Со „Мој термин“ ќе се следи детскиот развој, патронажната служба и здравјето на работниците

Графичка илустрација

Додека системот се надградува во рамки на дигитализацијата во здравството, матични доктори и натаму тешко наоѓаат термини за специјалистички прегледи, а пациенти се жалат дека не можат да завршат преглед или да земат лекови затоа што системот „паѓа“. Од Министерството за здравство велат дека креираат поедноставен, побрз и подостапен систем.

Следење на детскиот развој, поддршка на патронажната служба, прегледи од областа на медицина на трудот за вработените и портал за работодавачи, се некои од новините што Министерството за здравство ги додава во националниот систем за електронски евиденции во здравството, познат како „Мој термин“.

Но, додека системот се надградува во рамки на дигитализацијата во здравството, матични доктори и натаму тешко наоѓаат термини за специјалистички прегледи, а пациенти се жалат дека не можат да завршат преглед или да земат лекови затоа што системот „паѓа“.

Видете и ова: Можно проширување на „Мој термин“ или нова дигитализација

Од Министерството за здравство велат дека главната цел на реформата што ќе се прави е да се креира поедноставен, побрз и подостапен систем. Тоа значи поедноставување на процесите и за пациентите кои закажуваат преглед и за здравствени работници кои покрај прегледот завршуваат и административни процедури.

„Во моментот се врши мапирање на целата инфраструктура на државата и од јавните здравствени установи, бараме опис на потребите, кадровскиот капацитет и технологијата, по што ќе се изготви детална анализа, по што ќе следува систем со реални решенија, систем поврзан со „Мој термин“ и јасно дефинирани протоколи, за упатување на пациентите од примарно во секундарно, па во терциерно здравство. Целта е да имаме јасни индикатори за секој доктор, дали услугите што треба да ги нуди, во примарно и терциерно, ги нуди, или само се прави преупатување на пациентите“, велат од Министерството за здравство.

Неодамна беше промовирана можноста во „Мој термин“ да се евидентираат здравствените прегледи за општа здравствена способност, за засновање работен однос, за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, трактор и работна машина, како и прегледи за здравствена состојба за поседување и носење оружје.

Следен во плановите е портал за работодавачи, за да се иницираат прегледи за вработените.

Видете и ова: Ажурирање на број во Мој термин - повеќе работа за матичните, стрес за дел од пациентите

Гинеколози, пак, преку нивните здруженија предложија да се воведе и дел наречен „Женско здравје“,за да се внесуваат извештаите од гинеколошките прегледи, од ехо на дојка и момографија и следење на ХПВ статусот на секоја жена.

На почетокот на март на матичните лекари им беше наложено со смс порака да ги верифицираат пациентите во системот. Тогаш матични доктори направија едночасовен протест како револт затоа што не биле консултирани за оваа новина, која им направи застој во работата.

Приватни лекари: Приоритет се термините, електронски упат и рецепт за антибиотик

Здружението на приватни лекари и на сегашниот министер за здравство, Азир Алиу, му достави барања за кои сметаат дека се приоритетни за матичните лекари и пациентите да имаат поголем бенефит од здравствените услуги. Што се однесува до „Мој термин“, тоа се барањата да се воведе електронски упат (што беше дозволен во ковид-пандемијата), електронски рецепт за антибиотик и повеќе термини кај специјалистите.

„Не може да се пуштаат по пет термини, на пример на кардиологија или на ревматологија, па после пациенти да се праќаат на приватно. Населението ни старее, ние треба да им олесниме на тие баби и дедовци што се останати сами дома, да не доаѓаат по упат. Хартијата треба целосно да се тргне од употреба“, вели д-р д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Видете и ова: Милионска опрема фаќа прашина во болниците, а до преглед сѐ потешко

Д-р Бојан Трајковски, матичен доктор, пак смета дека би било добро во „Мој термин“ да се внесат и со прегледите што пациентите ги прават во приватното здравство.

„Така би имале целосен приказ за здравсјето на нашето пациенти“, вели д-р Трајковски.

Системот паѓа, ама поретко од претходно

„Неколку пати досега, на редовна контрола ми се случува да падне системот „Мој термин“. Како да не е доволно тоа што треба да поминам три шалтери за заверка на упатите за да се видам со докторката, туку се случува да чекам и до 2 часа за да проработи системот и да ме регистрираат на листата на пријавени пациенти. Без да ме пријават, не можам да влезам кај докторката, а дури и да влезам, кога не работи Мој термин, таа не може да ми напише извештај со соодветната терапија за лекување“, раскажува скопјанката Марија К. за искуството што летово го имала на Клиниката за ревматологија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Државна болница – чекалница за пациенти, до редовен термин само најупорните

Соња П., пак, минатата недела не можела да земе лекови од аптека поради пад на системот.

„Мој термин не работи, не можеме да ви го издадеме лекот, дојдете подоцна. Тоа ми го кажаа во сите три аптеки во кои влегов да ја побарам редовната терапија за татко ми кој има хронична болест и не може сам да оди по лековите. По два часа се обидов повторно и пак креваа раменици аптекарките и кажа дека не знаат дали и кога ќе проработи. Сепак, по неколку часа системот пак беше во функција и ги зедов лековите, но што ако беше нешто итно?“, вели Соња.

Лекари велат дека системот знае да падне, но се случува поретко отколку претходно. Забележале дека најчесто проблем има првиот понеделник во месецот, кога се прави „апдејт“, па може да е нефункционален неколку часа.

Речиси половина пациенти не дошле на закажани термини

Од друга страна, и покрај поплаките дека многу се чека за термини,„Мој термин“ евидентира дека значителен број пациенти не доаѓаат и на веќе закажани снимања, ниту ги откажуваат за да отстапат простор за друг.

На пример, на Клиниката за гастроентерохепатологија од закажани 4.019 прегледи од почетокот на 2025 година до сега, на преглед не дошле 1.819 пациенти, што значи 45 отсто закажани пациенти навреме не го откажале прегледот, според податоците од „Мој термин“ за Радио Слободна Европа (РСЕ).

За снимање на магнетна резонаца, не биле реализирани 44 отсто закажани прегледи во Клиничката болница - Штип.

За снимање на компјутерска томографија на Клиника за неврологија не биле реализирани 47 отсто закажани прегледи. На Клиниката за радиологија за снимање на магнетна резонанца не дошле 35% пациенти кои имале закажан термин.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зошто и кога треба да го откажете терминот за специјалистички преглед?

Од „Мој термин“ апелираат пациентите кои не се во можност да дојдат на закажаниот преглед, однапред да го откажат. За тоа има неколку начини - СМС порака на телефонскиот број 144 - 194, при што во пораката се пишува бројот на упатот, преку мобилната апликација „Мое здравје“ или прелу лекарот кој го издал упатот.

Македонскиот модел на „Мој термин“ стартуваше на 1 јануари 2012, кога министер за здравство беше Никола Тодоров. Беше избран и копиран според германскиот здравствен систем, со цел да се овозможи да се следат листите листите на закажани прегледи и интервенции во државното здравство.

Системот го користат околу 10.000 лекари (4.800 лекари од примарна, 3.700 од секундарна и 900 лекари од терциерна ниво на здравствена заштита), како и околу 3.900 здравствени установи.

Години наназад овој проект функционира во повеќе европски земји како што се Швајцарија, Италија, Шведска и Германија.