За осум месеци 90 луѓе загинаа во сообраќајни несреќи

Илустрација

Четири од вкупно 78 сообраќајни несреќи биле предизвикани од пешаци, во 72 виновни биле возачи, а останатите две се случиле поради други фактори, покажува статистиката од МВР од 1 јануари до 31 август. Во Северна Македонија, годишниот број на загинати во сообраќајни несреќи е над европскиот просек.

Вкупно 91 граѓанин загинале во сообраќајни несреќи за осум месеци, покажува статистиката што Радио Слободна Европа(РСЕ) ја доби од Министерството за внатрешни работи(МВР).

Бројките се за периодот од 1 јануари до 31 август 2025 година.

Или, во истиот период, по 11,3 луѓе месечно го губеле животот во сообраќајки.

Последната несреќа е од пред три дена (12 октомври) меѓу две возила на патот Штип - Велес, при што загина 72 годишен штипјанец, а 18-годишен возач од Струмица беше повреден.

Инфографика - Смртност во Северна Македонија, во Западен Балкан и во Европа

Според статистиката на МВР, од тие 78 сообраќајни несреќи со смртни последици во првите осум месеци од годинава, 72 сообраќајки биле предизвикани од возачи, четири биле предизвикани од пешаци, а другите две се случени поради „останати фактори“.

Во Северна Македонија, годишниот број на загинати во сообраќајни несреќи е над европскиот просек. Црниот биланс на нашите патишта е по 65 жртви годишно на еден милион жители, што е за четвртина повеќе од европските земји.

Минатата 2024 година во сообраќајни несреќи загинале 142 лица.

Зошто толку се гине?

Неодговорно се однесуваат и возачите, но и пешаците кога со поглед лево и десно не се осигуруваат дополнително дали безбедно можат да го поминат пешачкиот премин, вели Златко Соврески, д-р по сообраќајни и технички науки на Техничкиот факултет во Битола.

Менталитетот тешко се менува, сообраќајната култура е на ниско ниво, законот за безбедност не се почитува, набројува професорот некои од причините.

Но, најголемата забелешка е на обележувањето на патиштата.

„Имаме небезбедно направени обележувања, нефункционална хоризонтална и вертикална сигнализација, апсурдни обележувања на пешачки премини...Треба да се води повеќе сметка за обележувањето и на градски и на регионални патишта, како и да има ревизија и надзор од високостручна установа“, вели Соврески за РСЕ.

Видете и ова: Улиците стануваат опасни по живот

Државниот завод за ревизија(ДЗР) во мај годинава објави извештај за безбедноста на сообраќајот на патиштата во Северна Македонија во кој ревизорите велат дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и на европско ниво.

„Извршените анализи и спроведените инспекции на безбедноста на сообраќајот од страна на ангажираните експерти за потребите на ревизијата, упатуваат на висок степен на опасност на делниците предмет на анализа, незадоволителна хоризонтална и вертикална сигнализација, лошо одржување на коловозите кои може да предизвикаат сообраќајни незгоди со последици од истите“, пишува во извештајот.

Според ДЗР, од 2020 до 2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици.

Притоа загинале 457 лица.

За само три дена 82 опомени, казни уште нема

Од 26 септември почна примената на измените и дополнувањата на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата(ЗБСП), според кои пешаците кои преминуваат пешачки премин и разговараат на мобилен телефон, користат слушалки за разговор во двете уши, смарт часовник или таблет - ќе бидат казнети.

Истите законски мерки важат и за возачи на велосипед, мопед, мотоцикл, трицикл и четирицикл кои не смеат да користат електронски уреди додека управуваат со возилата.

За три дена, од 26 до 29 септември, полицијата во Скопје напишала 82 опомени за граѓаните по оваа основа.

Допрва ќе се види како опомените влијаеле, велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП).

„Многу е рано да се види ефектот. Тоа што е впечаток од терен е дека совесните остануваат совесни, несовесните - несовесни“, вели Дејан Андоновиќ, портпарол на РСБСП.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Брзо возење и алкохол - автомобилот смртоносно оружје

Иако законот предвидува и казни - 40 евра за поминување на пешачки премин со телефон во рака и 50 евра за возење тротинет, мотор или трактор со користење на електронски уред - засега никој не е парично казнет.

„Со санкции кон граѓаните ќе се започне кога истите веќе ќе бидат запознаени со новите измени во законот“, велат од МВР.

Од 1 јануари до 31 август полицијата евидентирала 3.086 прекршоци што ги направиле пешаци.

Заедницата „На точак“ регираше против „двојни стандарди“

По забраната на електронски уреди за пешаци и велосипедисти додека преминуваат на пешачки премин, заедницата „На точак“ обвини за двојни стандарди, бидејќи таква забрана нема и за возачи на моторни возила.

„За нив е забрането само да не употребуваат раце при користењето на уредите, а комотно можат да имаат слушалки во двете уши. Има некои меки формулации во важечкиот закон (кој не се менува во делот за возачи на автомобили) дека не смеат да користат електронски уреди „на начин на кој го загрозуваат управувањето со возилото“, инаку смеат. Значи тие можеби ја загрозуваат безбедноста, можеби не. Овие членови во законот ќе послужат само како лесен улов на напишани казни за полицајците, а нема да имаат реално никаков ефект врз безбедноста“, реагираше „На точак“.

Видете и ова: На велосипед низ Скопје - како видео игра со совладување препреки

Според нив, пешаците се најранливи учесници во сообраќајот и статистички гледано - најмалку виновни за сообраќајните судири „и не може нивната одговорност да се третира на исто ниво со одговорноста на тие кои управуваат возило. Вистинската опасност според сите статистики е брзото возење автомобили. Тоа убива“.

Во 2024 година животот го загубиле 24 пешаци во државава. Во првите три месеци од 2025 година, пак, загинаа петмина пешаци, според податоците што беа споделени на јавна дебата на Факултетот за безбедност во Скопје, по повод Неделата на пешаците што се одбележува од 1 до 7 април.

Видете и ова: Дванаесет години затвор за возачот кој ја прегази Фросина

Најмногу реакции и граѓански протести предизвика загинувањето на Фросина Кулакова, која беше усмртена на 29 јануари, додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Обвинет беше Васил Јованов кој без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час и на црвено светло удрил во Фросина која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

Јованов беше осуден на 12 години затвор.

Според статистиките од претходните години, 15 до 25 проценти од вкупниот број загинати лица во сообраќајните незгоди се пешаци.

„Безбеден град“ од Нова година

Со проектот „Безбеден град“ на МВР сообраќајните прекршоци ќе се регистрираат со помош на улични камери. Ова треба да почне да функционира од 1 јануари 2026 година.

Системот за почеток ќе се имплементира во Скопје, Тетово и Куманово, а планирано е да опфати и делници од Коридор 8 и Коридор 10. До средината на 2026 година целата држава ќе биде покриена со камерите, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Видете и ова: „Безбеден град“ лови илјадници прекршоци дневно, казните чекаат законски измени

Тој најави и поостри законски мерки, вклучително и измени во Кривичниот законик, затворски казни и трајно одземање на возилата за тие кои возат без возачка дозвола, под дејство на алкохол или дрога, или возат 90 километри на час над дозволеното.

Северна Македонија има и свои домашни, но и меѓународни цели што треба да ги исполни за да ја намали смртноста на патиштата. Во Националната стратегија за транспорт целта е до 2030 година бројот на жртви на патиштата да се намали за 50 отсто и а да нема ниту едно дете кое ќе загине во сообраќајка.