Починаа уште две лица, десет дена по пожарот во Пензионерскиот дом во Тузла

Зградата на Пензионерскиот дом во Тузла утрото по пожарот, ноември 2025.

Две лица, кои беа повредени во пожарот во Домот за пензионери во Тузла на 4 ноември, починаа, според наводите од извештајот на Универзитетско-клиничкиот центар Тузла од утрото на 14 ноември. Бројот на загинати со ова се зголеми на 15.

„Во текот на изминатите 24 часа во УКЦ Тузла починаа двајца пациенти. Моментално на хоспитализација се наоѓаат пет пациенти“, се наведува во извештајот објавен десет дена по овој пожар.

Од УКЦ наведуваат дека од петтемина хоспитализирани, на Клиниката за анестезиологија и реанимација се наоѓаат двајца пациенти, од кои едниот е на респиратор. На Клиниката за интерни болести се лекува едно лице повредено во пожарот, а на Клиниката за белодробни болести двајца.

Причината за пожарот сè уште не е позната.

„За причините за пожарот ќе ја информираме јавноста кога ќе се анализираат извештаите и наодите од мислењата на стручните лица и истражителите“, соопштија од Обвинителството на Тузланскиот кантон (ТК) на 6 ноември.

Видете и ова: Единаесет загинати, 30 повредени во пожар во пензионерски дом во Тузла

Наведоа дека увидот е завршен и дека оваа институција во наредниот период ќе ги достави извештаите до Секторот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи (МВР) на тој кантон.

Според прелиминарните резултати од досега извршените обдукции, кои вештаците усно му ги пренеле на Обвинителството минатата недела, 11 лица починале како последица на гушење, односно труење со јаглерод моноксид.

Директорот на Тузланскиот пензионерски дом, Мирсад Бакаловиќ поднесе оставка на 5 ноември.

Оваа установа самата се финансира од приходите што ги остварува и, според изјавата на директорот дадена во јануари за N1, не е на ниту еден буџет.

Градот Тузла е сопственик на зградата на Домот за пензионери и ја именува управата, но немаат субвенции ниту пари од буџетот.

Федералниот премиер Нермин Никшиќ вети владина помош за згрижување на лицата кои се сместени во Домот за пензионери.