Русија тврди дека го зазела Покровск, стратешки град во украинскиот регион Донбас. Соопштението дојде пред критичниот состанок на Кремљ со американски претставници во посета на земјата, во обид да се финализира мировен договор.
Украинските претставници го негираа тврдењето, упатено од врвниот воен командант на Русија до претседателот Владимир Путин во видео објавено на 1 декември.
Украинскиот воен корпус кој се бори во Покровск за Ројтерс изјави дека украинските сили го држат северниот дел од градот, додека вршат напади на југ, каде што преовладуваат руските трупи.
Путин требаше да го прими специјалниот претставник на Белата куќа, Стив Виткоф, подоцна на 2 декември, во услови на наплив на напори за наоѓање решение за ставање крај на речиси четиригодишната војна на Русија против Украина.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Поради руското напредување кај Покровск, украински полицајци евакуираат цивили
Средбата (шеста на Виткоф со Путин од јануари) следеше по објавувањето на мировниот план подготвен од САД, кој се сметаше за многу поволен за Русија. Украинските претставници се сретнаа со врвни американски претставници во Женева и се обидоа да ги ублажат руските тврдокорни позиции.
Во видеото објавено од Кремљ, врховниот воен командант на Русија, генерал Валериј Герасимов, беше прикажан како детално ги опишува неодамнешните успеси на руските сили на бојното поле.
Со месеци, Украина се бори да ги задржи руските трупи, особено околу градовите Купјанск, на север и Покровск, на југ.
Користејќи го старото руско име за Покровск, Герасимов тврдеше дека руските сили конечно го освоиле градот.
„Сакам да ви се заблагодарам за резултатите од вашата работа во врска со Красноармејск, и вам и на целата команда и персонал на борбената група“, му рече Путин на Герасимов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украински војници се обидуваат да го одбранат Покровск
Нивната средба наводно се одржала на 30 ноември, но видеото беше објавено на 1 декември - во пресрет на посетата на Виткоф.
Русија прогласува клучни победи на бојното поле во Украина, тврдења кои се покажаа како или прерани или целосно лажни. Герасимов неодамна изјави дека Русија ги опколила силите во Купјанск, нешто што не беше точно.
Една од главните украински единици што го бранат Покровск, 7-миот корпус за брза реакција на Силите за воздушен напад, изјави дека трупите на Киев „продолжуваат да ја спречуваат“ руската офанзива.
Претходно на 1 декември, претседателот Володимир Зеленски, на состанокот во Париз со францускиот лидер Емануел Макрон, го призна рускиот напредок.
„Секако, Русија напредува, секако дека спроведува неколку офанзивни акции и операции. Но ниту една од овие операции не беше успешна“, рече тој на прес-конференција и додаде:
„Во Покровск и во други области се водат тешки битки. На пример, нашите момци имаат поголем успех во областа Купјанск. Иако Русија тврди дека го освоила Купјанск, ние ги исчистивме речиси сите од градот“.