Високи американски и украински претставници ги завршија разговорите во Флорида, а државниот секретар Марко Рубио ја опиша сесијата како „многу продуктивна“, но нагласи дека е потребно уште работа за да се изготви план за прекин на војната на Русија против Украина.
„Имавме уште една многу продуктивна сесија, надоградувајќи се на разговорите во Женева и настаните од оваа недела, но има уште работа што треба да се направи“, изјави Рубио за новинарите на 30 ноември по состанокот, без да образложи повеќе.
„Има многу нерешени прашања и секако дека тука има и друга страна што мора да биде дел од равенката“, додаде тој, осврнувајќи се на Русија.
„Ќе продолжиме подоцна оваа недела, кога специјалниот претставник на Белата куќа Стив Виткоф ќе отпатува во Москва... Исто така, во различен степен, сме во контакт со руската страна и имаме прилично добро разбирање за нивните ставови“, рече Рубио.
Рустем Умеров, секретарот на украинскиот Совет за национална безбедност и шеф на делегацијата од Киев, ги оцени преговорите како „значајни и успешни“, но не навлезе во детали.
„Завршивме тешка, но продуктивна рунда преговори во Флорида. Направивме опиплив напредок кон воспоставување праведен мир“, напиша Умеров на Телеграм.
Додаде дека состанокот бил „значаен и успешен“.
„Сè уште има многу работа пред нас - продолжуваме да се консултираме и да се договараме за понатамошни чекори за мир за Украина“, напиша тој.
АФП цитираше неименуван извор близок до украинскиот тим кој рече дека разговорите „не биле лесни“ и дека „потрагата по формулации и решенија продолжува“.
Преговарачките тимови се состанаа во Халандејл, Флорида, северно од Мајами, во услови на забрзани напори за усогласување на условите за план прифатлив и за Киев и за Москва.
Видете и ова: Трамп го испраќа преговарачот Виткоф на средба со Путин, додека мировните преговори добиваат на интензитетОваа недела, Виткоф треба да отпатува во Москва на средби со високи руски претставници, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин. Тоа ќе биде негов шести состанок со Путин од јануари.
На почетокот на 30 ноември, украинскиот претседател Володимир Зеленски напиша на социјалните мрежи дека „американската страна покажува конструктивен пристап и дека во наредните денови е можно да се разработат чекори за да се утврди како да се доведе војната до достоинствен крај“.
Подоцна, Зеленски рече дека разговарал со лидерите на Европската комисија и НАТО за да помогне во „усогласувањето на ставовите“ за време на мировните преговори.
„Разговарав со шефот на НАТО, Марк Руте и ќе го продолжиме разговорот во наредните денови“, рече Зеленски.
По разговорот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, украинскиот претседател додаде:
„Одржуваме целосна координација со Европската комисија и сум благодарен за поддршката“.
Киев и европските сојузници се обидуваат да смислат алтернативен предлог откако претставниците на администрацијата на Трамп открија план од 28 точки кој во голема мера вклучуваше строги барања од Москва кои беа на сила од почетокот на нејзината инвазија во февруари 2022 година.
За некои Украинци, планот претставуваше капитулација по речиси четири години војна во која беа убиени или ранети повеќе од еден милион луѓе од двете страни.
Француските власти објавија дека претседателот Емануел Макрон ќе го угости Зеленски во Париз на 1 декември за да разговараат за „условите за праведен и траен мир“.
Макрон е еден од најсилните сојузници на официјален Киев.
Првичниот предлог на САД од 28 точки, објавен минатата недела, ги загрижи украинските претставници - и наводно го налути Зеленски - кои потоа одржаа свои разговори со Рубио и други американски претставници во Женева.
Овие разговори резултираа со план од 19 точки, кој остава неколку големи прашања отворени, вклучувајќи ја судбината на делови од Донбас, судбината на аспирациите на Украина за НАТО и потенцијалното ограничување на големината на вооружените сили на Украина.
Видете и ова: САД и Русија разговараа за мировниот план, Зеленски предупредува дека „има уште многу работа“Началникот на кабинетот поднесе оставка
Дипломатската активност доаѓа по драматичната недела што кулминираше со оставката на Јермак, многу влијателниот началник на кабинетот на Зеленски. Јермак поднесе оставка на 28 ноември, неколку часа откако антикорупциските истражители извршија рација во неговата канцеларија.
Рациите произлегоа од растечкиот скандал со поткуп поврзан со средства за одбрана на ранливата енергетска инфраструктура на Украина. Двајца министри веќе се разрешени.
Јермак не беше директно обвинет за незаконско работење и рече дека за време на рациите, на истражителите им бил даден „целосен пристап“ до неговиот стан и дека тој обезбедувал „целосна соработка“.
Самиот Зеленски не е директно вклучен, иако скандалот се претвори во најлошата политичка криза во неговите повеќе од шест години на функцијата.
Продолжување на нападите со руски беспилотни летала
Во ноќта помеѓу саботата и неделата, руски беспилотен авион се урна во станбена зграда во градот Вишгород во регионот Киев, при што загинаа најмалку едно лице, а беа повредени повеќе од десетина други. Регионалниот гувернер Микола Калашников рече дека спасувачите ги евакуираат жителите на облакодерот и бараат преживеани.
Еден ден претходно, Русија ги бомбардираше Киев и други делови од земјата, оставајќи стотици илјади луѓе без струја низ целата земја додека температурите почнуваат да паѓаат. Најмалку три лица беа убиени, а десетици други беа ранети во тие напади.
Видете и ова: Украина погодена од руски напади и корупциски скандал во пресрет на мировните преговориДодека се бори на бојното поле да ја ограничи поголемата и подобро опремена војска на Русија, Украина сè повеќе напаѓа цели во Русија, таргетирајќи нафтени и енергетски постројки.
Украинската војска соопшти дека рано наутро на 29 ноември ја погодила рафинеријата за нафта Афипски во рускиот регион Краснодар, како и објект на воена авијација во регионот Ростов.
Главната разузнавачка агенција на Украина објави видео на кое наводно се прикажани поморски дронови како таргетираат два танкери од „сенка флота“ во Црното Море. Русија користела глобална флота од бродови со нејасни записи за регистрација и сопственост за извоз на нафта, избегнувајќи ги западните санкции.
Од друга страна, Молдавија на 29 ноември објави дека руски дронови влегле во воздушниот простор на земјата пред да полетаат на соседна украинска територија. Тоа беше трет таков инцидент за девет дена.