Вучиќ на средба со американски конгресмени за прашањето на Нафтната индустрија на Србија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со конгресмените Мајкл Тарнер и Доналд Норкрос, Белград, 23. ноември 2025 година.

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, им соопштил на конгресмените од две американски сојузни држави, Охајо и Њу Џерси, дека за Србија „многу значајно прашање е функционирањето на Нафтната индустрија на Србија (НИС)“ и „изразил уверување дека ова прашање наскоро ќе биде решено“.

Вучиќ тоа го објави на 23 ноември на мрежата Инстаграм по средбата со конгресмените, републиканецот Мајкл Тарнер и демократот Доналд Норкрос во Белград .

„Во содржински и отворен разговор, изразивме подготвеност да ја зајакнеме соработката и врските помеѓу Србија и Соединетите Американски Држави (САД), како и да продолжиме дијалог по сите прашања од заеднички интерес“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

САД ја ставија компанијата НИС, која е во мнозинско руско сопствеништво, на листата санкционирани компании во јануари, а примена на санкциите, по повеќемесечно одлагање, започна на 9 октомври.

Видете и ова: Вучиќ вели дека Русите преговараат со тројца партнери за продажба на уделот во НИС

Американската администрација бара излез на руското сопствеништво од НИС за да се укинат санкциите врз националната нафтена компанија на Србија.

Санкциите на САД се насочени, меѓу другото, кон спречување финансирање на војната во Украина преку средства кои доаѓаат од руските енергетски компании.

За сега, се наведува дека постојат три заинтересирани купувачи за НИС, на која САД ѝ воведоа санкции поради мнозинското руско сопствеништво.

Не е познато за кои компании станува збор, а ниту НИС ниту мнозинскиот сопственик, руската државна компанија Гаспром њефт, одговориле на прашањата на Радио Слободна Европа (РСЕ) за тоа со кого се преговара.

Србија повеќе од четвртина век зависи од руските енергенти, а соработката со таа држава ја продолжила и по руската инвазија на Украина во 2022 година.