Како државата ќе го решава недостигот на специјалисти?

Илустрација

„Минусот“ од лани до сега е 509 лекари, според бројот на активни лиценци во Лекарската комора. Министерството за здравство најави анализа за постојниот јаз меѓу образовниот систем и реалните потреби во здравството. Во меѓувреме, како „ад хок“ решение, ситуацијата ќе ја спасуваат доктори од странство и од приватните клиники. Лекарската комора бара да се врати стариот систем на специјализации.

Вкупно 242 анестезиолози, 382 педијатри и 49 патолози имаат активни лиценци за работа заклучно со 15 септември, покажуваат податоците што Радио Слободна Европа (РСЕ) ги доби од Лекарската комора.

Анестезиолози, педијатри, патолози, радиолози и онколози се меѓу најдефицитарните специјалисти во државата. Оваа 2025 година нивниот број годинава е уште помал од минатата 2024, кога сме имале 276 анестезиолози, 53 патолози и 469 педијатри.

Или, според бројките, за една година има 125 лекари помалку од специјалностите што и онака најмногу недостасуваат во болниците.

Колку е драматичен недостигот, кажа и министерот за здравство Азир Алиу на почетокот на овој месец, кога потврди дека Клиниката за кардиохирургија лимитирано прави операции оти нема анестезиолог.

Видете и ова: Нема Клинички центар како во Словенија со партизација од портир до директор

Но, не е само оваа клиника. Доктори специјалисти недостасуваат на речиси сите клиники во Скопје и во многу болници низ државата. Во десет населени места немало ниту еден специјалист, во уште толку имало едвај по еден, покажува извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за кадарот во здравствените установи во 2022 година.

На тоа укажа и претседателката Гордана Сиљановска - Давкова на 12 септември, во обраќање на свеченоста за 80-годишнината од постоењето на Македонското лекарско друштво.

„Ме боли егзодусот на најдобрите лекари и на другиот медицински персонал. Посакувам да ја препознаеме и да ја признаеме вашата извонредност. Посакувам да останете овде и да помогнете во нерамноправната битка за здрави граѓани и за здрава нација“, рече Сиљаноска-Давкова.

„Минус“ 509 лекари од лани до сега

Но, бројките покажуваат дека егзодусот на лекарите продолжува. Од лани досега, се намалил и вкупниот број на лекари во државата, и тоа за 509, според бројот на активни лиценци во Лекарската комора.

Активна лиценца мора да има секој лекар што работи со пациенти и таа се обновува на седум години.

Инфографика - Полова структура на лекарите во Северна Македонија, според регистарот на Лекарска комора, заклучно со 15 септември 2025

Или, според податоците, во 2024 во Комората биле регистрирани 9.777 активни лиценци, а во 2025 година нивниот број опаѓа на 9.268.

Тоа е помалку и од пред две години, во 2023, кога сме имале 9.550 лекари со активни лиценци.

Нема евиденција на што се должи намалениот број на лекари - дали се пензионирале, се отселиле, заминале во друга установа, или се сите факти заедно.

Инфографика - Старосна структура на лекарите, според регистарот на лекарска комора, заклучно со 15 септември 2025 година

Но, и покрај лекарскиот егзодус, според резултатите од пописот во 2021, Северна Македонија има 3,4 доктори на 1.000 жители, што е речиси на просекот во 27-те земји на ОЕЦД (главно големи и развиени земји) од 3,6 доктори на 1.000 жители.

Во Северна Македонија има три медицински факултети од кои годишно излегуваат по неколку стотини студенти.

„Не е проблем бројноста, туку тоа што поради лоши планирања има недостиг на одредени специјалности и што сите сакаат да работат во Скопје“, велат лекари со кои разговараше РСЕ.

Ќе спасуваат доктори од странство и од приватните клиники

Како државата ќе го решава недостигот на лекари? Од Министерството за здравство за РСЕ велат дека е “почнат процес кој треба да доведе до системско и долгорочно решавање на недостигот на здравствен кадар“.

Имено, Министерството формира работна група во која ќе членуваат и претставници на Министерството за образование и наука, „Мој Термин“, Државниот завод за статистика и Агенцијата за вработување. Задачата на таа група е да изработи анализа на постојниот јаз меѓу образовниот систем и реалните потреби во здравството.

„Врз основа на таа анализа ќе се изработи проекција за потребите на здравството во следните десет години, што ќе послужи како основа за прилагодување на образовните програми во средното, средното стручно и високото образование. Крајната цел е изработка на документ од стратешка природа кој ќе биде насочен кон обезбедување на стабилен и одржлив здравствен кадар во иднина“, одговорија од Министерството за здравство.

Видете и ова: Светото тројство во здравството - недостиг на лекари, опрема и пари

Во меѓувреме, како „ад хок“ решение, Алиу најави дека ќе склучи билатерален договор меѓу Северна Македонија и Словенија,за да има мобилност на доктори и медицински сестри меѓу двете држави. Така, според министерот за здравство, ќе можат доктори од Словенија да работат привремено, три до шест месеци во Северна Македонија, и македонски доктори да работат во Словенија, за да усвојуваат нови вештини и технологии.

Исто така, Министерството за здравство потпиша Меморандум за соработка со трите најголеми приватни здравствени установи- „Ре-Медика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“, со кој специјалисти од приватните болници ќе бидат ангажирани во јавно здравство во случаи на зголемени потреби или недостиг на кадар.

РСЕ праша, но не добивме детали како и од кога пациентите ќе имаат пристап до овие лекари, ниту како истите ќе бидат платени.

Реформи во специјализациите

Лекарската комора укажa на потребата да се реформира системот на специјализации во Северна Македонија за да се обезбеди кадар кој ќе го пополни недостатокот на доктори во болниците и ќе обезбеди квалитетна здравствена заштита на пациентите.

Според Комората, сегашниот систем на специјализации одговара повеќе на клиниките бидејќи создава тесно специјализиран медицински кадар. Но, кога станува збор за болниците од секундарно ниво, потребно е специјалистите да не бидат премногу тесно специјализирани за да можат да пружат повеќе здравствени услуги на пациентите.

„Ние предложивме да се врати стариот систем според кој специјализациите траеја четири години, а потоа имаше можност да се супспецијализира уште две години, наместо по шест години како што се сега најголем дел од специјализациите. Сметаме дека така ќе се едуцираат доктори кои ќе можат да одговорат на здравствените потреби на пациентите во болниците низ градовите. Исто така, неопходно е доделувањето на новите специјализации што ги финансира државата исклучиво да произлегува од Национален план за здравствен кадар, кој ќе ги предвиди потребите на здравствените установи и ќе биде во согласност со нивните систематизации на работни места“, изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарската комора, за РСЕ.

Во тек е вработувањето на околу 600 приватни специјализанти кои лани излегоа на протест за регулиран работен однос и поголем месечен надомест.

За првата група од 300 специјализанти, постапката е завршена за 269, кои се вработени во 47 јавни здравствени установи. За останатите, вработувањата се на пауза поради изборите.

Видете и ова: Дали приватните специјализанти пак ќе „извисат“ за вработување?

За втората група, пријавени се 384 кандидати за 300 места. И за нив постапката за вработувања е стопирана додека не завршат локалните избори закажани за 19 октомври.

Светската здравствена организација очекува недостиг од 4,1 милиони здравствени работници во ЕУ до 2030 година, и покрај тоа што има повеќе здравствени работници од кога било досега. Недостигот е резултат на ковид-пандемијата, несовпаѓањата во понудата и побарувачката и недостатокот на планирање и предвидување за потребата од кадар.