјави таа.
„ Мора да ставиме крај на дивите депонии и нивното палење, имаме потреба од длабоки суштински реформи во сите сфери по европска мерка“, додаде македонската претседателка.
Силјановска Давкова изјави дека Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува.
„Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа“, порача таа.
Централната прослава за одбележувањето на 122 години од Илинденското Востание се одржа во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Видете и ова: Хронологија на една негрижа: Oткако 40 години не ја заврши постојната, државата сега ќе прави нова болница во КичевоМицкоски - Жртвата на предците нека нè потсетува каква држава треба ние да оставиме
Во Скопје премиерот Христијан Мицкоски придружуван од вицепремиерот Изет Меџити, како и министерката за образование Весна Јаневска, положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот „Македонија“.
Премиерот Христијан Мицкоски пред споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред Собранието, Илинден, 2 Август 2025
Мицкоски нагласи дека Илинден е жив потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава, како и на храброста на генерациите кои се бореле за самостојна и достоинствена Македонија.
„Овој ден нека нè потсетува на жртвата којашто генерациите ја оставиле, за да може нашата генерација да го има ова што денеска го имаме, а тоа е слободна, независна држава Македонија. Нека нивната жртва нè потсетува каква држава треба ние да оставиме на генерациите после нас“, изјави Мицкоски.
Филипче: Да ги оставиме настрана поделбите на патриоти и предавници
Лидерот на опозициската СДСМ, денеска од Крушево, на одбележувањето на 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, го честита празникот со пораката да се остават настрана поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава. Според него, на овој ден е потребно да народот да се присети на сите жртви кои со својата крв ги создале темелите на македонската модерна држава.
„Меѓутоа мора да признаеме дека нашата мирновременска борба не е завршена, дека мораме уште многу напорно да работиме, да конечно станеме дел од Европа каде што припаѓаме, и цивилизациски, и културно, и географски. Сите заедно мора да работиме и да ги оставиме настрана и поделбите и квалификациите на патриоти и предавници, затоа што вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава“, изјави Филипче.
Видете и ова: Предизборна општинска „дарежливост“, меѓу јавниот интерес и изборниот профитПретседателот на Собранието Африм Гаши, во име на пратениците истакна дека овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности кои се темел на заедништвото и на институциите на државата.
„ Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики“, е наведено во честитката на Гаши.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски упати пишана честитка за Денот на Републиката, Илинден. Во неа е наведено дека Илинден е вечна инспирација за современа и праведна држава.
„Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство. Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава“, е наведно во честитката на Костадиновски.
Со низа свечености и манифестации денеска беше одбележана 122 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 години од Првото заседание на АСНОМ.