Граѓанската иницијатива Супорт Кочани (Support Kocani) ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација, информираат од иницијативата.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари.
Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
Видете и ова: Надлежните уверуваат дека судењето за трагедијата во Кочани ќе се одвива непреченоИницијативата, велат оттаму, и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Претходно, оваа граѓанска иницијатива соопшти дека е извршена и втората распределба од заедничката сметка за донации од близу 11 милиони денари.
Во објавената видео информација на фејсбук профилот на „Супорт Кочани“ се вели дека од вкупната сума од 10. 944.793 денари еден милион денари се за данок на државата. Останатите се еднакво распределени на 137 лица во износ од по 71. 900 денари за секој.
Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ беше формирана со цел да им помогне на настраданите по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март во кој загинаа 63 лица, а повеќе од двесте беа повредени.
Судењето за пожарот во „Пулс“ ќе почне на 19 ноември во судницата во КПУ „Идризово“.
Ќе им се суди на 34 обвинети и на три фирми.