Зеленски вели дека е подготвен за „конструктивна, искрена и брза“ соработка со Трамп за мировниот план

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот секретар на армијата Даниел Дрискол, Киев, 20 ноември 2025 година

Кремљ го предупреди украинскиот лидер Володимир Зеленски да влезе во преговори „сега“ или да изгуби повеќе територија откако САД му испратија на Киев мировен предлог, почитувајќи многу од барањата на Москва.

„Ефикасната работа на руските вооружени сили треба да го убеди Зеленски: подобро е да се преговара и да се направи тоа сега отколку подоцна“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Просторот за слобода на донесување одлуки се намалува за него, бидејќи териториите се губат за време на офанзивните акции на руската армија“, додаде тој, велејќи дека Москва официјално не го добила американскиот план.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера (20 ноември)доби контроверзен нов мировен план на САД, кој бара големи отстапки од Киев, соопшти неговиот кабинет, додавајќи дека Зеленски ќе се обиде дополнително да разговара за тоа со американскиот претседател Доналд Трамп.

Во првата потврда на планот од страна на Украина, кабинетот на Зеленски, исто така, објави дека тој „се согласува да работи на точките од планот на начин што ќе обезбеди достоинствен крај на војната“.

„Подготвени сме конструктивно да соработуваме со американската страна и нашите партнери во Европа и светот, така што резултатот ќе биде мир. Зеленски очекува да разговара со Трамп во наредните денови за достапните дипломатски опции и главните точки потребни за мир“, се наведува во соопштението.

Соопштението беше објавено неколку часа откако украинскиот лидер се сретна со група високи офицери од Пентагон и американскиот секретар на армијата Даниел Дрискол во Киев.

Амбасадата на САД во Киев оцени дека состанокот бил „исклучително конструктивен“, додавајќи дека конечно се создава моментум за долгоочекуваниот мир.

Условите на предложениот договор се чини дека ги следат строгите барања што Русија ги постави од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.

Порано во четврток, украинската премиерка Јулија Свириденко изјави дека прашањето за билатерален фонд за реконструкција - за кој Киев и Вашингтон се согласија во април - исто така било на дневен ред на нејзините разговори.

Извештаите од светските агенции наведуваат дека планот бара од Киев да се откаже од дел од својата територија и оружје, да ја намали големината на своите вооружени сили и да прифати намалување на американската воена помош, што беше неопходно за борба против руските сили.

Покрај тоа, на странските трупи нема да им биде дозволено да влезат во украинска територија, а Киев повеќе нема да добива оружје со долг дострел.

Зеленски ги отфрли претходните барања на Москва, Украина да отстапи територија или да ги намали своите вооружени сили, велејќи дека тоа само ќе ја ослабне Украина и ќе ја остави ранлива на друга инвазија во иднина.

Аналитичарите велат дека предлогот од 28 точки веројатно нема да добие поддршка во Киев.

Сепак, „Аксиос“, повикувајќи се на неименувани американски и украински претставници, објави дека украинскиот претседател на состанокот се покажал посмирен и се согласил за брз развој на планот.

Видете и ова: Зеленски ќе се сретне со американски одбранбени претставници по извештаите за контроверзниот мировен план

Зеленски по состанокот изјави на „Телеграм“ дека Украина е подготвена за „конструктивна, чесна и брза“ работа.

Белата куќа на прес-конференција објави дека државниот секретар на САД, Марко Рубио, и специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, се сретнале со украински претставници минатата недела за да разговараат за мировниот план. Таа додаде дека американската администрација го смета планот за прифатлив и за Украина и за Русија.

Рубио го опиша предложениот план како „список на потенцијални идеи за завршување на војната“, што укажува дека може да има простор за преговори.

Во видео објавено од Кремљ, на кое се гледа како рускиот претседател Владимир Путин ја посетува командната станица на западната група руски сили, рускиот лидер повика да се постигнат целите на инвазијата на Украина.

Борис Бондарев, поранешен руски дипломат кој поднесе оставка во знак на протест поради инвазијата на Украина, прашува дали Кремљ е навистина спремен да преговара, со оглед на условите на наводниот договор.

„Москва е подготвена да преговара уште од првиот ден од војната. Тие постојано го повторуваат тоа, секој ден. Тука нема ништо ново. Но, во какви преговори се подготвени да се вклучат“, праша Бондарев.

„Преговори како овие: Разговор за предавање на Украина? За што да се зборува кога ви се нуди истото што Путин го кажува од почетокот на војната: демилитаризација на Украина, денацификација и така натаму“, додаде тој во интервју за Current Time на РСЕ.

На бојното поле, украинските сили се борат да го спречат напредувањето на поголемата и подобро опремена руска армија, дури и кога претрпуваат вонредни загуби.

Русија се приближува кон клучниот град Покровск како дел од прокламираната цел на Путин да го контролира целиот источен регион Донбас во Украина.

Русија, исто така, ги напаѓа украинските градови и нејзината енергетска инфраструктура пред зимата, обидувајќи се да ги деморализира веќе исцрпените Украинци.