Државната изборна комисија ги прогласи локалните избори за официјално завршени

Северна Македонија - прес-конференција на Државната изборна комисија за вториот круг од локалните избори 2025 година, 2 ноември 2025 година.

Државната изборна комисија (ДИК) на седница што ја одржа на 12 март ги прогласи локалните избори во Северна Македонија за официјално и конечно завршени.

Членовите на ДИК го донесоа и дополнувањето на заклучокот за конечност на резултати од гласањето на вториот круг за избор на градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје и Заклучокот за завршување на локалните избори 2025 за избор на членови на советите на општините, совет на Град Скопје и градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје.

Претседателот на ДИК Борис Кондарко истакна дека денеска е рокот кога ги објавуваат конечните резултати и заклучокот за завршување на изборите, откако вчера ги добиле официјално и одлуките на Управниот суд со кои се одбиени сите тужби, односно со кои се потврдени одлуките на ДИК за одбивање на претходно донесените приговори.

Приговори и тужби имаше поднесно за гласањето во општините Брвеница, Карпош и Шуто Оризари.

Видете и ова: И новите градоначалници никој не ќе може да ги смени

Локалните избори се одржаа на 19 октомври (прв круг) и на 2 ноември(втор круг). Според резултатите од двата круга на локалните избори, коалицијата предводена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.

Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.

Две општини ќе ги водат независни кандидати.