Русија започна серија масовни воздушни напади врз Киев и други делови од Украина, со што стотици илјади луѓе останаа без струја, додека паралелно земјата ја тресе политички скандал што допира и до највисоките ешалони на власта.
Претседателот Володимир Зеленски на 29 ноември соопшти дека Москва лансирала „околу 36 ракети и речиси 600 дронови против обичниот живот“ во Украина, што е најновиот напад насочен кон уништување на енергетската инфраструктура на земјата додека температурите почнуваат да паѓаат.
Во нападите, кои се случуваат во време на интензивни разговори за контроверзниот мировен предлог предводен од САД, убиени се најмалку три лица, а десетици други се ранети, рече Зеленски.
„Мораме да работиме без да губиме ниту еден ден за да осигуриме дека има доволно ракети за нашите системи за воздушна одбрана и дека сè што е потребно за наша заштита и за притисок врз Русија е на место“, рече тој.
Видете и ова: Последици врз рускиот бизнис со нафта од украинските дронови со долг дострел„Време е Европа да донесе одлука за замрзнатите средства доколку Москва одбие да ги прекине нападите со дронови и ракети. И секако мора да разговараме со сите партнери за потребните чекори да се стави крај на оваа војна“, додаде украинскиот претседател.
Масовниот напад доаѓа и по бурната недела што кулминираше со оставка на Андриј Јермак, влијателниот шеф на кабинетот на Зеленски, неколку часа откако Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) направија претреси во неговата канцеларија.
Рациите се спроведуваат во рамки на истрагата за корупциски скандал поврзан со наводната злоупотреба на десетици милиони долари наменети за ранливата енергетска инфраструктура на земјата.
Неколку влијателни лица поврзани со Зеленски се вмешани во шемата, иако самиот претседател не е директно инволвиран.
Откако избувна скандалот, неколку украински пратеници, вклучително и од политичката партија на Зеленски - Слуга на народот, побараа Јермак, кој е и шеф на делегацијата во преговорите со САД за прекин на војната, да си даде оставка.
Јермак, исто така, не е директно обвинет за прекршоци и за време на претресите изјави дека на истражителите им е овозможен „целосен пристап“ до неговите простории и оти тој нуди „целосна соработка“.
Видете и ова: Шефот на кабинет на Зеленски поднесе оставка по претресот во неговата канцеларијаПратеникот на Белата куќа, Стив Виткоф, пак, следната недела треба да отпатува во Москва, во обид на забрзување на напорите за зацврстување на мировниот предлог поддржан од САД, а за кој многу Украинци и европски лидери, се претпазливи.
Виткоф, инвеститор во недвижности без дипломатска заднина, кого Трамп го задолжи да ги води преговорите за ставање крај на војната во Русија, се очекува за време на патувањето во Москва да се сретне со Владимир Путин, што ќе биде негов шести состанок со рускиот претседател од јануари.
Се шпекулира дека зетот на Трамп, Џаред Кушнер, исто така е дел од делегацијата.
Патувањето следи по денови на преговори меѓу американски, украински и руски претставници во Киев, Женева и Абу Даби, кои беа предизвикани од протекувањето во јавност на американскиот план минатата недела.
Првичната верзија на предлогот од 28 точки ги одразува тврдокорните позиции што Русија ги зазеде од почетокот на нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Тоа ги вознемири украинските претставници, а наводно го налутило и Зеленски, кој потоа одржа билатерални разговори со американски претставници.
Видете и ова: Трамп го испраќа преговарачот Виткоф на средба со Путин, додека мировните преговори добиваат на интензитетТоа се рефлектираше во план од 19 точки, кој сè уште остава неколку клучни прашања на маса, вклучувајќи ја и судбината на дел од украинскиот регион Донецк, за кој Кремљ е решен да го заземе.
Други прашања го вклучуваат барањето на Кремљ на Украина да ѝ биде забрането членство во НАТО и потенцијално ограничување на големината на војската на Киев.