Еколошки аларм за новиот предлог закон за рударство

Архива: Од протестот против рудникот Иловица Штука

Граѓанските организации алармираат дека Предлог-законот за рударство ја става економската корист пред природата и отвора врата за присилно раселување, додека Министерството за енергетика го оправдува законот со усогласување на националното законодавство со директивите на ЕУ за критични суровини.

Предлог-законот за рударство претставува закана „за еколошка катастрофа“ и отвора врата за присилно раселување и уништување на природата.

Вакви загрижувачки пораки доаѓаат од граѓанските здруженија за заштита на животната средина во земјава, додека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вели дека засега нема ги коментира нивните забелешки бидејќи чека да заврши процесот на јавна консултација за предлог законот.

Предлог-законот е ставен на јавна дебата преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што се даваат коментари од јавноста, по што текстот ќе се врати во Министерството за да се разгледаат забелешките, за потоа да оди во собраниска процедура.

Видете и ова: Енергетска транзиција со нови рудници за јаглен и фотоволтаици на плодна земја

Од Министерството во одговор за РСЕ уверуваат дека ќе ги прифатат сите забелешки кои доаѓаат од јавноста, вклучително и од граѓанските организации.

Активистите кои со години се борат против реализирање на проекти за рудници во истокот на земјата, предупредуваат дека Предлог-законот отвора сериозни ризици.

Од граѓанската организација „Здрава Котлина“, велат дека меѓу најконтроверзните точки е одредбата за „стратешки проекти“, со која, според нив, економската корист од рудниците се става пред заштитата на природата.

„Постапките за одобрување на рудници би се скратиле на само 15 месеци, без доволно време за темелни еколошки студии и вистински јавни консултации“, велат од „Здрава Котлина“.

Организацијата дополнително реагира на можноста постојните рудници и натаму да користат цијаниди, иако законот се претставува како забрана, како и на членот, според кој, ако општините и институциите не се изјаснат навреме, автоматски ќе се смета дека се согласни за проект за рудник.

Во март годинава, од рудникот Тораница во Крива Паланка истече цијанид и ја загади Тораничка Река, а присуството на токсични материи, вклучително тешки метали, го потврдија надлежните институции како Институтот за јавно здравје.

Видете и ова: Олово и цијанид во Тораничка и Крива Река - кој ќе одговара?

Како особено проблематична „Здрава Котлина“ ја оценуваат и можноста за „присилно преселување“, предупредувајќи дека тоа може да доведе до масовно раселување и целосно исчезнување на села заради отворање на нови рудници.

Милена Зафирова е активистка која повеќе од осум години се бори против рудникот Иловица-Штука.

Таа во коментар на ЕНЕР наведува дека ако се донесе ваков закон, „минералните богатства на Македонија ќе бидат ставени на тацна на странски и домашни предатори и офшор компании“.

„Со овој закон – Македонија е на прагот на грабеж и иселување! Ова е закон што го загрозува сечиј дом, закон што ги потчинува граѓаните и би довел до иселување и немилосрдна експлоатација и пустош на државата“, вели Зафирова.

Радио Слободна Европа побара одговори од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини како ги оправдува одредбите во Предлог-законот кои граѓаните и граѓанските организации ги сметаат за спорни?

Прашавме за категоријата „стратешки проекти“, што ,според граѓанските организации, ја става економската корист над заштитата на животната средина и го ограничува учеството на локалните заедници; на можноста за понатамошна употреба на цијаниди во постојните рудници, иако законот се промовира како забрана за употреба на цијаниди; на принципот „молчењето е одобрување“ кој практично ги исклучува општините и институциите од процесот; како и на одредбите за евентуално присилно преселување на населението.

Видете и ова: Дали државата планира стратегија со која ќе стане рударска колонија на ЕУ?

Од Министерството кусо ни одговорија телефонски дека се свесни оти во законот има одредби кои може да се изменат, но дека засега не сакаат да коментираат додека трае процесот на јавни консултации.

Оттаму посочија дека сите заинтересирани можат да достават предлози и уверуваат дека најголем дел од нив ќе бидат прифатени, бидејќи целта е процесот да биде инклузивен.

Министерството потенцира дека донесувањето на ваков закон е обврска која произлегува од усогласувањето со европското законодавство – особено Директивата 2006/21/ЕЗ за управување со отпад од индустрија за екстракција и Регулативата (ЕУ) 2024/1252 за критични суровини.

„Ако државата не ги транспонира овие акти, Европската комисија ќе ја задолжи да го стори тоа, што би ја забавило и интеграцијата и пристапот до европските механизми за стратешки минерали“, наведуваат од Министерството.

Но, граѓанската организација „Еко-свест“ предупредува дека новиот Предлог-закон за рударство неоправдано се повикува на Актот за критични минерални суровини на Европската унија, иако Северна Македонија нема никаква обврска да го транспонира.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ристоманов: Тишината за рудникот Иловица е опасен знак

Според нив, со тоа се запоставуваат домашните и европските еколошки стандарди, а се создава простор за скратени постапки, исклучување на јавноста и институционална пристрасност. Дел од одредбите, додаваат, дури се спротивни на Уставот и ја ставаат земјата во подредена позиција кон ЕУ.

„Голем дел од предлог Законот е контрадикторен со Законот за животната средина, Законот за заштита на природата, Законот за водите, Законот за квалитет на воздухот, законите од секторот за управување со отпад и други“, велат од Еко-свест.

Министерството за енергетика објаснува дека новиот Закон за рударство е потребен поради сериозни недостатоци во постојниот – нејасни постапки за концесии, недостиг од мерен систем за ископаните суровини и немање јасна дефиниција за минерали од јавен и стратешки интерес.

Предлог-законот за рударство и забелешките на граѓанските организации доаѓаат во ситуација кога во 2017 година поради издадените десетици концесии за рудници за бакар и злато во југоисточна Македонија, беа распишани шест референдуми против таканаречените „рудници на смртта“, од кои беа успешни во Гевгелија, Дојран и Богданци, а неуспешни во Вландово, Босилово и Ново Село.