Барањето такси во Скопје - тренинг за нерви

Илустрација.

Такси-возило во главниот град се потешко се добива преку повик. Групацијата на авто-такси превозници реагира дека е алармантен бројот на диви таксисти кои прават нелојална конкуренција и возат по повисоки цени. Оттаму бараат поголеми контроли, додека градската власт во своите извештаи наведуваат дека тоа им е приоритет, но имаат само четири инспектори.

Од една дестинација во Аеродром до друга во Центар со такси – за иста релација, а две драстично различни цени, платил жител на Скопје деновиве возејќи се со такси.

„Во едниот правец успеав да повикам такси, ми наплати 230 денари. За враќање, зедов такси паркирано на една од станиците во Центар. Ми наплати 400 денари. Кога го прашав возачот по која тарифа е тоа, ми рече ’по ноќна‘. Му реков дека таква не постои и прашав дали вози на диво зошто не ми даде фискална, а тој ладнокрвно ми одговори ’да, па што‘“, раскажува скопјанецот Петар.

А, на вакви ситуации, жителите и посетителите на главниот град неретко се изложени во ситуација кога Скопје се соочува и со низа проблеми во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кои на граѓаните им донесоа нередовен возен ред и неизвесност кога ќе стигне следниот автобус.

„Последниве неколку месеци едвај се наоѓа слободно такси, и тоа во кое било време од денот, не само за време на типичниот скопски сообраќаен шпиц. Ако најдеш, треба да се радуваш како да си добил лото. Вртењето на сите можни такси компании едно по друго е тренинг за нерви. Некогаш, кога ќе успеам да најдам, ги прашувам возачите што се случува. Велат дека колегите еден по еден се пензионираат, а млади заинтересирани да возат такси нема, или ако има, возат во странство“, се надоврзува скопјанката Марија.

Видете и ова: ЈСП – (не)верен сопатник на скопјани

Проблемот со такси превозот во главниот град е евидентен и за Групацијата на авто-такси превоз на Град Скопје.

„Никогаш не било вака“, коментира претседателот на оваа Групација, Сашо Рајчановски, за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Според него, постојат неколку причини за ваквата состојба. Прв и најголем проблем кој го посочува е нелојалната конкуренција од т.н. диви таксисти. Тука се, како што вели, и условите кои ги нудат такси компаниите, а кои може да бидат подобри.

Проблем, според Групацијата е и недоволната контрола од градските сообраќајни инспектори. А од овде, според Рајчановски, треба да се почне и во решавање на состојбата – со поголеми контроли.

Лиценците за авто-такси превозот, како и инспекциите се во надлежност на Град Скопје преку Секторот за сообраќај и Секторот Инспекторат односно Одделението за инспекција на патен сообраќај.

Дали е намален бројот на лиценцирани такси возачи и дали, од друга страна, се бележи зголемен број на откриени диви таксисти, до објавување на овој текст од Град Скопје не добивме одговори.

Зошто да не возиш на диво кога никој не те „чепка“?

Во недостаток на официјални податоци, првиот човек на Групацијата вели тие немаат прецизни бројки затоа што постојано има одлив на возачи до компаниите. Но нивните претпоставки се дека разликата во соодносот помеѓу диви и легални такси е голема, односно еден спрема два. На пример, ако има 2.000 лиценцирани возачи, бројот на диви е најмалку 4.000.

„Не сакаат да работат во компанија ниту за плата ниту за процент. Си работат со свое возило кое не ги исполнува условите за такси, само ставаат табла горе, имаат нелегален таксиметар или апликација од телефон, не плаќаат даноци и немаат никакви давачки, глумат социјала и превезуваат со многу високи цени. А градските инспектори не ги санкционираат“, вели Рајчановски.

Тој е уверен дека градските власти и градоначалничката Данела Арсовска е запознаена со проблемот бидејќи како Групација се обраќале и писмено, а имале и повеќе јавни настапи во кои алармирале за ситуацијата.

Видете и ова: ЈСП и Комунална Хигиена возат „на резерва“

Четири инспектори за цело Скопје

Од друга страна, пак, инспекцискиот сектор на Град Скопје во своите извештаи наведува дека му недостигаат најмалку двајца инспектори за петен сообраќај. Во последниот извештај за работата, кој се однесува на првата половина од 2024, се наведува дека на целата територија на градот работеле четворица инспектори.

Во извештајот од Секторот Инспекторат потенцираат дека приоритет во тој период им бил токму авто-такси превозот во Скопје.

„Инспекторите за патен сообраќај континуирано како и во претходниот период ги извршуваа активностите преку контрола на соодветната документација за вршење на авто-такси превоз и санкционирање на сите оние кои вршат ваков вид на превоз на патници спротивно на законските акти“, пишува во документот на Град Скопје.

Она што го забележуваат е дека „континуирано остварувале одлична соработка со Министерството за внатрешни работи“, но се жалат дека немаат соработката со Агенцијата за управување со одземен имот.

Истата забелешка може да се прочита во извештаите за работата од изминатата година.

„Сè уште не е реализирана соработката со Агенцијата заради тоа сè уште не може да се извршува законската одредба за времено одземање на возила кои извршуваат такси дејност без лиценца“, се наведува во делот од извештајот што се однесува за инспекцијата на патниот сообраќај.

Видете и ова: Протест пред Град Скопје: „Сакаме јавен превоз, а не јавен хаос“

Неатрактивни услови и сообраќајниот хаос ги демотивираат таксистите

Додека од една страна легалните таксисти бараат поголема контрола од градските власти, а тие пак се жалат на недостаток на кадар и институционална соработка, од Групацијата на авто-такси превоз посочуваат дека и други фактори влијаат и може да ја подобрат ситуацијата.

Рајчановски вели дека такси-компании треба да ги мотивираат своите вработени со поголеми плата или процент.
„Имаат услови тоа да го направат зошто имаат голем број на повици, корисници се на поврат на ДДВ. Такси услугата се оданочува со 5 проценти, 18 проценти имаат поврат од гориво, резервни делови, набавка на возила“, смета тој додавајќи дека проблем има и со тоа што дел од компаниите и не ги пријавуваат сите возачи за да имаат помали давачки.

Тука е и сообраќајниот метеж поради кој, посочува, таксистите често не прифаќаат повик бидејќи знаат дека ќе заглават и повикот може да им биде откажат, а потоа ќе им треба време празни да се вратат на такси-станица.
Слични се сведочењата и на дел од таксистите.

„Немаме помалку возачи, возилата ни се добри, скоро набавени. Но, имаме многу повици, побарувачката е голема, а низ град е гужва и не може да постигнеме“, вели возач во една од поголемите такси-компании во Скопје.

Видете и ова: Ќе донесат ли камерите поголема сообраќајна култура и безбедност?

Како да се препознаат диви таксисти

А, како граѓаните кога не може да добијат такси преку повик, да не наседнат на диви таксисти и да не плаќаат поскапо?

Рајчановски советува дека граѓаните тоа најлесно може да го забележат на прозорците од задните врати на возилото.

Оние што возат со лиценца задолжително таму имаат залепено тарифник по кој се наплаќа такси-услугата.

Во Град Скопје во сила се три тарифи кои, пред сè, се усогласени со цената на бензинот. Најевтина е првата тарифа и таа е истата по која скопјани, на пример, се возеа и пред 10 години. Најскапа, пак, е третата и неа ја користат такси-компаниите со возила што користат поскапо гориво.

Ваквите тарифи беа усвоени од Советот на Град Скопје во 2022.