Македонската Армија го одбележа својот 33-годишен јубилеј низ свеченост која ја потенцира нејзината клучна улога во заштитата на суверенитетот и безбедноста на државата.
Прославата оваа година доби и поинаква димензија, откако претседателката Гордана Сиљаноска-Давкова, ја искористи оваа прилика за да го претстави нејзиниот предлог за изградба на хибриден НАТО клинички центар во Штип.
Замислата на Сиљаноска-Давкова е болницата во Штип да се претвори во современа установа која ќе го поврзе здравствениот систем со одбранбените потреби на земјата преку полигонот Криволак. Тоа е еден од најголемите воени полигони во Југоисточна Европа, сместен блиску до Неготино, кој веќе обезбедува соодветна инфраструктура и поддршка за НАТО сојузниците, но и за македонската Армија.
„Зошто да не е можен НАТО Клинички центар, според врвните стандарди на Алијансата, кој што во мирнодопски услови би им бил на располагање на македонските граѓани, а во услови на евентуален конфликт би бил медицински центар за потребите на НАТО? Или, зошто еден хибриден модел на Клинички центар не би бил изграден овде во Штип, во град со извонредна стратешка локација, добра инфраструктурна поврзаност, со државен универзитет, Медицински факултет пропратен со Клиничка болница и студентски дом?“, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на Денот на Армијата на 18 август.
Видете и ова: Сиљановска-Давкова: Како држава мораме да инвестираме во одбраната и безбедностаСпоред неа, тоа би придонело за обнова, заживување и препород на, како што рече, „запустената, иселена и раселена источна Македонија“.
Дополнително, Сиљаноска-Давкова истакна уште еден предлог - отворање на Центар за обука на обучувачи на полигонот „Криволак“.
Иницијатива која допрва ќе се развива
Нејзиниот предлог се уште не стигнал на адреса на Владата, и оттаму ни посочија дека се работи само за идеја, па не упатија детали да побараме од Кабинетот на претседателката на државата.
Од Кабинетот на Сиљаноска-Давкова за РСЕ велат дека НАТО Клиничкиот центар и Центарот за обука на обучувачи се „размислувања и идеи на претседателката насочени кон вклучување на капиталните инвестиции во инфраструктурни цели во рамките на трошоците за НАТО“.
„Криволак важи за еден од најдобрите тренинг полигони во Европа. Ако е така, а ние имаме мала и сиромашна економија, зошто при изградбата на Клиничкиот центар во Штип во чија близина е Криволак, да не се вклучат и овие димензии: Клиничкиот центар и НАТО Центарот за тренинг на обучувачи на армискиот полигон Криволак. Идејата е да се стимулира продуктивно инвестирање, а не само трошење на оружје. Се разбира, за иницираните идеи, претседателката ќе разговара со надлежните власти, како и со претставниците на Алијансата“, одговорија од Кабинетот на Сиљаноска-Давкова.
РСЕ се обрати и до НАТО Алијансата во однос на прифатливоста на предлогот на претседателката и воен командант на Армијата на Северна Македонија врз основа на нејзниот јавен настап, но, засега не добивме одговор.
За професорот по безбедност и кривично право Стефан Буџаковски, предлогот на Сиљаноска-Давкова е сосема исправен имајќи во предвид дека државата е членка на НАТО.
Според него, исполнувањето на двете идеи ќе значат поголема доминација и улога на Северна Македонија во вкупната безбедносна состојба, а од друга страна како чувар на Балканот би се зајакнала позицијата на државата во Алијансата.
„Што се однесува до инвестиции, со нив ќе дојде и квалитет. Тоа значи дека членките на НАТО ќе инвестираат и во човечкиот фактор, нивна едукација и специјализација што значи ќе добиеме поголема форма на квалитетно здравство, односно квалитетни здравствени работници, тоа пропратно ќе оди со некоја современа апаратура која ќе биде во функција на здравствениот систем. Ако направиме паралела со големата улога на Воената клиника во Белград за времето на поранешна СФРЈ, во однос на квалитет позната за постигнување на одредени здравствени цели, сметајте дека ова ќе биде една многу повисока форма“, вели Буџаковски за РСЕ.
Болница која никако да се догради
За да се реализира идејата за НАТО Клинички центар прво треба да се доизгради болницата во Штип, чиј камен темелник беше поставен на 3 март 2016 година и уште не е завршена.
Проектот доживува сериозно доцнење во распон од речиси една деценија, а во јавноста беа пласирани и контроверзии поврзани со високи хонорари и сомнителни трошоци во период кога болницата воопшто и не се градеше.
Тоа треба да го промени Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство со кој на Северна Македонија и се ставија на располагање шест милијарди евра за финансирање на капитални проекти од повеќе сектори.
Од Владата велат дека дел од тој проект е завршување на Клиничкиот центар во Штип, заедно со изградба на зграда за Медицински факултет и студентски дом со 200 легла.
Според извештајот на НАТО за 2024 година,Северна Македонија одвоила 2,22% од својот БДП за одбраната, со што се најде на 11-то место меѓу сојузниците.
Видете и ова: НАТО одлучи секоја земја да одвојува по 5 насто за одбранатаНа 26 јуни, лидерите на НАТО се обврзаа дека членовите на Алијансата ќе трошат пет проценти од својот БДП секоја година за одбрана и безбедност до 2035 година за да ги исполнат „индивидуалните и колективните обврски“.
Според договореното, најмалку 3,5 отсто годишно ќе бидат наменети за расходи за одбраната, за потребите за основни одбранбени ресурси и за исполнување на целите за способностите на Алијансата.
Преостанатите 1,5 отсто од БДП годишно ќе бидат наменети за заштита на критичната инфраструктура, обезбедување на граѓанска подготвеност и отпорност, иновации и за зајакнување на одбранбената индустриска база.