Нов американски предлог за запирање на војната во Украина бара од Киев да се откаже од дел од својата територија и од дел од своето вооружување, јавуваат новинските агенции, додека украиннскиот претседател Володимир Зеленски престојува во Турција во обид да ја оживее мировните преговори.
Американските предлози исто така, како што јавуваат новинските агенции, вклучуваат намалување на големината на украинските вооружени сили и прифаќање на повлекување на американската воена помош, која била клучна за Украина во борбата против руските сили.
Дополнително, нема да бидат дозволени странски војници на украинска територија и Киев повеќе нема да добива оружје со долг дострел.
Предлозите, кои во детали ги објавија Фајненшл Тајмс (The Financial Times) и Ројтерс (Reuters), во голема мера се поклопуваат со цврстите барања кои Русија ги поставува од почетокот на годинава, кога американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да отвори директни преговори со Москва за војната во Украина.
Немаше веднаш јавен одговор од украинските официјални лица на овие извештаи. Еден украински функционер со директно познавање на предлогот ги потврди неговите содржини, но немаше дополнителни коментари.
Непосредно по објавувањето на предлозите, Зеленски објави порака на социјалната платформа Телеграм во која му се заблагодари на турскиот претседател за организирањето на последните преговори.
Тој исто така го пофали „одлучувачкиот чекор и лидерството на претседателот Трамп [и] секој силен и праведен предлог за завршување на оваа војна. И само претседателот Трамп и Соединетите Американски Држави имаат доволно сила за војната конечно да заврши.“
Зеленски требаше да се сретне со високи официјални лица од американското Министерство за одбрана во Киев на 20 ноември.
Предлозите можат да го стават Зеленски во тешка позиција.
Видете и ова: Зеленски во Турција, додека скандалот околу неговиот соработник се продлабочуваНа бојното поле, украинските сили се борат да ги задржат руските сили кои се поголеми и подобро опремени, иако руските сили претрпуваат огромни загуби.
Русија се приближува кон клучниот град Покровск како дел од целта на Путин да ја контролира целата источна област на Донбас.
Русија исто така ги бомбардира украинските градови и енергетската инфраструктура, со цел да ги деморализира веќе исцрпените Украинци.
Синоќа, руски крстосувачки проектили погодиле два станбени објекти во западниот град Тернопил, при што загинале најмалку 25 лица, а десетици биле повредени.
Зеленски претходно ги одбиваше барања од Москва, Украина да се откаже од територија или да го намали својот арсенал, велејќи дека тоа само би ја ослабило Украина и би ја изложило на потенцијална нова инвазија во иднина.
Дома, Зеленски е политички ослабен поради голем скандал со корупција кој го опфаќа дел од неговите министри и долгорочни бизнис партнери.
Украинските законодавци повикаа Зеленски да го отпушти својот шеф на кабинетот, Андриј Јермак.
Истражувањето за корупција се однесува на наводи дека средства наменети за изградба на одбрана за заштита на ранливата енергетска инфраструктура од руски воздушни напади биле присвоени преку поткуп за политички внатрешни лица.
Најблискиот сојузник на Зеленски
Јермак имал значајна улога во претходните дипломатски средби за постигнување примирје или мировен договор за време на целосната инвазија на Русија.
Тоа што не е избран од народот, Јермак е можеби најверниот политички сојузник на украинскиот претседател.
Но, сега тој се соочува со растечки притисок за отпуштање или оставка додека истрагата за висока корупција се засилува.
„Ако Јермак не биде отпуштен во наредните неколку дена, се плашам дека можеме да влеземе во целосна политичка криза дома,“ изјави Олена Прокопенко, постар член на Германскиот Маршал Фонд за Радио Слободна Европа.
Скандалот со корупцијата кулминираше минатата недела кога двете водечки украински антикорупциски агенции објавија докази со детали од нивните наоди.
Проблемот е уште поголем затоа што Зеленски се обиде да ја укине автономијата на агенциите за време на летото, но се повлече поради најголемите протести на улица од почетокот на рускиот напад во февруари 2022.
Откритијата веќе доведоа до оставки на министерот за енергија и министерот за правда, додека близок сојузник на Зеленски, Тимур Миндич, ја напушти државата.
Али Баба
Тајни снимки објавени од истражителите покажаа дека осомничените користеле кодни имиња. На 18 ноември, еден украински пратеник изјави дека едно од тие имиња, Али Баба, всушност е Јермак.
Пратеникот Јарослав Железњак рече дека снимките покажуваат дека Јермак наводно упатувал ненаведени официјални лица да истражуваат функционери од Националното антикорупциско биро на Украина (NABU).
Јермак не одговори на прашањата на РСЕ. Зеленски објави дека ќе се сретне со законодавци од неговата партија на 20 ноември, што предизвикува шпекулации дали Јермак можеби ќе биде отпуштен.
Додека политичката температура во Киев расте,две опозициски партии побараа оставка на целата Влада.