Зеленски во Турција, додека скандалот околу неговиот соработник се продлабочува

Андриј Јермак, заокружен, на снимка од видео споделено на Телеграм од претседателот Зеленски за време на посетата на Турција на 19 ноември.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Турција на 19 ноември во обид да ги оживее застојаните мировни преговори, додека расте притисокот врз украинскиот лидер и неговиот шеф на кабинет Андриј Јермак поради корупциски скандал.

Зеленски се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но дипломатски извор за Радио Слободна Европа изјави дека, Зеленски нема да се сретне со специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, кој исто престојува во Анкара.

Претходно, Јермак, кој патува со Зеленски, објави на социјалните мрежи дека „сите планирани средби се одвиваат според распоредот“ и дека тој е „во постојан контакт со претставници на администрацијата на Доналд Трамп, особено со специјалниот претставник на претседателот на САД, Стив Виткоф.“

Корупциската истрага што ѝ создава проблеми на украинската власт се однесува на наводи дека средствата наменети за изградба на одбрана, која треба да ја заштити ранливата енергетска инфраструктура на Украина од руски воздушни напади, биле пренасочени во форма на мито за политички инсајдери.

Јермак одигра значајна улога во претходните дипломатски средби насочени кон барање пат до примирје или мировен договор во услови на целосната руска инвазија врз Украина, која трае речиси четири години.

Видете и ова: Зеленски продолжува со патувањата среде корупциската афера во Украина

Како неизбран функционер, назначен директно на позицијата, Јермак можеби е најдоверливиот политички сојузник на украинскиот претседател. Но, сега тој се соочува со сè поголем притисок за разрешување или оставка, додека истрагата за високо ниво на корупција забрзува.

„Ако Јермак не биде отпуштен во следните неколку дена, се плашам дека може да влеземе во целосна домашна политичка криза,“ изјави Олeна Прокопенко, виша соработничка во Германскиот Маршалов Фонд, за РСЕ на 19 ноември.

Корупциските обвиненија кулминираа минатата недела кога двете водечки антикорупциски агенции во Украина објавија докази со кои ги детализираа своите наоди.

Проблемот е уште поголем поради тоа што Зеленски летово се обиде да ја намали автономијата на овие агенции, но беше принуден да се повлече од законските измени откако таа ги поттикна најголемите улични протести од почетокот на целосната руска офанзива во февруари 2022 година.

Тајни снимки објавени од истражителите покажаа дека осомничените работеле под кодни имиња. На 18 ноември, украински пратеник тврдеше дека едно од тие имиња – Али Баба – всушност било Јермак.

Пратеникот, Јарослав Железњак, рече дека записите покажуваат како наводно Јермак им наредувал на неименувани функционери да истражуваат претставници на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ).

Јермак, кој на 21 ноември полни 54 години, не одговорил на барањата за коментар од украинската редакција на РСЕ.

Зеленски објави дека ќе се сретне со пратениците од неговата партија „Слуга на народот“ на 20 ноември, што поттикна шпекулации дали Јермак може да биде отпуштен.