АХВ затвори 15 локали за храна во контроли на објекти околу училишта

Агенција за храна и ветеринарство

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрече 15 забрани за вршење дејност на оператори за храна во рамки на 445 инспекциски контроли што биле направени изминатите десетина дена.

Исто така, запленети и уништени се 696 килограми храна за кои инспекторите утврдиле дека е небезбедна и од непознати добавувачи.

Од АХВ велат дека во рамки на овие контроли акцентот го ставиле на локалните за храна кои се наоѓаат во близина на основните и средните училиште односно од местата каде учениците најчесто купуваат храна.

„Со спроведените контроли утврдено е дека 19 оператори ставале во промет небезбедна храна, кај 30 се утврдени незадоволителни хигиенски барања за безбедност на храната, а од вкупно контролираните, 26 не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство“, велат од АХВ.

Видете и ова: Колку е безбедна храната во старските домови и училиштата?

Понатаму, како што додаваат од Агенцијата, 16 објекти немале процедури за добра хигиенска и добра производствена пракса, во 32 вработените немале направено задолжителен здравствено-санитарен преглед, три локални немале задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, седум објекти не ги задоволувале техничките услови, додека а исто токму имале и несоодветно означена храна.

Покрај забраните за вршење дејност на 15 локални, за ваквите недостатоци инспекторите изрекле парични казни за 77 оператори во вкупна вредност од 36.470 евра. Биле издадени и 103 решенија до локалните да ги отстранат утврдените недоследности, како и 23 опомени.

АХВ, која ги спроведува овие контроли, е самостоен орган на Владата и под нејзина надлежност се прашањата од областа на безбедноста на храната и храната за животни, како и прашањата за спроведување, контрола и следење на ветеринарните активности во областа на здравствената заштита на животните.