Во периодот јули 2024-јуни 2025 година бројот на илегални преминувања на надворешните граници на ЕУ бележи намалување на 35 отсто, се наведува во Првиот годишен извештај за управување со миграцијата што го објави Европската комисија.
Во извештајот се наведува дека во периодот што тој го опфаќа, од јули 2024 до јуни 2025 година, е нотирано континуирано подобрување на миграциската состојба, со намалување на илегалните гранични преминувања за 35 отсто, како резултат на подобрената соработка со земјите партнери на ЕУ.
Во документот се нагласува дека и покрај овој напредок, остануваат предизвици поврзани со континуираниот притисок од нерегуларните пристигнувања и движења во рамките на ЕУ, со сместувањето на бегалците од Украина, со злоупотребата на миграцијата од страна на Русија и Белорусија на надворешните граници, како и со соработката во однос на враќањето и реадмисијата на илегалните мигранти.
„Земјите членки продолжуваат да напредуваат во спроведувањето на Пактот за миграција и азил и во обезбедувањето нивните национални системи за азил, прием и миграција да бидат подготвени до јуни 2026 година. Сепак, постои општа потреба да се забрза темпото на овие реформи. Постојаниот напредок во спроведувањето на сите компоненти на Пактот, трендот на намалување на нерегуларните пристигнувања и проекцијата за следната година, заедно со охрабрувачките резултати од сеопфатната соработка со земјите партнери, поставуваат солидна основа за ефикасно управување со миграцијата и азилот“, заклучува Европската комисија.
Видете и ова: Бројот на мигранти во Велика Британија достигна нов рекордВо Извештајот се оценува дека Грција, Италија, Кипар и Шпанија се „под миграциски притисок“ како резултат на високото ниво на пристигнувања на мигранти во текот на изминатата година, поради што овие четири земји ќе имаат приоритет во остварувањето на правото на помош од Фондот за солидарност, кој би требало да стане оперативен со стапувањето во сила на Пактот за миграција и азил.
Од друга страна, за Белгија, Бугарија, Германија, Естонија, Ирска, Летонија, Литванија, Полска, Финска, Франција, Холандија и Хрватска, Комисијата проценува дека се изложени на „ризик од миграциски притисок“, како поради големиот број пристигнувања на мигранти во текот на претходната година, така и поради актуелната преоптовареност на нивните системи за прием.
За Австрија, Бугарија, Естонија, Полска, Хрватска и Чешка, се оценува и дека се соочуваат со „сериозна миграциска ситуација“ поради миграциските притисоци од последните пет години.
Според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер клучно за успехот на ЕУ во справувањето со предизвиците со миграцијата и азилот е зачувување на рамнотежата помеѓу солидарноста и одговорноста.
Извештајот дава сеопфатен преглед на состојбата со азилот и миграцијата во ЕУ и ги идентификува миграциските предизвици со кои се соочуваат земјите членки. Дополнително, со промоцијата на овој документ, Еврокомисијата предложи и создавање на Годишен фонд за солидарност.
ЕК најави и дека наскоро ќе објави и тендер вреден 250 милиони евра за поддршка во набавка на дронови и системи за справување со беспилотните летала, со цел за да им помогне на земјите членки кои се соочуваат со хибридни закани и зголемени упади на дронови.