„За правда нема да молиме, за правда ќе се бориме“: Марш во спомен на загинатите во „Пулс“

„Марш за ангелите“, Скопје 15.11.2025

„Нашите деца веќе немаат глас и затоа ние ќе зборуваме за нив“, порачаа родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска (15 ноември) во Скопје.

Семејствата кои секоја сабота маршираат во Кочани, денешниот, триесетти по ред „Марш за ангелите“ го организираа во главниот град каде имаше и триминутен молк во чест на сите чии животи згаснаа во пожарот на 16-ти март.

Протестот под слоганот „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ почна напладне на плоштадот „Македонија“.

„Марш за ангелите“: Сплотени еден до друг за правда


Потоа семејствата се упатија кон Собранието од каде побараа пратениците да формираат анкетна комисија и да организираат надзорна расправа. Но, исто така, потсетија и дека веднаш по трагедијата, пратениците заминаа на одмор и не го посетија градот кој остана завиен во црно.

„Треба да се собереме сите бидејќи во нас е моќта. Јас живеам само за борбата за правда за мојот син Александар. Не смеам да умрам додека нема правда. Нозете ми се тресат, но срцето ми дава сила“, порача во говорот пред Собранието, еден од родителите.

Повик за вистина и човечност

Таму се обрати и сопругата на Андреј од хип-хоп дуото ДНК, Наталија Ѓорѓиеска која посочи дека протестот не е политички повик, туку „повик за вистина и човечност“.

„Загубата не е бројка, туку живот. Таа е сериозна навреда на најосновните човекови права. Бараме да се утврди зошто интитуциите задоцнија. Никој не треба да живее во мислата дека некој можел да биде спасен, а не бил. Бараме да се утврди вистината каде се случиле пропустите, кој не реагирал, кои институции задоцнија. Која ја имал должноста да спречи, а не спречил“, порача Ѓорѓиеска.

На семејствата на загинатите им се придружија и нивни сограѓани, но и скопјани кои дојдоа да дадат поддршка. Тие порачаа дека секогаш кога одат во Кочани ја чувствуваат нивната болка.

„Јас не сум од Кочани, но исто како да сум. Мора да се бориме за иднината на секоја генерација, затоа што нашата држава повеќе личи на казна, наместо на дом. За правда нема да се молиме, за правда ќе се бориме“, истакна младата Анастасија од иницијативата „Кој е следен“.

Оваа граѓанска иницијатива се вклучи во организацијата на маршот заедно со Здружението на граѓани „16 Март 2025“.

Маршот заврши пред Кривичниот суд каде родителите порачаа дека умираат секој ден и бараат државата да обезбеди фер, транспарентно и навремено судење.

„Марш за ангелите“: Сплотени еден до друг за правда

Денешниот марш се одржува во пресрет на првото судско рочиште за трагедијата која беше кобна за 63 лица, а повредени беа 200. Судењето е закажано за 19 ноември во судницата на КПУ Идризово.

Случајот опфаќа 38 обвинети односно 35 физички и три правни лица.

Судот најави дека ќе преземе засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа.