Почнува запирањето на работата на рафинеријата на НИС во Панчево

Седиштето на НИС во Белград/Фотоархива

Нафтената индустрија на Србија (НИС) соопшти на 2 декември дека започнала обврската за запирање на работата на производствените постројки на Рафинеријата во Панчево, откако претседателот, Александар Вучиќ изјави дека не пристигнала одлуката од САД за продолжување на лиценцата за работа на таа компанија, која е под американски санкции поради мнозинското руско сопствеништво.

Вучиќ на прес-конференција по состанокот со тимовите задолжени за енергетска стабилност и безбедност на земјата рече дека „Русите не сакаат да го продадат својот удел во НИС“.

„Не се во прашање парите, туку политиката“, рече Вучиќ.

Видете и ова: Унгарија ќе ѝ помогне на Србија во справување со проблемите со нафтата

НИС соопшти дека започнала обврската за запирање на работата на производствените постројки на Рафинеријата за нафта, поради недостиг на сурова нафта за преработка, како последица на санкциите што ги воведе Министерството за финансии на САД кон таа компанија.

„Активностите во Рафинеријата во Панчево за време на процесот на запирање на работата на постројките се организирани на тој начин што рафинериските постројки ќе бидат подготвени за старт веднаш штом се создадат услови за тоа, односно веднаш штом биде добиена информација за достапноста на суровата нафта“, наведе НИС во соопштението.

Вучиќ наведе оти нема индиции дека САД ќе ја продолжат лиценцата на НИС.

Тој рече дека е 54-тиот ден од кога санкциите кон НИС се воведени и дека нема проблеми со снабдувањето со гориво, што покажува колку државата е сериозна и колку пари се вложени во резерви на нафта и нафтени деривати.

Американскиот Стејт департмент до 1 декември нема одговорено на прашањето на Радио Слободна Европа (РСЕ) дали Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) при Министерството за финансии на САД донела одлука во врска со барањето на НИС и кога таа би можела да се очекува.

Видете и ова: Рафинеријата во Панчево е пред целосен прекин на работата

Владата на Србија на седницата одржана на 25 ноември, на која присуствуваше и Вучиќ, усвои одлука со која ѝ се дава рок од 50 дена на Русија да најде купувач за својот удел, по што државата ќе воведе своја управа во НИС и ќе ѝ понуди на руската страна „највисока можна цена“ за таа компанија.

Ниту американската ниту руската страна не излегоа јавно со информации за текот на преговорите, а граѓаните добиваа информации за тоа од српските официјални лица, најмногу од претседателот на Србија Александар Вучиќ.