Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Елисејската палата во Париз на 1 декември на разговори со неговиот француски колега, Емануел Макрон, со што започна уште една недела интензивна дипломатија насочена кон ставање крај на речиси четиригодишните борби во Украина по целосната инвазија на Русија.
Посетата, чија цел e да се најдат „услови за праведен и траен мир“, доаѓа еден ден по разговорите во Флорида меѓу американските и украинските делегации кои двете страни ги пофалија како продуктивни, без да дадат дополнителни детали.
„Идејата за завршување на војната со правење некои отстапки кон Русија нема да функционира. Напротив, тоа само би ја охрабрило Русија да продолжи со својата експанзија во различни насоки“, изјави Михајло Подољак, советник во кабинетот на украинскиот претседател, за „Курент тајм“ на 1 декември.
„Мислам дека некоја повеќе или помалку јасна компромисна верзија на мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде на маса“, додаде тој, осврнувајќи се на планот предложен од Белата куќа кон средината на ноември, што доведе до сегашниот бран на дипломатија.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, на 1 декември изјави дека „ова може да биде клучна недела“ за мировните напори.
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, член на американскиот тим во Флорида, ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин на 2 декември, според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тоа ќе биде шестата средба на Виткоф со Путин од јануари.
Видете и ова: По преговорите меѓу САД и Украина, Рубио вели дека „е потребно уште работа“Првичниот американски предлог од 28 точки ги вознемири украинските претставници - и наводно го налути Зеленски - кој потоа одржа свои разговори со Рубио и други американски претставници во Женева на 23 ноември.
Овие разговори резултираа со план од 19 точки што остава неколку големи прашања на маса, вклучувајќи ја судбината на дел од украинскиот регион Донбас, аспирациите на Украина за членство во НАТО и потенцијалното ограничување на големината на вооружените сили на Киев. По нив следеа разговорите во Флорида една недела подоцна.
За Украина, дополнителна компликација беше контроверзноста околу шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, кој беше клучна фигура во разговорите.
Јермак - кој не е обвинет од истражителите и изјави дека не сторил ништо лошо - поднесе оставка на 28 ноември поради тековната истрага за корупција. Тој ја предводеше украинската делегација во Женева, но повеќе не беше дел од тимот во Флорида.
Подољак, кој беше советник на Јермак, за „Куртен тајм“ изјави дека Русија има корист од скандалот со корупција.
„Тие секогаш инвестираат во провоцирање на внатрешен конфликт во Украина, надувувајќи го колку што е можно повеќе. Тие разбираат како да го направат ова, имаат многу информативни платформи, социјални мрежи што ги користат за ова. И, се разбира, сега го следат овој внатрешен конфликт со задоволство“, рече тој.
Трамп на 30 ноември предупреди дека скандалот не е од помош за мировниот процес, додавајќи дека „Украина има некои тешки мали проблеми“.
Дури и додека дипломатијата се засилува, убиствата продолжуваат.
Украинските власти на 1 декември објавија дека три лица се убиени, а осум се повредени во рускиот ракетен напад врз Днепар.
Видете и ова: Последици врз рускиот бизнис со нафта од украинските дронови со долг дострелВо меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Песков, се пожали на украинските напади со беспилотни летала врз руската нафтена инфраструктура.
Тој рече дека нападот за време на викендот врз инфраструктурата на Конзорциумот за касписки цевководи (CPC) бил „скандалозен со оглед на неговото меѓународно значење и вклученоста на меѓународните партнери“, вклучувајќи го и американскиот нафтен гигант „Шеврон“.
Казахстан, партнер во проектот, поднесе официјален протест до украинската влада поради нападот, за кој рече дека е „третиот чин на агресија против исклучиво цивилен објект“.
Во минатото, Киев изјави дека ја таргетирал нафтената индустрија за да ги негира приходите што ги финансираат руските воени напори.
Од своја страна, Москва негираше дека гаѓала цивилни цели во Украина, и покрај огромните докази за напади врз училишта, болници, станови и други објекти откако ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.