Русија го бомбардира Киев додека САД водат разговори за мировниот план

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Киев - бомбардирање

Најмалку шест лица се убиени, а 13 други повредени во руските воздушни напади врз Киев во текот на ноќта, објавија украинските медиуми рано во вторник, 25 ноемрври.

Главниот град бил нападнат со хиперсонични ракети, крстосувачки ракети и борбени дронови, според медиуми, вклучувајќи го и новинскиот портал „Киев Индепендент“.

Експлозии и прекини на електричната енергија се пријавени во неколку области на украинскиот главен град. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека станбени згради биле погодени и запалени. Една зграда била евакуирана, додаде тој.

Според „Киев Индепендент“, Министерството за енергетика на Украина го опиша нападот како „масовен комбиниран напад“ врз енергетската инфраструктура на земјата.

Видете и ова: Шефот на НАТО, Руте, за РСЕ: Потребен е „внимателен дијалог“ за Украина

Воздухопловните сили на Украина издадоа национална тревога за воздушен напад откако руските воени авиони полетаа од бази во Русија.

Исцрпените Украинци веќе се соочуваа со тешка зима, бидејќи месеците руски напади врз нивната електрична мрежа и енергетска инфраструктура ги оптоваруваа работниците што брзаа да извршат поправки и да ја зајакнат одбраната.

На бојното поле, украинските сили се изморени, борејќи се да ги спречат руските сили да ги освојат клучните источни градови, вклучувајќи ги Покровск, Костјантинивка и Купјанск.

Минатата недела, Украинците и нивните европски сојузници беа изненадени од новиот мировен план на САД од 28 точки, чиј протечен нацрт содржеше неколку точки за кои Русија се залагаше од почетокот на тоталната инвазија во февруари 2022 година. Планот им беше презентиран на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите советници во Киев од страна на секретарот на американската армија, Ден Дрискол, кој беше во посета.

Потоа, украинските претставници заминаа за Женева во текот на викендот за да се сретнат со претставници на САД, вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио, за да се обидат да изработат нацрт-договор што ќе бара помалку отстапки од Украина и нема да резултира со она што некои во Киев го сметаа за речиси капитулација.

Видете и ова: Рубио: Трамп е „задоволен“ од напредокот на разговорите во Женева за Украина

Во заедничка изјава на 23 ноември, Белата куќа и канцеларијата на Зеленски изјавија дека разговорите во швајцарскиот град покажале „значаен напредок“ кон завршување на војната и довеле до „ажурирана и усовршена“ рамка што „целосно ќе го поддржи“ суверенитетот на Украина и ќе обезбеди праведен мир.

„Засега, по Женева, има помалку точки - повеќе не се 28 - и многу од вистинските елементи се земени предвид во оваа рамка“, рече Зеленски на социјалните медиуми на 24 ноември. Тој рече дека ќе „разговара за чувствителните прашања“ со Трамп.

На 25 ноември, повеќе украински претставници заминаа за Абу Даби на повеќе разговори со Дрискол и други американски претставници, објавија CBS News и „Фајненшл тајмс“ (Financial Times).

Новинските агенции, вклучувајќи ги „Фајненшл тајмс“, „Волстрит џурнал“, „Политико“ и „Си-Ен-Ен“, објавија дека Дрискол се состанал и со руски претставници во Абу Даби. Сите извештаи цитираа неименувани претставници.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 25 ноември изјави дека „нема што да каже“ за пријавените средби, но дека Русија верува дека предлогот на САД „би можел да стане многу добра основа за преговори“.