Од 300 до 500 нови паркинг места за пациентите кои се лекуваат на Клинички центар и нивните придружници. Ова е само најава на министерот за здравство Азир Алиу кој веќе три дена ја преговара со компании кои имаат паркинг простор во околината на комплексот клиники. Договор вели дека се уште не е постигнат, но, очекува да се случи и веќе следната недела паркингот во рамки на клиниките да биде растоварен.
Министерството планира да обезбеди месечни паркинг картички за вработените по приближно иста цена како и досега, а Алиу изрази уверување дека особено лекарите ќе го прифатат ова решение.
"Идејата е поголем број на вработените да се паркираат надвор од клиничкиот центар за да може да се ослободи просторот внатре. Јас лично мислам дека лекарите лесно ќе ги убедиме бидејќи се лекари и знаат дека пешачењето две-три минути е здраво. А од друга страна, тие се тука заради пациентите“, рече Алиу на брифингот со новинарите.
Азир Алиу, министер за здравство
За неговото предлог решение посочи дека се уште не разговарал со вработените на клиниките, но лично е убеден дека ќе биде прифатена.
Технолошки иновации за подобро паркирање
Покрај физичкото ослободување на паркинг местата, министерот Алиу најави и технолошко унапредување на целиот систем за паркирање во Клиничкиот центар.
Ќе бидат поставени интерактивни табли на сите влезови и низ центарот, кои ќе им помагаат на пациентите полесно да ги најдат бараните одделенија.
"Паркингот моментално е хаотичен и не е мапиран. Ќе треба да се мапираат сите слободни места каде што ќе се паркираме, како што е секаде и во градот и во светот", објасни министерот.
Тој признава дека имплементацијата на овие мерки може да наиде на отпор, но е уверен дека со добра комуникација и разбирање од страна на вработените, планот ќе биде успешно реализиран.
"Сепак сме министерство и ние освен убавите работи што ги гордееме што ќе ги направиме, сме спремни и на критики и на вакви малку потешки процеси", заклучи министерот.
Засега без долгорочно решение
Хаосот и борбата за паркинг место на Клинички центар продолжи откако Министерството за здравство додека го предводеше Арбен Таравари го поништи тендерот за изградба на катни гаражи на Клиничкиот центар „Мајка Тереза" во Скопје.
Видете и ова: Нема решение за проблемот со паркингот на КлиничкиТаравари првично го бранеше тендерот, тврдејќи дека процедурата е регуларна и дека договорот ќе важи само додека Клиничкиот центар е на сегашната локација, што според него би било најмногу 7-10 години.
По бурните реакции во јавноста за условите под кои албанската компанија „Ѓока констракшн" требаше да стопанисува со паркингот и обвинувањата за корупција од опозицијата, тогашниот министер Таравари објави дека тендерот е поништен и дека „Ѓока констракшн" нема да стопанисува со паркингот.
РСЕ се обрати и до Владата на РСМ прашувајќи дали се бара решение по пропаднатиот тендер. Од таму велат дека „решавањето на проблемот со паркингот на Клинички центар е еден од приоритетите на Владата, за кој сериозно се размислува сѐ со цел изнаоѓање на најсоодветно решение“.
„Веднаш штом се дојде до предлогот кој ги задоволува потребите на сите граѓани и е во согласност со законските процедури, Владата ќе ја информира јавноста“, одговорија од Илинденска.
Во моментов, со паркингот на Клиничкиот центар стопанисува јавното претпријатие „Градски паркинг“ иако неговиот договор не е продолжен од 2022 година.