За точно еден месец од денеска (5 август) Државната изборна комисија (ДИК) треба да ги потврди кандидатите за градоначалници и советници за претстојните локални избори во Северна Македонија. Кампањата, пак, официјално ќе започне на 29 септември.
Но, тоа е само на хартија. На терен сликата е поинаква – кандидатите кои веќе ја доживеаја промоцијата од своите партии, секојдневно имаат активности, се среќаваат со симпатизери, промовираат и најавуваат проекти. Растрчани се и државни функционери често придружувани од кандидатите, голем дел актуелни градоначалници што ќе бараат доверба од граѓаните за нов мандат. Дел од нив, се среќаваа со кандидати и во државните кабинети...
Оваа пракса се повторува секои изборни циклуси без разлика кој е власт, а кој опозиција, наметнувајќи ги прашањата чуму изборни рокови за кампањи и колку во предизборен период е тенка линијата меѓу државата и партијата и меѓу функционерските и партиските активности.
Но, со оглед дека кандидатурите официјално не се потврдени од изборната комисија и кампањата не е започната, поранешниот претседател на ДИК, адвокатот Александар Новаковски, посочува дека тука нема „буквално кршење на изборните законски одредби“, но се кршат изборните стандарди и принципи.
„Станува збор за нерегулирање на периодот од распишување избори до потврдување на кандидатските листи. Во сите изборни процеси тоа останува така и партиите тоа буквално го користат за еден вид промоција на своите кандидати. Тоа мислам веќе на сите ни е јасно на сите и затоа не се регулира – за да се користи и од едни и од други, нема тука никаква партиска боја, сите го користат тоа“, вели Новаковски за РСЕ.
Видете и ова: Изборната трка почна предвреме: Министри и градоначалници на теренПретседателот на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски, пак, смета дека законските одредби во Изборниот и во Законот за спречување на корупција и судир на интереси се јасни, но проблеми има.
„Законите се прилично прецизни и јасно утврдуваат што не е дозволено кога се во прашање изборните кампањи. Сепак понекогаш разграничувањето на тоа кои активности претставуваат кампања, а кои не е навистина тешко да се разграничи. Сведоци сме и во минатото дека постоеа голем број на злоупотреби кои политичарите односно вршителите на јавни функции ги правеа за време на кампањите за избори“, вели Пандовски за РСЕ.
Средбите со кандидати во државни кабинети не се спорни за функционерите
А, каков е ставот на функционерите, на пример, за тоа дали ја злоупотребиле државната функција за партиски цели за нечија кампања, РСЕ упати прашања за два конкретни случаи каде тие во своите државни кабинети се сретнаа со кандидати за градоначалници.
Бизнисменот Менди Ќира, кој е независен кандидат за градоначалник на Струга, на социјалните мрежи објави фотографии од средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, во неговиот кабинет на 12 август, три дена откако Гаши ги распиша изборите. Откако објави независна кандидатура, коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ) во која е и Гаши, објави дека на изборите ќе го поддржи Ќира.
На нивната средба, покрај што разговарале за соработката и поддршката со бизнис заедницата, бизнисменот наведе дека претседателот на Собранието „му посакал успех како независен кандидат за Струга“.
Меѓутоа, Гаши не гледа ништо спорно во тоа.
„Средбата на претседателот на Собранието Африм Гаши со Менди Ќира беше една од неколкуте што ги имале уште од почетокот на мандатот, во рамките на активностите поврзани со Стопанската комора на Северозападна Македонија, и беше во дух на благодарност за досегашната соработка со г. Ќира како претседател на Комората. Претседателот остварува средби со сите граѓани без оглед на нивниот политички ангажман“, се наведува во одговорот од кабинетот на Гаши до РСЕ.
Видете и ова: Спортскиот терен - политичка предизборна арена со националистички скандирањаСлична ситуација имаше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, со кандидатот за градоначалник на Карпош од нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски. Со фотографија од средбата во нејзиниот министерски кабинет, Димитриеска-Кочоска на социјалните мрежи на 6 август напиша дека разговарале за претстојните локални избори и порача дека „Карпош заслужува нова енергија“.
„Министерката во рамки на своите редовни активности, остварува средби со бројни економски чинители, претставници на локалната самоуправа, стопанственици и граѓани. Секоја средба е транспарентна, отворена и насочена кон подобрување на економската состојба и фискалната дисциплина на државата. Министерството за финансии останува посветено на транспарентно, професионално и одговорно работење во служба на сите граѓани, независно од нивната политичка припадност“, одговорија од Министерството за РСЕ.
За да се случат промени треба да има волја и интегритет
Како и што може да се промени?
Ако ништо друго, барем до ублажување на досегашната пракса на „неетичките манипулации“, како што ги нарекува Новаковски, може да се дојде со промена на изборната регулатива во однос на тоа кога почнува кампањата.
„Мислам дека подобро е да нема ограничување на кампањата затоа што ова ќе се прави константно и во иднина. Не гледам решение ако нема волја за такво нешто“, вели Новаковски.
Во потенцијалното решенија тој ги става и построгата регулација и поострите казни за учесниците во изборите. Актуелните санкции за прекршување на изборните правила, според него, се цена која „сите моќни партии можат и се спремни да ја платат“.
Исто така, Новаковски смета дека можеби добро решение би било и тоа да се дадат надлежности за оваа проблематика на некое независно тело.
„Членовите може и да не мора да бидат во постојан работен однос. Но, имаме експерти кои би можеле да го прават тоа, да оценуваат и да имаат право да предлагаат сериозни санкции“, посочува Новаковски.
Државната изборна комисија, како што вели тој, не е независно тело бидејќи политичките партии ја претворија во своја со тоа што членовите се избираат на предлог на најголемите политички партии.
Видете и ова: Предизборна општинска „дарежливост“, меѓу јавниот интерес и изборниот профитПретседателот на Транспаренси Интернешнл – Македонија, пак, потенцира дека најважна улога во спречувањето злоупотреби и манипулации во предизборен период игра самиот интегритет на политичарите и учесниците во изборите.
„Најголема превенција на ваквите злоупотреби е интегритетот на самата личност која е вршител на јавната функција, но во недостаток на интегритет кај некои од наведените лица детекцијата и казнувањето на овие злоупотреби треба да има ефект. Тука активна улога мора да имаат Државната комисија за спречување корупција, полицијата, Обвинителството и судовите кои експресно мора да дејствуваат во ваквите ситуации“, вели Пандовски.
За реформа на изборното законодавство, властите барем декларативно се залагаат со години наназад. Во април 2023 година Министерството за правда формираше и работна група чија задача беше да изработи сосема нов Изборен законик. Со неа, како експерт, претседаваше токму Новаковски. Својата работа тие ја завршија и подготвија предлог-закон, но тој остана во фиоките и сè уште не го виде светлото на денот.
Така, претстојните избори ќе се одржат според досегашните правила.
Локалните избори беа распишани на 9 август. Првиот круг на гласање ќе се одржи на 19 октомври, а две недели подоцна – на 2 ноември и вториот круг. Ова ќе бидат осми по ред локални избори од независноста на државата.
Според актуелниот Изборен законик, од денот на распишување на изборите забрането е: да се започнува со изградба на проекти финансирани од државни пари ако за тоа претходно не биле обезбедени средства согласно програма за работа; да се вршат исплати кои не се редовни месечни исплати, да се отуѓува државен капитал и да се потпишуваат колективни договори; да се започне со постапка за вработување нови лица во државни и јавни институции.