„Марш за ангелите“ во Скопје во спомен на жртвите од пожарот во Кочани

„Марш за ангелите“ во Кочани/Фотоархива

Во организацијата на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“, денеска, со почеток во 12:05 часот ќе се одржи 30. протестен марш „Марш за ангелите“ кој ќе започне од плоштадот „Македонија“.

Како што наведуваат организаторите, маршот има за цел да ја потсети јавноста на потребата од упорна и сплотена борба за правда.

– Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, ако ја пронајдеме заедничката точка на сплотување и ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот, порачуваат организаторите.

Видете и ова: Нова компресивна облека донирана за повредените од пожарот во Кочани

Тие ќе се движат од плоштад „Македонија“, покрај Собранието, до Основниот кривичен суд – Скопје.

Пред Собранието и Судот се најавени говори и обраќања, а две централни изјави ќе бидат дадени на самиот почеток на протестот.

По десетиците маршеви во Кочани, денешниот во Скопје, всушност се одржува во пресрет на првото судско рочиште за оваа трагедија. Рочиштето е закажано за 19 ноември, а според обвинителниот акт, 34 физички и три правни лица се товарат за тешки дела против општата сигурност. Процесот ќе го води тим од петнаесетина обвинители, најави државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.