Се интензивираат борбите на истокот на Украина околу градот Покровск на првата линија на фронтот, откако Русија изведе уште еден ноќен напад врз Киев во кој беше погодена цивилна инфраструктура.
Украинските власти соопштија дека во текот на ноќта биле испукани три ракети и 135 дронови, а противвоздушната одбрана на земјата уништила сè освен една ракета и 41 дрон. Нема пријавено жртви.
Нападите следуваат по уште поинтензивен оган претходната ноќ, кога 430 дронови и 18 ракети ранија најмалку 35 лица, таргетирајќи го главниот град на Украина. Шефот на киевската воена управа, Тимур Ткаченко изјави дека бројот на загинати се искачил на седум лица утрото на 15 ноември.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украински пар споделува на ТикТок стории за војна, издржливост и надеж
Како одговор, украинската војска соопшти дека нападнала објекти во Русија кои ги смета за клучни за воените напори на својот противник. Во соопштението се додава дека цели на нападот биле нафтена рафинерија во руската Рјазањска област и воен контингент во окупираниот дел од областа на Запорожје.
Судири околу Покровск
Во меѓувреме, Генералштабот на Оружените сили на Украина соопшти дека во последните 24 часа имало 265 судири меѓу руските и украинските сили долж линијата на фронтот. Речиси половина од тие судири се случиле во селата и областите околу Покровск.
Украинските трупи последните недели се под поголем притисок, а генерал Олександр Сирски, врховниот воен командант на Украина, ги посети единиците што се борат за контрола врз градот во источниот Доњецки регион.
Сирски рече дека клучните цели на Украина се да ја поврати контролата врз одредени подрачја, да ги заштити линиите за снабдување и евакуација и да создаде нови.
Украинската полиција се обидува да ги убеди жителите да го напуштат градот Покровск, додека руските сили ги засилуваат нападите.