Резиме
- ЕУ Делегацијата во Скопје за РСЕ вели дека Министерството за земјоделство ги „напуштило“ реформите во шумарството.
- Со помош на ЕУ проекти од 1,5 милиони евра се подготовија закони и прописи кои предвидуваа трансформација на секторот, но, не се спроведоа.
- Наспроти ставот на ЕУ, од Министерството велат дека „процесите од ЕУ поддршката за реформите во шумарскиот сектор се продолжени и успешно имплементирани“.
Од 2019 до 2025 година, ЕУ потроши 1,5 милиони евра за да го реформира секторот шумарство во Северна Македонија. Трите проекти завршија, но, спроведување на реформите не се одвива на начинот на кој претходно било планирано.
Два претходни проекти чинеа 250.000 евра, а последниот „Поддршка на реформите во шумарството во Северна Македонија“, со буџет од 1.255.100 евра беше финализиран на почетокот на јули годинава по 28 месеци од неговото спроведување.
Преку овие проекти беа најавувани низа промени - трансформација на сегашниот Сектор за шумарство и ловство во Директорат за шуми во рамките на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, формирање Агенција за шуми како независен правен субјект што ќе врши планирање, контрола и заштита на сите шуми во државата и вклучување на Шумската полиција со 400 вработени и 30 станици во составот на Агенцијата.
Видете и ова: Михаилов: Има десетици кривични пријави против вработени за соработка со дрвокрадциДополнително, беше предвидена и преобразба на гломазното и неефикасно ЈП Национални шуми во децентрализирана државна компанија со повеќе правно самостојни регионални фирми-ќерки.
Но, од предвидените реформи во оваа сфера ништо не се исполни.
Како што велат од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија за РСЕ, главната цел на проектот било да се олесни спроведувањето на стратегиите, политиките и законодавството поврзани со ЕУ со цел да се поттикне одржливиот развој на шумарскиот сектор.
Притоа, вклучувајќи стратешки, правни институционални и претприемачки рамки, како и да се развијат информативни и други алатки за одржливо управување со шумите.
Инфографика - Што предвидуваа ЕУ реформите
Од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија за РСЕ велат дека планираните реформи биле значајни и влијаеле на целиот шумарски сектор.
За неколкугодишниот процес на ваквите реформи велат дека имаат тенденција да траат подолг период за развој и усвојување на законската рамка и дека исклучиво откако ќе се воспостави може да започне спроведувањето на реформата.
Но, од Делегацијата на ЕУ хронолошки објаснуваат дека процесот на реформи кој го поддржале и со пари и со експерти се соочил со значителни одложувања на усвојување на подготвените закони.
А одложувањата продолжиле и поради изборниот процес во 2024 година и промена на власта, кога во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доаѓа Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на местото на дотогашниот министер Љупчо Николовски од СДСМ.
„По изборите во 2024 година, ЕУ продолжи со својата поддршка и политички дијалог со новата влада и министерство. Ова вклучуваше презентации и појаснувања за претходно предложените реформи на Законот за шуми и справување со шумите, истакнувајќи ја важноста на процесот на реформи и посветеноста на Владата. Прашањето зошто реформите како што беа претходно предвидени беа напуштени, исто така беше дискутирано со министерството“, одговорија од Делегацијата на ЕУ за РСЕ.
Практично, она што било предвидено во рамки на ЕУ проектите за реформа на секторот шумарството за време на претходниот министер Николовски, не било испочитувано од актуелното раководство предводено од Трипуновски.
Министерството контра ЕУ - реформите се успешно спроведени
Од Министерството за земјоделство не дадоа конкретно образложение на ставот на Делегацијата на ЕУ - зошто по смената и доаѓањето на новата влада и министерот Цветан Трипуновски претходно договорените реформи биле напуштени.
Напротив, од институцијата настапуваат со позитивен тон - дека проектот успешно е затворен на 24 јуни 2025 година на настан на кој присуствувале и претставници на Делегацијата на ЕУ кои во нивно обраќање искажале благодарност за напредокот на проектот и негова реализација.
„Врз основа на досега завршените активности, може да се констатира дека процесите од ЕУ поддршката за реформите во шумарскиот сектор се продолжени и успешно имплементирани. Резултатите и извештаите поврзани со проектот се јавно достапни и јасно укажуваат на континуитет и напредок“, одговорија од министерството за РСЕ.
Воедно, ги истакнуваат досегашните продобивки од проектот - креирана е дигитална платформа за следење на тековите на дрвна маса, управување со планирањето на шумите и борба против нелегалната сеча, 106.000 хектари шуми управувани од државата сега се сертифицирани, направени обуки во ЈП Национални шуми и работилници со МВР.
Видете и ова: (Не)казнивост за подметнувачите на шумски пожариНова влада, нови предлог закони
Од Министерството за земјоделство во одговорот за РСЕ објаснуваат дека во aвгуст 2024 со промената на раководството во институцијата е направена и промена на дел од структурата на тимот за имплементација на европскиот проект за поддршка на реформите во шумарството.
Во периодот август 2024 до јуни 2025, Министерството за земјоделство извршило преработка на драфт верзијата на предложениот Закон за шуми, со образложение дека се „вметнати се сите ЕУ регулативи кои не беа земени во предвид во предложената верзија како што се новата регулатива за Дефорестација, новата стратегија на ЕУ за шумарство 2030 и стратегија за биодиверзитет на ЕУ за 2030, во корелација со сите засегнати страни“.
„Новиот текст на преработениот Закон за шумите се усогласи со европски регулативи кои претставуваат современи стандарди во областа на шумарството. Новиот предлог текст е поставен на ЕНЕР. Закажана е јавна расправа по истиот на 15 октомври. По одржување на јавната расправа и инкорпорирање на забелешките дадени на истата, Законот за шумите ќе биде доставен во владина и во собраниска процедура за негово донесување“, одговорија од Министерството за земјоделство.
Николовски: Новите измени се форма без содржина
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски го критикува сменетиот пристап на неговиот наследник Цветан Трипуновски.
Смета дека сегашното раководство ги напуштило суштинските реформи и прави козметички промени насместо суштинска трансформација, со што се губи можноста за модернизација според ЕУ стандарди.
Како што наведува Николовски, текстот на Закон за шумите, како и на Закон за формирање на агенција за шуми влегол во владина постапка 17.04.2024 година. Но, веќе во јули, по смената на власта, министерството без образложение ги повлекло од владина постапка изготвените закони и прописи кои биле сработени во рамки на ЕУ проектите.
Повлекување од владина постапка на предлог закони за шумарство
Неколку месеци подоцна, на 15 ноември 2024-та, министерството доставило до Владата нов материјал "Предлог за изменување и дополнување на Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Северна Македонија (2006-2026), со акциски план за период од 2025-2026 година."
Според Николовски, со овие постапки и измени во суштина ништо не се трансформира, туку само се дава некаква нова форма без содржина.
„Во однос на трансформацијата на „Национални шуми“, во споменатиот нов материјал тоа не ни спомнато, освен како фраза дека истото ке се трансформира со посебен правен акт, односно пак трасформацијата се одлага во недоглед. Наместо Агенција за шуми со наведени надлежности, се предвидвидува формирање на Управа за шумарство и шумска полиција, која и сега во форма на Сектор за шумарсво и ловство и Сектор за шумска полиција постојат во рамки во ова министерство. Во административната поставеност на ЕУ, терминот управа и јавно претпријатие како организациска поставеност не постојат, вели Николовски за РСЕ.
Каква ке биде судбината на наведениот Закон за шумите, Законот за формирање на Агенција за шуми и др., како и трансформацијата на Национални шуми и шумарскиот сектор, според Николовски, не знаат ниту најголем дел од вработените во министерството, а ни опозицијата, оценувајќи дека процесот се одвива во крајна нетранспарентност.