Опасноста од дивите депонии депонира страв и загриженост

Пожар во депонија во Визбегово, 9 јули 2025

Од 50 депонии во државата само Дрисла и гевгелиската имаат интегрирана еко дозвола, а на повеќе од 1000 диви депонии некотролирано се исфрла отпад. Еко-активистите тврдат бројката стигнува до 3 илјади и алармираат дека ако нема мерки ќе горат сѐ повеќе депонии. Лекарите предупредуваат дека последиците од ваквите пожари не се гледаат веднаш, но може да бидат сериозни.

Под клима наместо на тераса и со вклучен прочистувач за воздух, како да е зима, иако е лето. Вака деновиве живее Ивана П. во нејзиниот стан во центарот на Скопје. Загрижена е за квалитетот на воздухот што го дишат нејзините деца надвор, но и дома.

„Кога заврши зимата го спакував прочистувачот, мислев помина лошото, но го вклучив повторно на 9 јули кога гореше депонијата во Визбегово. Да му е страв на човек и прозорец да отвори “, додава Ивана.

Освен неа, овој пожар ги вознемири граѓаните низ цело Скопје, бидејќи чадот и непријатната миризба се почувствуваа насекаде.

„Сериозна работа е тоа!“, вели токсикологот доктор Андон Чибишев, кој анализирајќи го загадувањето на воздухот, постоењето на диви депонии го подвлекува како огромна опасност за целата држава.

Видете и ова: Се шири пожарот во Визбегово, едно лице е повредено

На 15 јули гореше и депонијата „Краста“ во кумановско, каде на површина од 12, 5 хектари се складира сметот на градот со над 100.000 жители.

„Годинава првпат има опожарување на депонијата. Сите индиции покажуваат дека најверојатно станува збор за самозапалување во долниот дел“, рече директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Ненад Стојановски.

Таканаречените депонии во земјава се дефинирани во законот за управување со отпад како „постоечки нестандардни локации за отстранување на отпад“. Овие локации не поседуваат дозвола за вршење на дејноста за отстранување на отпад согласно со одредбите од овој закон, бидејќи не ги исполнуваат стандардите за депонии, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање за Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Вакви нестандардни локации има 50 во земјата. Само регионалната депонија Дрисла и гевгелиската депонија имаат интегрирана еколошка дозвола. Под 'диви депони' се подразбираат сметилишта, или 'напуштен отпад' како е дефинирано во законот, каде неконтролирано се исфрла отпад. Такви ги има преку 1000 во земјава“, додаваат од Министерството.

Расте загриженоста, но и размерот на депониите

Речиси двојно се зголемил просторот кој го опфаќа охридската депонија близу манастирот „Свети Еразмо“ од јули 2017 до денеска. Ова го покажала анализата на сателитските снимки кои ги користел 26-годишниот Мирко Богданоски за да направи апликација за мапирање на диви депонии.

Со идеја за ваква апликација тој неговиот тим „МЕДАИСТ“ беа едни од победниците на хакатонот „Касини“ на тема Вселената и здравјето, кој се одржа во мај, во Скопје.

„Во јули 2017 депонијата била 0,08 километри квадратни, денеска е 0,15 километри квадратни, што значи дека е за 187, 5 % поголема, а е многу блиску до езерото и сите тие отпадоци може да отидат во водата“, вели Мирко.

Тој е дете на македонски иселеници во Канада, а пред речиси четири години одлучил да продолжи на постдипломски студии на македонски универзитет. Сега, сака да понуди решение за проблемот кој го следел низ годините.

Богданоски на Водно со своето куче

„Моите ми раскажувале за убавините на Македонија, за природата, но јас сакав сам да ја доживеам земјата, да видам што е убаво, а што недостасува. Како дете, летно време одев во Струга од каде се моите и гледав како струшката депонија се шири. Денес, додека планинарам, гледам, секаде каде минуваат луѓе има отпадоци. Или седам на тераса и додека уживам во глетката и одеднаш непријатен мирис - нешто гори!“, вели Мирко.

Децата и младите на удар

Токсикологот Чибишев предупредува дека последиците од пожарите на депонии можеби нема да бидат видливи веднаш, но сигурно ќе ги има на долг рок и ќе бидат сериозни.

„Кога гори тоа ѓубре се ослободуваат отровни гасови. Би го потенцирал штетното дејство на пареите на тешките метали кои можат да предизвикаат многу сериозни нарушувања, посебно кај деца и кај млади до 20 години. Тие многу долго се распаѓаат, се депонираат во одредени органи“, вели докторот.

Пулмологот и директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, доктор Оливер Зафировски апелира граѓаните кои престојувале во близина на пожари на депонии, ако чувствуваат глад за воздух, кашлица, тешко дишење, да се јават кај матичен лекар.

„Горењето на депониите прави штета на очите, а особено на белите дробови. Зависи колку долго се престојува, но секако има негативни ефекти“, се согласува Зафировски.

Аларм од ЕУ и од активистите

На денот кога гореше депонијата во Визбегово, во Европскиот парламент беше изгласан Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2023 и 2024.

Во него, со загриженост се забележува дека квалитетот на воздухот, водата и управувањето со отпадните води остануваат особено предизвикувачки прашања за земјата. Се повикува на ригорозно гонење на еколошкиот криминал и се потсетува дека ситуацијата е особено алармантна во Скопје, кое постојано е еден од најзагадените градови во Европа.

Три дена по пожарот на депонијата во Визбегово, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти дека отвориле предистрага поради сомненија за загадување на животната средина со отпадни материи.

„По барање на јавниот обвинител, веднаш по настанот беше активиран и тим од четата за атомско биолошка и хемиска одбрана на АРМ кој собра примероци и изврши мерења на токсичните материи во воздухот во Скопје, а резултатите треба да бидат доставени до обвинителството“, соопштија од ОЈО.

Видете и ова: Дишеме опасни материи, загадувањето на воздухот го мерат „двајца без тројца“

Во меѓувреме, загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе ширум светот секоја година според податоците на Светската здравствена огранизација (СЗО) кои покажуваат и дека 9 од 10 луѓе дишат воздух што содржи високо ниво на загадувачи.

Според Блаже Јосифовски, претседател на еколошката организација „Гоу грин“ (Биди зелен), несовесните граѓани не го менуваат однесувањето бидејќи не се соодветно санкционирани и имаат ниска свест, а реакцијата на институциите е бавна.

„За изградба на една регионална депонија ни се потребни повеќе од 12 години и уште не знаеме кога ќе биде, како ќе изгледа и дали ќе профункционира. Со ова темпо, ние ќе имаме сериозен проблем и многу често ќе ни се случува и други депонии да горат. Тој мешан отпад кога-тогаш ќе ни се врати, дали преку вода, дали преку воздух, дали преку почва“, вели Јосифовски.

Тој смета дека во пракса институциите не ги почитуваат законите кои сами ги донеле.

„Депониите кои ги користат општините немаат скоро па никакви стандарди и не се во согласност со законот за управување со отпад. Самите по себе, значи локалните самоуправи, државата, го прекршува законот којшто го донела“, додава еко активистот.

Инфографика - Колку отпад е фрлен и собран во 2024 година

Уште стотици неевидентирани диви депонии

Јосифовски потсетува и дека тука се и неевидентираните локации.

„Имаме уште околу 2 до 3 илјади свлечилишта кои се користат во околина на селата и дополнително други што не се евидентирани“, вели ако активистот.

Но, и покрај овие бројки и натаму не почнува изградбата за петте планирани регионални современи центри и покрај тоа што е одобрен грант од Европската унија и заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Главниот проблем е во тоа што локалните власти во општините каде се планирани депониите не дозволуваат централната власт да ја почне изградбата, но постои и недоверба кај локалното население кое стравува дека во нивните општини ќе се депонираат големи количини отпад.

Видете и ова: Дивите депонии горат, смрдат, загадуваат - модерни центри за отпад нема

Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, евроамбасадорот Михалис Рокас и претставничката на ЕБОР, Билјана Милошеска на 15 јули потпишаа грант договор како дел од Регионалниот проект за управување со цврст отпад финансиран преку Европскиот заеднички фонд за Западен Балкан.

Грантот до 2 милиона евра е за спроведување на физибилити студии и анализи за животната средина и социјални аспекти за Вардарскиот и Југоисточниот регион.

Плановите за модерно управување со отпадот беа започнати во 2006 година кога беше донесен Законот за управување со отпад.

Тогаш беа поставени стандарди како треба да изгледа легално изграден центар за отпад, односно депонија.

Во 2010 година беше изработена рамка за изградба на петте регионални современи центри за отпад, а од 2012 започна изработката на првите документи и планови.

Додека се чека изградбата на современите центри, студентот Мирко се надева дека неговата апликација ќе помогне, но потребно е, вели, државата да регира.

„Ако си во природа и гледаш многу отпад на едно место, можеш да маркираш, а апликацијата со вештачка интелигенција ќе процени дали е тоа дива депонија или не. Друг што ја има апликацијата ќе биде известен за локацијата кога е во близина на обележаното место. Штом се направи добар алгоритам, треба да се направи и соработка со државата. Ние ќе им ги дадеме податоците, но на нив е да реагираат“, порачува Мирко.