Беким Сали и Мухамед Хоџа ќе бидат новите имиња во Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски – едниот како прв вицепремиер, другиот како министер за животна средина. Тие ќе ги пополнат двете функции што до пред локалните избори ги вршеше еден од лидерите на коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) Изет Меџити, кој стана градоначалник на Чаир.
Владините предлози пристигнале во Собранието. Оттаму велат дека според собранискиот Деловник наскоро ќе биде спроведена постапка за нивно назначување, при што прво прашање за кое ќе се гласа на пленарна седница е разрешување на досегашниот министер за европски прашања Орхан Муртезани.
Но, „освежувањата“ на владините редови нема да запрат тука. Во наредните месеци се очекува и поголема реконструкција на Илинденска бр.2 – потег за кој подолг период се зборува во јавноста и за што како кандидати за смена се споменуваат повеќе министри од сите три владини партнери – ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ.
Реконструкциите не се ништо ново и ретко за македонските влади, а честата смена на министри влијае негативно и на интегритетот на самите институции, но и на проектите и реформите во разни ресори, сметаат дел од експертите со кои разговараше Радио Слободна Европа (РСЕ).
Податоците за промена на министри, на пример, покажува дека во дел од ресорите во просек еден министер не се задржал ниту по две години.
„Администрацијата е заморена бидејќи се добива впечаток како секој пат кога доаѓа нов министер да се почнува од почеток наместо да има континуитет којшто требаше да биде обезбеден во минатото во сите овие дискусии за реформи на јавна администрација“, вели за РСЕ, Неда Малеска-Сачмароска, извршната директорката на невладината Центар за управување со промени (ЦУП) која долги години, меѓу другото, ги следи реформите во администрацијата и спроведувањето во на владините програми.
Видете и ова: Неизбежна реконструкција на Владата, можни „прелети“ во СобраниетоМрзелива администрација и недостаток на крупни реформи
Честата смена на министри, особено без посебни образложенија и без мерлив перформанс на нивната работата, исто така, влијае и на интегритетот и на политичарите и на самите институции, смета и Гордан Георгиев, коосновач и претседател на Форумот за разумни политики (ФРП).
„Ние знаеме дека при поставувањето на министри многу често првиот и најважен критериум е партиската лојалност и позицијата на одредени функционери во самите политички партии, но тоа никако не може да биде мерило за квалитет, квалификации, компетентност. Во ваквиот ’споил систем‘ секако дека најголема штета трпат институциите, а потоа секако и граѓаните“, вели Георгиев за РСЕ.
Последиците, како што посочува, е што институциите и администрацијата стануваат мрзеливи, без мотивација за работа, без јасни правила на игра и без изгледни шанси да се спроведат крупни реформи.
Интегритетот за кој зборува Георгиев, беше дел и од истражувањето на јавното мислење што го спроведе ФРП во периодот од 15 до 25 август на примерок од 1.027 испитаници.
Меѓу резултатите беше и тоа дека 73,2% од граѓаните не веруваат дека во Северна Македонија има политичар односно носител на јавна функција со интегритет (морален, искрен, чесен, стабилен и исполнителен). Интересен податок е и што 22% од граѓаните веруваат дека институциите постапуваат чесно и законски, додека 45% изразуваат јасна недоверба во институциите.
Како да се обезбеди континуитет?
Немањето континуитет и можност да се истераат програми и реформи, што го посочуваат нашите соговорници како дел од проблемите при честа смена на министри, би можел да се надмине со професионализација на дел од кадрите.
Малеска-Сачмароска од ЦУП посочува дека тоа не би било проблем ако државните секретари се професионалци и покрај тоа што ова се политички процеси.
„И покрај тоа што се правеле обиди тие да доаѓаат од администрацијата, во најголем дел од случаи доаѓаат некаде однадвор од институциите и тоа не го обезбедува континуитетот. И уште една работа што, исто така, многу влијае се кабинетите на министрите. Како еден министер заминува, заминуваат и кабинетите, бидејќи и тука најчесто тие доаѓаат од надвор иако законски постои можност во нив да има и службеници коишто ќе бидат платени со определен надомест за таму“, вели Малеска-Сачмароска.
Видете и ова: Рекорден бројот на министри за правда, реформите минималниМинистри едвај по две години
Меѓу ресорите каде досега најчесто се менувале министри, најдолги се списоците во здравство, образование и наука, правда, култура…
Актуелниот прв човек во Министерството за здравство, Азир Алиу, е 19-ти по ред министер од 1991 година кога државата прогласи независност . Ако се извади просек, 19 смени за 35 години значи дека помалку од две години мандат за секој министер. Најдолго на функциите таму се задржале Никола Тодоров (ВМРО-ДПМНЕ) и Венко Филипче (СДСМ) по шест, односно пет години.
Актуелниот Алиу е министер од јуни годинава, а со неговото име веќе се лицитира како едно од оние што би биле сменети во реконструкција на Владата во наредните месеци.
„Јас како министер си терам со моите процеси и обврски сè додека сум министер во оваа институција“, рече Алиу во интервју за РСЕ на 9 ноември кога на прашањето дали и тој ќе биде меѓу сменетите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Алиу: Премиерот ќе одлучи за реконструкција на Владата, јас ќе работам до крај
Покрај Здравство, тука е и ресорот Образование и наука каде актуелната Весна Јаневска е 13та по ред министерка во последните 25 години. Пред 2000-та, овој ресор беше поделен на две министерства – едно за образование и едно за наука.
Во овој сектор изминатите години се најавуваа стратегии, реформи, нови концепции, додека од друга страна во пракса се повторуваа проблемите со недостаток на учебници, отсуство на факултетите од Шангајската листа, лоши резултати на меѓународното тестирање за ученици ПИСА …
Министерствата за култура и правда, исто така, се меѓу рекордерите по смената на министри. Од 1991 досега, во Култура имало 17 министри, додека во Правда 15.
Какви промени се очекуваат во актуелната Влада?
Идниот министер за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, ќе биде 16-ти по ред од 1998 година, кога беше формиран овој ресор.
Ова ќе биде прво министерско искуство за Хоџа, кој во време на владеењето на СДСМ и ДУИ беше портпарол на Владата.
Беким Сали, кој ќе биде прв вицепремиер, веќе има министерски бекграунд од 2022 година. Тој е еден од министрите што го воделе Министерството за здравство во владата на СДСМ и ДУИ, во периодот кога дел од неа беше и Алтернатива, чиј кадар е Сали.
Поголема реконструкција, според очекувањата на партнерите во владата, би требало да има во следните месеци и за неа гласините се дека би биле опфатени и дел од министрите и од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и дека е можна трампа на ресори меѓу партнерите.