Парламентот на Црна Гора одобри учество на војската во мисијата на НАТО за поддршка на Украина

Црна Гора - од прославата на Денот на војската на Црна Гора, Даниловград, 2024 година.

По девет месеци „чекање“, Парламентот на Црна Гора на 12 ноември усвои одлука за приклучување на Армијата на Црна Гора во активностите на НАТО за воспоставување безбедносна помош и обука за Украина (НСАТУ).

За одлуката гласаа 44 пратеници, петмина беа против, а двајца беа воздржани.

Одлуката е донесена врз основа на предлогот усвоен од Советот за одбрана и безбедност на 7 февруари.

Членовите на Советот се согласија во тоа време дека активностите на припадниците на Армијата во рамките на НСАТУ можат да се спроведуваат исклучиво на територијата на една од земјите - членки на НАТО.

НАТО, меѓу другото, ќе ја координира обуката на украинските безбедносни сили.

Министерот за одбрана Драган Краповиќ изјави дека одлуката за продолжување на поддршката на Украина е донесена на самитот на НАТО во Вашингтон минатата година.

Демократската народна партија (ДНП), една од партиите на владејачкото мнозинство, се спротивставува на оваа одлука.

„Тоа може само дополнително да ги загрози нашите односи со Руската Федерација. Би било попаметно да се држиме настрана од конфликтите на никого“, рече Владислав Бојовиќ, пратеник на ДНП.

Ова е една од двете таканаречени „украински мисии“ по руската инвазија во февруари 2022 година во кои се очекува да учествува и Црна Гора. Другата ја организира Европската Унија(ЕУ).

И таа одлука - учеството на црногорски војници во Мисијата за воена помош на Европската Унија во Украина (ЕУМАМ) чекаше 9 месеци за усвојување во Парламентот, од септември 2024 до јуни 2025 година.

Видете и ова: Пад на поддршката на НАТО во Црна Гора, покажува истражување

Парламентот го води лидерот на прорускиот Демократски фронт, Андрија Мандиќ.

Опозицијата потоа го обвини Мандиќ, кој е противник на НАТО и поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, дека го попречува усвојувањето на одлуката.

Неговата партија, која е дел од владејачката коалиција, се спротивставува на членството во Алијансата и на санкциите што Црна Гора ги воведе врз Русија поради нејзината агресија врз Украина.

Црна Гора се приклучи на НАТО во 2017 година за време на владеењето на Демократската партија на социјалистите (ДПС), која беше отстранета од власт во 2020 година.

Судбината на долгорочниот договор меѓу Украина и Црна Гора е неизвесна.

Договорот за десетгодишна безбедносна соработка што треба да го потпишат премиерот Милојко Спајиќ и украинскиот претседател Володимир Зеленски речиси и не се споменува, иако можноста за пристигнување на Зеленски во Подгорица во оваа пригода беше спомената во мај од претседателот Јаков Милатовиќ.

Договорот се однесува на поддршка во случај на вооружен напад, инвестиции во одбранбената индустрија, разузнавачка соработка, како и обнова на воено разурната Украина.

Сличен договор со Украина потпишаа околу 30 земји, главно членки на НАТО.

И тој договор, откако ќе биде потпишан, треба да биде ратификуван од Парламентот.