Петнаесет обвинители ќе го застапуваат предметот за пожарот во „Пулс“

Љупчо Коцевски

Истрагата за полициските службеници, во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, беше предвидено да заврши до крајот на септември годинава, меѓутоа имаше објективни околности околу сослушување на одредени сведоци, со тоа што најверојатно на почетокот на наредниот месец ќе се донесе и јавнообвинителска одлука, изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, прашан до каде се другите истраги и предистраги за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Во однос на предистрагата за службениците од УЈП, Коцевски рече, дека се води предистражна постапка во ОЈО Кочани и надлежниот јавен обвинител дал одредени наредби до надлежните институции за преземање на одредени процесни дејствија.

„Во тој дел не можеме се уште ништо да кажеме повеќе“, рече Коцевски.

Видете и ова: Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе почне на 19 ноември

Судскиот процес за случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани почнува следната недела, на 19 ноември и, како што рече Коцевски, Јавното обвинителство има екипираност и веќе се договорени околу начинот на кој обвинителите ќе го застапуваат предметот. Тој уверува дека од страна на ЈО нема да има никаков проблем во однос на судењето.

„Во судница ќе го застапуваат обвинението истите обвинители што беа и досега, меѓутоа морам да нагласам дека вчера имавме состанок, најверојатно уште неколку обвинители ќе ангажираме имајќи предвид, да не се отежне односно да не се наруши постапката на другите обвинители, што имаат други предмети, што значи дека можеби не секогаш ќе присуствуваат сите обвинители, меѓутоа секогаш ќе има обвинители за да не се одолговлекува постапката или да не се одлага по, да не речам, вина на обвинителството“, изјави Коцевски, одговарајќи на новинарски прашања пред денешната седница на Советот на јавни обвинители.

За најголемата трагедија што се случила во Северна Македонија на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми. Меѓу нив, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководеле со ноќниот клуб.

За случајот со „Пулс“ на 5 септември, обвинителството поднесе уште еден обвинителен акт против сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.

Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК, кога искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо. Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 63 лица и над 200 беа повредени.