Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека по секоја цена сака да избегне национализација на Нафтената индустрија на Србија (НИС), која е под санкции на САД поради мнозинското руско сопствеништво. Министерот за финансии Синиша Мали, пак, порачува дека е време Србија да размисли за себе.
На седница на српската Влада, посветена на иднината на националната нафтена компанија, беше кажано дека конечната одлука мора да се донесе во рок од седум дена за да се овозможи работењето на НИС и на рафинеријата што работи во нејзин состав.
САД воведоа санкции врз НИС на 9 октомври со цел да се спречи Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина. Овие санкции претходно беа одложувани осум пати.
„Сакам по секоја цена да избегнам национализација и конфискација бидејќи тоа не е наша мнозинска сопственост. Прво сакам да ги исцрпам сите можности“, рече Вучиќ.
Видете и ова: Ѓердовиќ: Русите се подготвени да го препуштат управувањето со НИС на трета странаСрбија е единствената земја во Европа, заедно со Белорусија, која не се приклучи на санкциите на Европската Унија против Русија поради нејзината инвазија на соседна Украина.
Како што изјави Вучиќ, Русите разговараат за продажба на сопственоста во НИС со своите азиски и европски партнери.
„Се надевам дека азиските и европските партнери ќе се согласат да преговараат за сопственоста“, рече Вучиќ.
Тој исто така рече дека Србија е подготвена да понуди повисока цена доколку е потребно.
„Дури и ако преплатиме, не сакам ништо да одземам од никого. НИС и рафинеријата мора да работат“, додаде тој.
Во меѓувреме, сопственичката структура на НИС се промени неколку пати, но таа сè уште е во мнозинска сопственост на руски компании, додека Србија има 29,87 проценти удел.
Откако протокот на сурова нафта во Србија беше спречен поради американските санкции врз НИС, министерот за финансии Синиша Мали рече дека Србија имала доволно разбирање кон своите руски пријатели.
Сега, рече тој, е време Србија да размисли за себе и да ги земе работите во свои раце.
„Знам дека е тешка одлука, но нема друго решение. Мора да обезбедиме пари. Ако дојде до точка каде што третата страна нема да прифати преземање, ние мора да понудиме повисока цена“, рече Мали на владината седница.
Тој посочи дека дури и по 17 години работа во Србија, „руските пријатели“ не ѝ понудиле на Србија, земја домаќин и ко-сопственик на НИС, заедно да бараат решение.
„Оваа ситуација со НИС ни загрозува сè, нашиот раст, нашата стабилност, нашиот кредитен рејтинг, ги загрозува нашите перспективи, доаѓањето на нови инвеститори“, рече Мали.
Вучиќ одговори дека ја разбира неговата нервоза, но му рекол „да не ја шири“.
Претходниот ден, српските власти објавија дека САД не му дале на НИС „ниту еден ден да продолжи со работа“.
Видете и ова: Вучиќ најави разговори за енергетиката со руски, американски и европски партнериКако што изјави тогаш министерката за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, добиено е одобрение за преговори за сопственост, но „не и за НИС и рафинеријата да продолжат со работа“.
„Американската администрација сака целосна промена на сопственоста на НИС и бара целосно повлекување на руската сопственост од компанијата“, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.
Според официјалните пресметки, со државна помош од стоковите резерви, нафтата за преработка во Рафинеријата Панчево, која е дел од НИС, ќе биде достапна до 25 ноември.
Србија од домашно производство задоволува само една петтина од потребната количина нафта, според податоците од Агенцијата за енергетика на Србија. Остатокот од нафтата се увезува.
Во 2008 година, српската држава продаде 51 процент од акциите во НИС на руската државна компанија Газпром Нефт за цена од 400 милиони евра, без тендер.
НИС е единствената компанија во Србија што се занимава со истражување, производство и преработка на нафта, како и со производство на природен гас.