Извештај на ЕП: Билатералните прашања не смеат да бидат пречка за пристапување во ЕУ

илустрација

Нерешените билатерални прашања меѓу членките од ЕУ и земјите кои не се членки на Унијата треба да се решаваат билатерално и тие не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство, се наведува во Предлог-извештајот за Стратегијата на ЕУ за проширувањето на Европскиот парламент, во кој се потенцира дека некои од државите кои се стремат да се приклучат кон блокот веќе со години имаат статус на кандидати за членство.

„Проширувањето е една од најсилните алатки на ЕУ во надворешната политика и геополитиката и останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мир, стабилност и просперитет во Европа врз основа на заеднички демократски вредности и претставува историска можност со значајни социо-економски, политички и безбедносни предности и за ЕУ и за земјите опфатени со процесот на проширување“, се нагласува во Извештајот.

Како што јави МИА, при денешната презентацијата на документот пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент, известувачот, литванскиот европратеник Петрас Ауштевичиус изјави дека ЕУ мора да има стратегија за проширувањето, а не само еднократен план, и дека не смее да дозволи тој процес да биде држен во заложништво од која било земја членка, бидејќи се работи за обединување на Европа и зближување на Европејците.

Според него, проширувањето е особено важно во услови на руската агресија врз Украина и обидите на Русија да предизвика поделби во Европа и да оствари влијание врз одредени европски земји.

Литванскиот европратеник смета дека ЕУ мора да ја одржи функционалноста на пристапниот процес, па затоа мора да премине кон носење одлуки со квалификувано мнозинство и тоа мора да го направи навремено и на најтранспарентен начин.

„Цврсто верувам дека секоја земја кандидат посветена на членството, преку реформи и наша поддршка може да ја постигне својата цел и да стане полноправен член на нашата заедница“, додаде Ауштевичиус.

Видете и ова: ЕУ е подготвена за ново проширување, но кои ќе бидат следни членки и кога?

Во Предлог-извештајот се потенцира дека проширувањето е процес базиран на заслуги и секоја земја кандидат мора да биде оценета според сопствените заслуги во спроведувањето на Копенхашките критериуми, усогласеноста со законодавството на ЕУ и исполнувањето на сите дополнителни услови утврдени во рамката за проширување.

„Проширувањето е добитна опција и за сегашните и за идните земји членки и политичка итност од демонстрирање на посветеноста на ЕУ кон процесот на проширување. Проширувањето на ЕУ ќе ја зајакне европската безбедност. Иднината на Западниот Балкан, Украина и Молдавија е во рамките на ЕУ“, се наведува во извештајот.

Според документот, пристапувањето има и суштинско значење во поттикнувањето на регионалното помирување и стабилност, зголемување на отпорноста и заштита на земјите кандидати од штетно надворешно мешање.

Во извештајот се посочува дека „процесот на подготовка за проширувањето“ треба да се одвива паралелно и во ЕУ и во земјите кандидати и се повикуваат европските институции да ги преземат потребните реформи за да се осигура дека нивното неспроведување нема да го одложи пристапувањето на новите земји членки. Во документот исто така се изразува жалење што прекумерната употреба на консензусот постојано го забавува проширувањето на ЕУ и се потсетува дека член 49 од Договорот за ЕУ овозможува премин кон одлучување со квалификувано мнозинство без негови измени.

Европратениците имаат рок до 2 декември да поднесат амандмани на Предлог-извештајот, по што тој најверојатно ќе биде ставен на гласање на седницата на Комитетот предвидена за 15 јануари следната година.