Фирма за отпадоци се „офајдила“ од зграда на парцелата за која се гони Беџети

Графичка илустрација.

Поранешниот градоначалник и актуелен пратеник на ДУИ, се гони за имот на кој никнала зграда на пет ката. Тој и други функционери и службеници од Сарај и Град Скопје се сомничат дека издале одобрение за градба за парцела каде немало ДУП. Приватна фирма, како инвеститор, со дејност трговија со отпадоци, „заработила“ 1,7 милиони евра.

Зграда на пет ката со 40 станови на парцела од речиси 2.400 квадратни метри во скопската општина Сарај.

Ова е фактичката состојба што ја покажуваат податоците од Агенцијата за катастар за парцелата поради која поранешниот градоначалник на Сарај и актуелен пратеник на ДУИ, Блерим Беџети, заедно со уште седум други лица добија кривична пријава од Финансиската полиција.

Пријавата е примена во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје од каде велат дека „веќе се преземаат дејствија на проверки“.

Фирма за отпад заработила 1,7 милион евра

За парцелата каде денес има зграда, според сознанијата на Финансиската полиција, иако не постои детален урбанистички план од Општина Сарај, биле изготвени и одобрени извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина.

Спорната парцела во Сарај поради која е поднесена кривична пријава против поранешниот градонаалник Блерим Беџети

Исто така, се тврди дека биле издадени и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште спротивно на законските прописи, а надзорен инженер направил и технички преглед на зградата и изготвил завршен извештај со лажна содржина.

Податоците од Катастар покажуваат дека најголемиот дел од становите во овој објект по имотни листови се водат на фирмата „Азра Идриз“, додека за неколку како сопственици се водат приватни лица или други фирми. Становите распоредени на пет ката, се со различни површини – од 40-тина до околу 140 квадратни метри. Зградата има и еден подземен кат односно гаражи или подрумски простории, како и мала површина од 43 квадрати која се води како дуќани.

Спомената фирма „Азра Идризи“ е од селото Глумово и неа Финансиската полиција ја наведува како субјект кој се офајдил од изградбата на зграда на парцелата за која немало ДУП.

„Пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект ’Азра Идриз‘ ДООЕЛ с. Глумово, Скопје – Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари (околу 1,7 милиони евра)“, велат од Финансиската полиција.

Видете и ова: Жители на Лагадин - спорниот хотел ја узурпира и плажата, институциите ветуваат казни

Станува збор за фирма, која според дејноста што ја регистрирала се занимава со „трговија на големо со отпадоци и остатоци“ и е основана во 2018 година.
Јавно достапните податоци покажуваат дека управител и сопственик е лицето Идриз Имери, а просечниот број на вработените во 2023 и 2024 година се движел од 0 до 5.

Добивката што ја имала фирмата претходните три години бележи драстични разлики. Во 2022, на пример, таа изнесувала речиси 2,8 милиони денари (45 илјади евра), за следната година да биде само 180 илјади денари (околу 3 илјади евра). 2024-та, пак, „Азра Идриз“ ја завршила со 40-тина пати поголема добивка – од 7,5 милиони денари (123 илјади евра).

Кои се осомничените и за што се гонат?

Блерим Беџети, кој е еден од пријавените во кривичната пријава од Финансиска полиција, се гони како поранешен градоначалник на Сарај.

Градоначалничкиот мандат што тој го доби во 2021 година, тој го прекина во 2024 кога на парламентарните избори во мај беше избран за пратеник од коалицијата Европски фронт предводена од неговата матична партија ДУИ.

Како актуелен пратеник, тој во моментот има пратенички имунитет. До неодамна, Беџети беше и координатор на пратеничката група на Европскиот фронт, но по локалните избори на 19 октомври и 2 ноември се повлече од координатор.

Инаку, на последните локални избори неговата партија ја изгуби локалната власт во Сарај, каде победи кандидатот на владејачката коалиција ВРЕДИ (ВЛЕН), Мухамед Елмази.

Беџети беше градоначалник на Сарај и во периодот од 2009 до 20211, а од 2011-2014 беше министер за правда.

Видете и ова: Чаирската романтика растегната меѓу криминал и политика

Останатите осомничени во случајот со парцелата во Сарај, кои Финансиската полиција ги објави со иницијали, се двајца поранешни секретари на општината, двајца раководители на секторот за урбанизам и еден помлад соработник. Меѓу осомничените е и раководител на секторот за планирање и уредување на простор во Град Скопје и еден надзорен инженер.

Кривичните дела кои им се ставаат на товар се злоупотреба на службената положба и овластувања, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.

По проверките што сега ги прави ОЈО Скопје, Обвинителството ќе треба да одлучи дали ќе отвори истрага.