Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на 22 ноември изјави дека мировниот план за окончување на војната во Украина мора да го зачува украинскиот суверенитет, јавува германската новинска агенција ДПА.
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ постави рок до четврток на Украина да одговори на неговиот најнов мировен план, кој ги затекна европските земји неподготвени и ги натера итно да реагираат на американските предлози.
Планот бара Украина да направи значајни отстапки, вклучително и повлекување од делови од источна Украина кои Русија сè уште не ги освоила, намалување на големината на украинската војска и откажување од членство во НАТО.
Видете и ова: Украина се соочува со „многу тежок избор“ во врска со мировниот план на САД, рече Зеленски во обраќање до нацијатаВо објава на социјалната мрежа Х, претходно позната како Твитер, Венс напиша дека секој план мора да „го запре убивањето, а истовремено да го зачува украинскиот суверенитет“ и да биде прифатлив и за Русија и за Украина.
Тој додаде дека планот мора да ги зголеми шансите војната да не се обнови. Според него секоја критика за мировниот рамковен договор на кој работи администрацијата или го погрешно разбира договорот или ги извртува клучните факти на терен.
„Постои фантазија дека ако само дадеме повеќе пари, повеќе оружје или повеќе санкции, победата е на дофат. Мирот нема да го постигнат пропаднати дипломати или политичари што живеат во фантазија. Тој можеби ќе го постигнат мудри луѓе што живеат во реалниот свет“, додаде Венс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше запознаен со планот во четвртокот. Тој претходно во петокот изјави дека планот ја доведува Украина пред „многу тежок избор: или загуба на достоинството, или ризик од губење на клучен партнер“, мислејќи на САД.
Рускиот претседател Владимир Путин позитивно го прифати планот, велејќи дека 28-точковиот документ може да претставува „основа за конечен мировен договор.“
Видете и ова: Зеленски вели дека е подготвен за „конструктивна, искрена и брза“ соработка со Трамп за мировниот планВо меѓувреме, германскиот канцелар Фридрих Мерц и други европски лидери ќе се состанат на маргините на самитот на Г20 во Јоханесбург на кризен состанок за да ја усогласат нивната реакција.
Лидерите на Франција, Италија и Обединетото Кралство се очекува да присуствуваат на состанокот во сабота, заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која го најави состанокот на мрежата Х.