Депониите го претвораат Скопје во опасно место за живеење

Пожарот во Дрисла избувна на 9 септември, надлежните ја затрупуваат со земја.

Чадот од депониите може да предизвика здравствени проблеми најмногу кај децата, хронично болните и трудниците, предупредуваат лекарите со препорака да не се останува на отворено. Граѓаните бараат итни мерки. Најавена забрана за движење на Вардариште, а премиерот обвинува за намерно потпалување во предизборието.

Мирис на изгорено, гребење во грлото, кашлање, печење на очите… Ова се последиците кои граѓаните од повеќе населби во Скопје ги чувствуваа со денови поради загадување од чадот што доаѓа од палењето на двете депонии Дрисла и Вардариште – една актуелна, другата поранешна градска депонија.
Ситуацијата се чини беше најалармантна вечерта на 10 септември, кога од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) информираа дека ветрот го сменил правецот и дува од Дрисла кон Скопје.

Оваа депонија, каде пожар избувна во вторникот, се наоѓа во југоисточниот дел од територијата на Град Скопје и е оддалечена 14 километри од центарот на градот.

Вардариште, пак, е лоцирана на левиот брег на реката Вардар, веднаш под индустрискиот комплекс „Металски завод Тито“, на околу седум километри од центарот на градот. Иако како градска депонија е затворена пред три децении, локацијата и денес претставува сериозен еколошки ризик, се користи како дива депонија, а избувнувањето пожар во неа е честа појава.

„Со денови смрди, но синоќа беше најстрашно. Излеговме пред зграда за децата си поиграат, но кога дојде миризбата не се издржуваше. Сите одеднаш, и деца и родители избегавме дома како некој да не нападнал. Дома прозор не може да се отвори, прочистувачот не може да постигне да го прочисти воздухот“, вели скопјанката Наташа од населбата Аеродром која е една од најпогодените од загадувањето.

Видете и ова: Депонијата Дрисла сѐ уште гори

Непријатната миризба се чувствуваше и во Лисиче, Гази Баба, Центар, Карпош…

„Скопје – Чернобил“, „Гасна комора“, „Геноцид“, „Веднаш да се евакуира градот“, се дел од коментарите на граѓаните од кои вријат и социјалните мрежи, додека премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека „загадувањето е само визуелно и нема зголемени параметри кои се алармантни“.

Како граѓаните да се заштитат?

А, со слични тврдења на 11 септември излезе и министерот за здравство Азир Алиу кој тврди дека заедно со Институтот за јавно здравје анализирале дали постои загадување штетно по здравјето на граѓаните.

„Ве уверувам, знаеме дека мирисот е непријатен, но како и да е воздухот во моментов не на ниво на загаденост кој предизвикува здравствени проблеми. Сепак препорачувам граѓаните да не се движат на отворено ако не е неопходно“, рече Алиу.

Сепак, директорот на Клиниката за пулмологија, Оливер Зафировски за РСЕ вели дека е загрижен за загадувањето од Вардариште и Дрисла. Тој потенцира дека загрижува тоа што се пали индустриски отпад – најчесто метали и пластични опасни материи кои ослободуваат токсини и штетни гасови кои особено може да предизвикаат здравствени последици кај децата, постарите луѓе, хронично болните и трудниците.

„Последици на вакво загадување се чувствуваат како кашлица, отежнато дишење, чешање на очите и носот. Особено загрижува факторот кај луѓе кои што имаат хронични болести, како што се кардиоваскуларни заболувања, хоб, астма, како и децата и трудниците“, вели Зафировски за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Додека бебиња умираат, нема ни пари, ни мерки за загадениот воздух

Она што може да го направат граѓаните за да се заштита, советува тој, е да се затворат прозорците кога има енормно загадување, да се земаат Ц и Е витамини.

„Она што е битно, кога ако доаѓаат од надворешната средина лицето прво да го измијат со обична вода и исто така и кожата која што била изложена на овие токсични гасови, кои што ги влошуваат и можат да доведат и до потешки болести како што е канцер на белите дробови“, додава Зафировски.

Што преземаат надлежните?

За да се намалат последиците од загадувањето, граѓаните бараат итни мерки. Од 2 септември жители на Аеродром секојдневно по еден час блокираат и една од најфреквентните раскрсници во Општината барајќи реакција од институциите, меѓу кои и поставување 24-часовна стража и обезбедување на депониите.

За да го „зауздаат“ чадот од Дрисла и Вардариште надлежните веќе неколку денови ги затрупуваат со земја местата каде гори во депониите.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека со министерот за транспорт Александар Николоски контактираат со општествено одговорни градежни компании да помогнат во справувањето со пожарите преку обезбедување градежна механизацијата.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информираше дека денеска напладне состојбата со двете депонии е подобрена – на Вардариште веќе не гори, додека чадот од Дрисла е значително намален во споредба со вчерашниот ден.

Видете и ова: Градовите загушени во отпад - решенијата стојат на хартија

Забрана за движење на Вардариште

Ангелов најави и дека ќе се изработува план за целосно обезбедување на депонијата. Таму во моментов, тврди, патролира возило на приватна Агенција за обезбедување за која рече дека е „општествено одговорна компанија“ што тоа го прави бесплатно. Најави и одлука за целосна забрана за движење на Вардариште.

„Имавме седница на Управувачкиот комитет, – тело при Владата, донесовме одлука за носење одлука за забрана за движење на територијата каде е Вардариште. Се соочуваме со некои формално-правни пречки бидејќи самото место е веќе дива населба, има неколку куќи. Но, во текот на денешниот ден ќе биде донесена конечна одлука на седница на Владата“, рече Ангелов.

Во суштина, додаде тој, „ние сме жртва на неколку семејства кои за да преживеат, го трујат пола Скопје“.

Затрупувањето со земја трае, но тоа потенцираше Ангелов, е само привремено решение и за Вардариште најдобро е да се спроведе планот стар десетина година или евентуално да се направи нов план.

Станува збор за физибилити студија од 2014 година што предвидува санација со која поранешната градска депонија би прераснала во спортско-рекреативна зона односно таму да има парк, мини-голф, терени за пеинтбол и расадник со рози. Станува збор за површина од околу 25 хектари чија санација би чинела 40 милиони евра.

Сепак, дел од експертите, како што веќе пишуваше Радио Слободна Европа, се скептични бидејќи станува збор за стара студија и сметаат дека е потребна е нова.

Видете и ова: Вардариште - каблите повторно во пламен, институциите 30 години не реагираат

Обвинувања за лошо менаџирање со Дрисла

Но, проблем е и Дрисла, не само поради актуелниот пожар. Според првиот човек на ДЗС, таму имало лошо менаџирање.

Тоа довело и да има околу еден и пол метар отпадни води што се создаваат од самиот отпад.

„Местото каде се одвива горењето верувам дека е водено односно целиот тој простор веќе е воден, имаме вода која е измешана со различни материи, меѓу кои токсини од самата депонија. Токму затоа претходно кажав дека менаџирањето во делот на складирањето отпад не е најдобро“, вели Ангелов.

Дрисла се простира на површина од 76 хектари и во неа се врши третман на комунален отпад, градежен шут, индустриски и медицински отпад.

Град Скопје тврди дека Дрисла не загадува

Од друга страна, пак, Градот Скопје на чело со градоначалничката Данела Арсовска, тврди дека Дрисла не загадува.

„Дрисла е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад туку со автоклав стерилизира и компримира со што од истата нема никаква можност за загадување“, велат од Град Скопје за РСЕ.

Кога е во прашање, пак, Вардариште уверуваат дека го завршиле својот дел од работата и делот што е во нивна надлежност не е опасен.

„За првпат по 60 години Град Скопје во целост го исчисти делот на старата градска депонија Вардариште кој беше под надлежност на јавното претпријатие ’Комунална Хигиена‘ и на таа локација повеќе не се генерира отпад. Во студијата изготвена за Градот Скопје беше констатирано со примероци од подземна вода, отпад од телото на почвата на локацијата дека депонијата е во метанска стабилна фаза“, тврдат од Градот.

Меѓутоа, за останатиот дел од 60 хектари, топката ја префрлаат кај Општина Гази Баба велејќи дека таа има право и обврска да го одржува и оплемени просторот, како и кај министерствата за животна средина и за внатрешни работи.

Видете и ова: Дивите депонии горат, смрдат, загадуваат - модерни центри за отпад нема

Сомнежи за подметнати пожари

За пожарите и во едната и другата депонија, надлежните се сомневаат дека се потпалени. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека на некого му пречело што државата успешно се справила со шумските пожари во текот на летото и „сега периодот на предизборие го користи за да создаде паника и негодување“.

Директорот на ДЗС рече во Дрисла задниот дел не е обезбеден и може лесно да се пристапи, додека за Вардариште Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје на 11 септември информираше дека поднело обвинение за три лица,за кои пред десетина дена беше поведена истрага.

„Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата“, велат од ОЈО Скопје.

За Дрисла до Обвинителството сè уште не е поднесена никаква пријава.