Текстилната индустрија во слободен пад

Текстилна конфенција (фотоархива).

Кризата во Европа, војната во Украина, како и поевтината работна сила во трети земји како Бангладеш, ја ставија текстилната индустрија на колена. Само од почетокот на годинава, затворени се десетина фабрики во источниот дел на државата. Властите велат дека бизнисите имаат на располагање мерки кон кои може да посегнат.

Без работа и без исплатени плати, е заедничката судбина што преку ноќ ја доживеаја десетици конфекциски работници, главно жени, изминативе неколку месеци само во Штип, градот на истокот од државата, некогаш препознатлив по развиената текстилна индустрија.

Оваа гранка со години наназад бележи негативна тенденција, а од почетокот на годинава затворени се десетина текстилни фабрики само во источниот регион, говорат неформалните податоци што ги споделува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, кој и самиот е дел од овој бизнис.

„Здравјето ни го земаа… На улица не оставија, срамота е ова“, коментираа јавно пред камери револтирани работнички од Штип кои во август беа пуштени на одмор, а денот кога требаше да се вратат на работа, ги пречека клуч на врата. Бараа газдите да им ги исплатат двете заостанати плати и регрес за годишен одмор, К-15.

Видете и ова: Македонските текстилни компании пред колапс, не се атрактивни во Европа

По неа следуваа затворања и на други фабрики. И не само во што Штип, сведочат работниците.

„Само последните неколку месеци и во Кочани некои се затворија, некои ги купија нови газди бидејќи старите не можеа да опстојат. Ако пред десет години имаше можеби и над 50 конфекции, на секој чекор, сега дали има десетина“, раскажува за Радио Слободна Европа (РСЕ) 52-годишната Сања од Кочани, која повеќе од 30 години работи во текстилната индустрија.

Кризата во Европа и евтината работна сила во Бангладеш

Кризата, последните години, е засилена поради падот на побарувачката од Западна Европа, особено од Германија, смета Димитров.

Германскиот е најголемиот пазар каде оди македонскиот извоз од оваа индустрија – дури 65,2% од вкупниот реализиран извоз од оваа дејност во 2024, според податоците на Државниот завод за статистика, на кои се повикува и Здружението на текстилната и кожарската индустрија во рамки на Стопанската комора на Македонија.

Следна лани била Грција со 13,7%, а по неа Холандија со 8.2% и Велика Британија со извоз од 2,1%.

„Кризата со енергетиката, на која се приклучи и војната во Украина, заедно со стравот на граѓаните на Западот од нова војна таму, придонесуваат да опаѓа купување и побарувачката за текстилната индустрија“, вели Димитров за РСЕ.

Текстилниот сектор во Северна Македонија има учество од над 10% од вкупното индустриско производство, посочуваат од Министерството за економија и труд додавајќи дека најголем дел од компаниите работат кон производство со странски партнери главно од западноевропски земји. Но, и оттаму се свесни дека индустријата последните години „бележи негативна тенденција“.

„Анализите покажуваат дека таа е резултат на комбинација од фактори – промените на глобалните синџири на снабдување, зголемувањето на трошоците за енергенси и суровини, како и недостигот на квалификувана работна сила“, велат од Министерството за економија и труд за РСЕ.

Видете и ова: Не им го плаќаат боледувањето, па и заразени одат на работа

Промената во глобалните синџири на снабдување, ја нагласуваат и работодавците, но тоа велат, е тренд кој започнал пред десетина година. Димитров посочува дека македонските фирми ја изгубиле конкурентноста бидејќи со порастот на платите, цената на услугите во земјата е прескапа за странците и тие се преориентираат кон други пазари.

„Странски компании не ни прифаќаат на нас таков голем пораст на платите како што имаме, а ние од друга страна мора да ги качуваме платите за да ги задржиме работниците. Така во овој момент најголемите налози за масовното производство отидоа во Бангладеш, додека ние работиме поситни налози, некои што им се итни“, вели тој.

Има ли спас?

Министерството за економија и труд нема посебен стратешки документ кој се однесува за текстилната индустрија, но оттаму велат дека овој сектор е опфатен во сите документи и мерки за „поттикнување на конкурентноста на преработувачката индустрија“ нагласувајќи дека и националното законодавство е усогласено со тоа на ЕУ.

„Во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност, компаниите од текстилниот сектор имаат можност да аплицираат за средства за истражување на пазар, извозна стратегија, развој на бренд, дигитална и зелена трансформација, развој на производи од рециклирани суровини, како и воведување меѓународни стандарди за општествена одговорност“, велат од Економија.

Дополнително, ресорното министерство ги посочува и мерките за развој на претприемништво, можностите од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и кредитите за компаниите овозможени од заемот од Унгарија.

Од Министерството велат и дека се отворени за разговор со синдикатите и стопанските комори за да се најдат долгорочни решенија за оваа индустрија и да се поттикне развојот на сопственото производство и, на пример, преориентирање кон специјализирани пазари како што се воената и заштитната облека.

Во воената и заштитната облека, пак, некои стопанственици не го гледаат спасот бидејќи посочуваат дека за ваквите нарачки најчесто се чека да се распишат тендери, да конкурираат, да чекаат да ги изберат со што целата таа постапка им носи неизвесност и нема континуитет.

Видете и ова: Работници без дупла дневница, газдите со опомена за исплата

Дел од сопствениците на фирми од текстилната индустрија изминатите денови имале и состанок на кој дискутирале за состојбата и за начините на кои државата би можела да им помогне. Некои од мерките што циркулирале како предлози е државата да им ги намали придонесите за здравствено и пензиско осигурување и данок, што со платите за вработените ги плаќаат фирмите од оваа дејност. Или евентуално при идно зголемување на платите и минималецот, да не се зголемуваат и придонесите.

Она што го потенцираат стопанствениците со кои разговаравме, е дека оние кои имаат поголеми шанси да преживеат се фирмите што имаат развиено сопствен бренд и работат со свои материјали. Поголема е опасноста за оние кои работат со масовно производство по нарачка со туѓи материјали.

Пад на бројот на вработени

За ситуацијата во која е доведена текстилната и кожарската индустрија говорат и бројките на Државниот завод за статистика, кои ги посочува и Стопанската комора . Според нив, во оваа дејност во 2015 година бројот на вработени изнесувал 46.558, а во 2024 бил 32.102 што значи за десет години има намалување од 14.456.

Намалено е и учеството на оваа дејност во вкупниот извоз на државата, од 14,6% во 2015 на 6,15% во 2024 година. Учеството во БДП на овој сектор сиот овој период се движи околу 2,5%.

Статистичките податоци покажуваат и дека 2024 во споредба со 2023 во Северна Македонија имало зголемување во производството на текстилни ткаенини за само 0,8%, додека производството на облека паднало за 20,2%, а на кожа и други слични производи за 29,1%.